Дејвид Гир: Што и да ѝ претстои на земјата во 2022 година, ЕУ и нејзините земји-членки ќе бидат покрај неа

Светот во 2022-та

„Предизвикот за Северна Македонија ќе биде да го задржи, па дури и да го зголеми темпото на реформите, особено во клучните области на владеењето на правото, како што се судството, борбата против корупцијата и заштитата на основните права.“

„Оптимист сум дека следната година, заедно, не само што ќе се справиме со заедничките предизвици, туку и ќе направиме квалитетни чекори кон интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, вели Н.Е. Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, во интервјуто за „Економист: Светот во 2022-та“.

Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија

Кои ќе бидат најголемите предизвици за Република Северна Македонија во 2022 година?

Гледајќи наназад во 2021 година, ова не беше лесна година. Пандемијата опстојува и продолжува да влијае на нашите животи. Нашите економии се борат да закрепнат од ефектот на ковид-19 додека се соочуваат со предизвици поврзани со енергетиката, синџирот на снабдување и со ризиците од инфлација.

Европа се соочи со некои значајни гео-политички предизвици во Авганистан, но исто така, поблиску до дома, и од Белорусија, природни катастрофи (вклучувајќи страшни поплави и шумски пожари), додека се справуваше со хибридни закани и дезинформации.

Многу од овие предизвици веројатно ќе останат во 2022 година. Тие исто така може да имаат импликации за Северна Македонија.

Нестабилноста на глобалниот енергетски пазар ги разоткри структурните проблеми на големата зависност на Северна Македонија од увозот на електрична енергија, дури и додека се залага за транзиција кон позелени енергетски извори во согласност со нејзините заложби од Зелената агенда за Западен Балкан. Овие прашања треба дополнително да се решат во 2022 година, без разлика дали ситуацијата ќе се стабилизира или не во врска со глобалните енергетски резерви.

Во врска со ковид-19, можеби е обесхрабрувачки да се види појавата на нови варијанти. Но вакцините се достапни и тие докажуваат дека нè штитат во голема мера. Податоците во ЕУ покажуваат дека стапката на смртност од ковид-19 е најниска во земјите со највисока стапка на вакцинација (како што се Португалија, Шпанија и Малта).

ЕУ ѝ помогна на Северна Македонија да добие вакцини: преку билатерални донации од земјите-членки и преку директен грант со Министерството за здравство во вредност од 8,2 милиони евра.

Сега што е можно повеќе граѓани треба да се вакцинираат. Треба да ѝ веруваме на науката и да се вакцинираме. Среќен сум што ги примив трите дози на вакцина овде во Скопје.

 За Северна Македонија ќе има и одредени специфични предизвици. За повеќето од нив, земјата ќе мора да го преземе водството. А некои ќе бараат акција од страна на ЕУ.

Почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија останува јасен приоритет за ЕУ. Како што повеќе пати изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен: сакаме да видиме почеток на пристапните преговори што е можно поскоро. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите-членки за нацрт-преговарачката рамка.

Паралелно, Софија и Скопје треба да продолжат да се ангажираат за да постигнат договор за билатерални прашања. Наспроти ова, со нетрпение очекуваме итно да ги одржиме првите меѓувладини конференции.

Напредокот во пристапните преговори е главна задача, која бара ангажман од целата земја/целото општество и соработка од страна на сите политички партии. Владата ќе има потреба од структури и експерти подготвени да се вклучат во процесот, а истовремено да продолжи со имплементација на реформите.

Собранието треба да го усвои релевантното законодавство во согласност со стандардите и практиките на ЕУ. Медиумите, граѓанското општество и бизнисот, исто така, ќе имаат улога во напредување на реформите, во придонесувањето со идеи и подигањето на свеста за прашањата што треба да се решат. Сето ова се потпира на висок степен на политичка стабилност.

Реформите се, пред сè, во интерес на граѓаните. Нивната имплементација не само што ќе донесе опипливи придобивки, тие се исто така суштински за постигнување напредок на патот кон членство во ЕУ.

Затоа, предизвикот за Северна Македонија ќе биде да го задржи, па дури и да го зголеми темпото на реформите, особено во клучните области на владеењето на правото, како што се судството, борбата против корупцијата и заштитата на основните права.

За животната средина: итноста во оваа област е очигледна сега, во зима, кога сите дишеме загаден воздух во градовите во различни делови на земјата.

А да не ги споменуваме и другите вознемирувачки знаци: диви депонии и други нерегулирани локации за отпад што ја загадуваат инаку прекрасната природа; наплив на пластика и други отпадоци што ги загадуваат реките, езерата и земјиштето; појавата на „општество на фрлање„ ширум ЕУ и Западен Балкан без оглед на последиците за животната средина; губење на биолошката разновидност.

И, сето ова се случува во заднината на глобалното затоплување.

Зелениот договор на ЕУ, кој се стреми да го реши последното прашање, се состои од практични дејствија што треба да ги спроведеме сите ние – сегашните и идните земји-членки.

Станува збор за ублажување на климатските промени и запирање на деградацијата на животната средина, истовремено промовирајќи одржлив економски раст.

Северна Македонија се обврза да работи на овие цели заедно со ЕУ преку Зелената агенда за Западен Балкан. Сега е од суштинско значење властите на сите нивоа, со помош на бизнисите и граѓанското општество, да ја спроведат оваа заложба во пракса – преку иницијативи и практични активности. ЕУ може да помогне.

На крај, што и да ѝ претстои на земјата во наредната година, ЕУ и нејзините земји-членки ќе бидат покрај неа. Заедно сме во ова. Оптимист сум дека следната година, заедно, не само што ќе се справиме со заедничките предизвици, туку и ќе направиме квалитетни чекори кон интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Годишникот Економист: Светот во 2022-та можете да го купите на познатите продажни места низ републиката или онлајн кликнувајќи ТУКА.

Текс и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.