Кристијан Поленак: „Треба да градиме оптимизам и на секој млад човек да му дадеме јасен приказ на патот до успехот“

Интервју за „Економист- Светот во 2022-та“

„Општественото раководство е должно да ги препознае нашите шампиони и да ги промовира со заслужена почит и признание“, меѓу другото вели управниот партнер во адвокатската компанија „Поленак“.

На секое разумно битие на планетава добро му се познати здравствените предизвици со кои се соочуваше човештвото во текот на 2020 и 2021 година. За среќа, 2021 г. донесе релативно подобрување со вакцинација на населението и со подобрите сознанија како да се адресираат ризиците што ги носи опасниот вирус.

Тоа внесе доза на оптимизам во бизнисот и кај претприемачите, што доведе до релативна економска стабилизација.

Релативна, затоа што се соочуваме со други, стари и нови, предизвици: во производството и набавката на енергија (струја, гас) и со поврзаните трошоци на компаниите, недостигот на квалификувана работна сила, нестабилноста во владеењето на правото и правораздавањето, инсуфициенција на капацитет кај администрацијата, бариери во повеќе сегменти на работењето (извозни/увозни давачки, несигурност во даночните третмани и фискалните давачки), неизвесност предизвикана со нови и несовршени законски решенија, избори и политичка неизвесност (повторно!).

Но од нас се бара да гледаме напред и да размислуваме за подобра иднина. Не сум ниту првиот, ниту единствениот што апелира на примена на идеите подолу, кои ги имам препознаено низ моjата професија и општествено искуство:

Кристијан Поленак, управен партнер во адвокатската компанија „Поленак“

Да ги поддржиме шампионите! Еден пријател од најголемата демократија уште пред 20+ години велеше дека треба да градиме лидери. Тоа е задача на сите активни чинители во едно општество.

Треба да градиме оптимизам и на секој млад човек да му дадеме јасен приказ на патот до успехот, било да е тоа деловно, научно или политичко постигнување.

Во морето на трагедии и несреќи, разочарувања и откажувања, некако забораваме дека постојат поединци и компании што се светли примери за успешност, посакувани работодавачи и деловни партнери, реализирани професионалци или признати спортисти.

Многу ми пречи секојдневието оптоварено со негативни сценарија и шпекулации, лажни и монтирани вести, распарчување на секоја успешна приказна со барање на некоја „заднина“ или со доделување или оправдување преку припадност кон партија, нација или вера.

Затоа, општественото раководство е должно да ги препознае нашите шампиони и да ги промовира со заслужена почит и признание. Воспоставувањето систем на вистински вредности бара препознавање на лидерите што своите достигнувања ги темелат врз почитување на таквите вредности во градбата на својот успех. Нивното препознавање и промоција ќе им овозможат основа за надградба и светилник на патот. т.н. raw model на идните лидери затоа што само лидери што се изградени низ квалитет и што имале високи очекувања за себе може да препознаат и изградат лидери на иднината.

Да го задржиме курсот! Нашиот курс е зацртан во 1990-ите години: парламентарна демократија и пазарна економија со аспирација за евро-атлантска интеграција. По успешната целосна интеграција во НАТО, ние сè уште талкаме во патешествието наречено Европска Унија.

Повеќемина веќе анализираа дека отворените прашања нема да ни овозможат отпочнување на преговори за членство во блиска иднина.

Се надевам дека тоа не е точно, но често забораваме на константата што повеќе од две децении ја дискутираат неколку умни глави во нашава држава: не ни е неопходна ЕУ(!) за да ги исчистиме ѓубрето и шутот, да обезбедиме стабилност на правната рамка, да ги подобриме условите за работа и продуктивноста на работниците, да имаме помала и ефикасна администрација, да го подобриме капацитетот на институциите со именување и назначување на квалитетен и независен кадар…

Оттука, без вложување на напор за завршување на нашите „домашни задачи“ тешко ќе се спротивставиме на евидентните и сѐ погласни оспорувања на курсот по кој се движи државата.

Јавната перцепција за подржавување на економијата и централизирање на економската моќ во рацете на неколкумина избрани, најчесто политички поставени индивидуи или поврзани компании, нелојалната конкуренција и неефикасната правна држава воопшто не помага во одржувањето на зацртаниот курс.

Да ги детектираме и отстрануваме пречките! Евидентно е дека слабата и раситнета политичка елита тешко ќе се справи со насушната потреба за професионализација, капацитет и за квалитет на институциите. Ако ги додадеме и зачините на изборната демократија наречени популизам и политички (читај: партиски) компромиси, станува кристално јасно дека предизвикот пред кој е исправено македонското општество е сериозно голем, но не и нерешлив.

Додека за детекција имаме доволно капацитет во сите сегменти на општеството (отворете ФБ или Твитер), отстранувањето на пречките и решавањето на напластените проблеми се во рацете на политичката елита.

Но за разлика од општествената елита, која ги вклучува искусните и мудри, независни и признаени, интелектуалци, бизнисмени, научници… политичката елита секогаш не ги обединува индивидуалната желба (амбицијата) и можноста (капацитетот) за носење на вистинските решенија.

Оттука, според мене, идната одржливост на системот и на општеството во целина во голема мера зависи од свеста кај политичката елита за потребата од поширок и активен ангажман на општествената елита, со нејзино вклучување во процесите што во моментот се ексклузивно резервирани за избраните претставници.

Со инклузивност и мобилизација на сите наши капацитети може да се единствениот одговор на предизвикот за отстранување на пречките што се поставени пред развојот на македонското општество.

Доколку сакате да го набавите годишното издание на престижниот „Економист“, кое четврти пат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на „Колор медија плус“, кликнете ТУКА (или побарајте го на сите поголеми продажни места низ државата).

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.