Светот во 2022-та: Кисела Вода ќе биде модерна, транспарентна и ефикасна општина

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода: „Започнав ново поглавје во општината, во кое функционира правната држава и криминалот се казнува“

„Од првиот ден во општината како градоначалник започнав со исполнување на проектите од мојата предизборна програма“, го почнува нашиот разговор за престижниот „Економист: Светот во 2022-та“ г. Орце Ѓорѓиевски.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода

За само еден месец, речиси сосема ја реконструиравме Пушкинова со сите нејзини краци, започнавме со изградба на фекална канализција на улицата Речиште зa тамошните жители, кои 30 години чекаат решение на овој проблем, изградивме паркинг-простор во населбата Драчево, депонијата во местото Дупки ја исчистивме и на тоа место градиме парк, интензивно работиме на подигнување на хигиената во општината.

Јас сум човек кој си стои на зборот.

Сите проекти што ги ветив, моите сограѓани ќе ги добијат. И самиот, како човек, сакам јасна и чиста слика за нештата, без паушални објаснувања. Токму затоа, во постапка е подготовка за распишување на меѓународен конкурс за избор на независна ревизорска куќа, која ќе врши ревизија на целокупното досегашно финансиско работење.

Добиените извештаи и анализи ќе ѝ ги ставиме на увид на јавноста, а транспарентноста ќе биде главна одлика и при мојата работа како градоначалник. Промените веќе започнаа.

Кога зборуваме за промени во начин на работа, деновиве гледаме слики што не се чести во јавноста. Во Драчево беше урнат нелегално изграден објект, а најавивте дека ова ќе биде судбината на сите подигнати градби без документација.

Точно така. Најавив и спроведувам нулта толеранција на беззаконие, на градење на диво што се случувало без издадено одобрение, а пред очите на претходната општинската администрација. Сите оние кои го прекршиле законот, ќе бидат санкционирани и нема да дозволам ниту еден моќник да се постави над законот и над другите граѓани.

Секој што сака да гради, да инвестира и ги почитува законски предвидените процедури, ја има мојата целосна поддршка. Започнав ново поглавје во Кисела Вода во кое функционира правната држава, во кое криминалот се казнува. Кисела Вода ќе биде општина во која секој граѓанин ќе биде еднаков, општина за сите луѓе. И тоа не само декларативно.

 Што е со досега донесените Детални урбанистички планови, како ќе се справите со хаосот во урбанистичкото уредување на Кисела Вода?

Повторно, си стојам на зборот. Им ветив на моите сограѓани целосна ревизија на Деталните урбанистички планови и точно тоа се случува. При тоа, објект на интерес на стручната комисија за урбанизам не се само завршените, туку и актуелните ДУП-ови, кои се во фаза на носење.

Сакам да назначам дека ревизијата не значи само воочување грешки, туку значи и нивна корекција, но транспарентно и со учество на граѓаните.

Во таа насока, до крајот на годината, Општина Кисела Вода ќе објави повик до граѓаните за доставување забелешки и предлози за сите важечки урбанистички планови. Граѓаните ќе бидат важен чинител и при донесувањето на новите урбанистички планови.

Преку формирање на партиципативно тело, тие рамноправно ќе учествуваат во процесот и ќе помогнат во моето начело – секој донесен ДУП да биде целосно во согласност со законите и постулатите за хумано живеење.

 Каква е вашата стратегија во поглед на економскиот развој на локално ниво?

Работам на комплетна промена на имиџот на Кисела Вода, како основен предуслов за силен економски развој. Промените што веќе почнаа да се случуваат, ќе ја направат Кисела Вода поволна почва за инвестирање. Со тоа даваме значаен влог во најголемиот проблем во државата, невработеноста.

Сакам да најавам дека планирам формирање на две нови технолошко-развојни зони во општината и тоа Зона Драчево и Зона Чупријан, во кои ќе се вработат огромен број наши сограѓани.

Веќе сме во преговори со неколку потенцијални инвеститори, кои имаат капацитет да вработат повеќе од 2.000 луѓе во секторот лесна индустрија, во трговијата, образованието и во ИТ-секторот. Имињата на овие компании нема да ги откријам до завршувањето на преговорите. Но инвестициите не се предвидени само во новите индустриски зони.

Подобрувањето на деловната клима во Кисела Вода ќе донесе инвестиции во целата општина. И општината и јас, како нејзин градоначалник, сме отворени за предлозите и барањата на бизнис-заедницата се со цел, заеднички да постигнеме подобар економски развој на Кисела Вода.

Дополнително, работиме и на проект за поголема енергетска независност на општината, но во моментов сме во фаза на планирање.

 На кој начин ќе ја подобрите достапноста на услугите, има ли шанса за скратување на административните процедури, кои во голема мера ја отежнуваат работата на бизнис-заедницата?

Времето на партиски вработувања на некомпетентни лица на несоодветни позиции и толериранцијата на лежерност, неработење, па дури и недоаѓање на работа во Општина Кисела Вода е завршено. Работа ќе има за само за оние кои се способни и вредни и кои ќе можат да ја следат динамиката на новото време.

На таа тема нема преговори и толеранција. Всушност, ефикасноста се мери преку прикажаните реултати.

За илустрација, само за еден месец, откако сум во општината, решивме дури 300 предмети за легализација и очекувам дека целиот процес на легализација во Кисела Вода ќе заврши за една година. Во контекст на обезбедување поголема достапност на услугите и забрзување на административните процеси, воведовме и втора смена на работење за општинската Архива, до 20 часот.

Сакам да најавам дека започнавме подготовки за издавање на извод од урбанистички план по електронски пат, како прв чекор кон комплетната дигитализација на општината. На овој начин ќе овозможиме наместо за изводот да се чека, како досега, по 7 и повеќе денови, истиот да се добие веднаш, на шалтерот во општината.

Покрај ова, во процес на подготовка е и процедурата со која граѓаните или правните лица при поднесување на барање на шалтер ќе добиваат лозинка и со неа, по електронски пат ќе можат да го следат патот на својот предмет. Кисела Вода ќе биде модерна, транспарентна и ефикасна општина.

Неодамна ја стартувавте кампањата „Моја земја, мој дом”. Какви се вашите очекувања од неа?

Преку „Моја земја, мој дом” упативме повик до сите граѓани кои успешно го завршиле процесот на легализација да го докомплетираат својот имот, односно да го откупат земјиштето под објектот и дворното место по цена од едно евро за квадрат.

Со целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода, граѓаните кои порано стравуваа за иднината на својот дивоизграден објект, сега имаат можност да имаат уредна документација за сопственост и на објектот, но и на земјиштето.

Очекувам дека нашите жители ќе ја препознаат одличната можност да бидат, што се вели, свои на своето и целосно да располагаат со имотот. Информациите за целокупниот процес се достапни на општинската веб-страница, а секако, на располагање за информации стојат и општинските службеници.

Доколку сакате да го набавите годишното издание на престижниот „Економист“, кое четврти пат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на „Колор медија плус“, кликнете ТУКА (или побарајте го на сите поголеми продажни места низ државата).

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.