Знаењето и усовршувањето се темелите на успехот на „Хај Тек“ – водечкиот европски производител на електронски печатени плочки

Саво Станковиќ, сопственик на корпорацијата HI-TECH, за „Економист: Светот во 2022-та“ – „Јас сè уште ги користам своето искуство и визионерство, давајќи одлучни насоки за плановите во иднина.“

Како што изминува 2021 година, забележуваме дека постојат компании што им останаа доследни на своето производство, стандардите, услугата и на нивото на квалитетот што ги нудат.

Една од компаниите кои особено се истакнаа на пазарот и покажа врвни резултати е македонската компанија Hi-Tech.

Всушност, станува збор за водечки европски производител на електронски печатени плочки, специјализирани за брзо производство на прототипи и мали и средни волуменски серии на цврсти, флексибилни и крути флексибилни повеќеслојни плочки.

Со господинот Саво Станковиќ, сопственик на корпорацијата HI-TECH, за годишното издание на престижниот „Економист: Светот во 2022-та“ разговаравме за развојот и успехот на оваа компанија.

Саво Станковиќ, сопственик на корпорацијата HI-TECH

Што е Hi-Tech и како вашата компанија функционира на пазарот во Македонија?

 Hi-Tech е една од најсовремените технолошки компании во Македонија. Нејзините почетоци датираат од 1981 година, а првпат официјално почнавме да работиме на 1 јануари.

Поминавме долг пат на покажување и на докажување за да стасаме да бидеме во рангот на најреномираните производители на електронска опрема во Европа. Низ нашето постоење, досега имаме остварено успешна соработка со вкупно 885 докажани компании на светско ниво, а меѓу позначајните имиња се Apple, Siemens, Bosch, Mercedez, Boeing, Airbus – компании со остварени врвни резултати во областа на електрониката и информатичката технологија, нешто што е всушност наш домен на работа.

Hi-Tech е компанија со 250 вработени лица. Ние, со нашиот посветен тим, успешно функционираме повеќе од 30 години на пазарот и ги задоволуваме сите потреби на широк спектар на индустрии. Нашата компанија има две филијали. Едната е во Белград, во неа има 30 инженери, а другата е во Минхен, Германија.

Што би ни кажале за вашиот развоен пат, од каде почнавте и каде сте сега, имате ли конкретен проект на кој сте особено горди?

Како што веќе кажав, оваа приказна ја почнавме уште во 1980-тите години, а како деловен простор, во старт, ја одбравме куќата на моите родители. Податок што можеби е интересен да се сподели е дека љубовта кон она што го работам денес датира од мојата најрана возраст. Имено, како и сите деца, и јас имав свој херој, а го одбрав токму Никола Тесла.

Друг податок, кој е можеби помалку интересен, но, ете, чисто да го споменам, е дека дипломирав како најдобар студент во мојата генерација на Електро-машинскиот факултет во Скопје. Значи, ништо од ова не е случајно, јас одамна се имам определено за оваа сфера на интерес и на работа, се разбира. И сметам дека досега тоа го правам многу професионално и успешно. А за тоа сведочат и бројките, и резултатите.

Оттаму, моите 47 години работно искуство во Hi-Tech се доказ за мојата љубов и посветеност кон професијата што ја работам, љубов што со голем ентузијазам, возбуда и задоволство им ја пренесувам на моите деца, кои се дел од нашата компанија, како и на сите наши вработени, со кои функционирам како вистинско семејство.

Јас сум од оние типови луѓе што се појавуваат меѓу првите на работното место, уште во шест часот наутро, заедно со сите вработени колеги, бидејќи работата, освен што ми претставува уживање, ме одржува во добра и стабилна физичка и ментална кондиција.

Исклучително ми е важно расположението на вработените во компанијата, сакам сите да сме задоволни како тим за да можеме да функционираме беспрекорно. Да има синергија меѓу нас, меѓусебно да си помагаме, да си даваме идеи, да се надополнуваме, бидејќи ова е тимска работа без сомнение, еден човек сам не може ништо. Се залагам неуморно да им ги пренесувам мојата цел и визија за напредок во иднината.

Кога веќе ги споменавме звучните имиња со кои сме оствариле соработки, она што навистина нè прави навистина горди е тоа што нашиот успех се темели на знаење, кое постојано го надградуваме.

Следејќи го примерот на Никола Тесла, никогаш не сум забележувал бројки од материјален аспект, туку само како раст на нашите успеси и новитети. Затоа, знаењето ќе го издвоиме како темел на нашиот успех и напредок, додека, пак, материјалното никогаш не ни било приоритет од причина што секогаш одново сме го вложувале, како би добиле на континуитет и како би имале работа постојано.

Главното прашање оваа година, кое, всушност, им го поставуваме на сите компании, бидејќи поголемиот дел од нив се соочија со опаѓање на продажбата и на квалитетот е: како пандемијата на ковид-19 влијаеше, конкретно, на вашиот бизнис и со какви евентуални тешкотии се соочивте, па на крајот, секако, и како успеавте да ги надминете?

Ковид-пандемијата нè погоди, како што ги погоди и сите други компании што функционираат повеќе или помалку успешно во нашата земја, но морам да истакнам дека тоа што пандемијата нè погоди никако не значи и дека нè спречи во работата. Сите заедно, како тим, се потрудивме нашите клиенти да не почувствуваат опаѓање ниту на квалитетот, ниту на изработката на електронски печатените плочки.

Бројките евидентно се сменија, но континуитетот и целите ни останаа исти. Тука повторно ќе го споменеме материјалниот фактор, кој никогаш не бил пресуден, сè додека целата компанија ја гледа својата работа како предизвик што носи само подобрување на материјалниот аспект, во оваа компанија е второстепен.

Во овој период на пандемија, која трае малку подолго од очекуваното, особено нè радува и благодарни сме што здравјето на нашите вработени е во најдобар ред и работата се одвива непречено. Внимаваме, ги следиме протоколите и препораките, максимално се чуваме и гледаме да го одржиме стабилно, пред сè, нашето, а потоа и здравјето на сите наши клиенти и соработници со кои доаѓаме во контакт во секојдневната работа и функционирање.

Кои се вашите предизвици и развојни планови за 2022 година?

Според мене, филозофијата на животот е да имате предизвик и да знаете што сакате и каде целите.

Главниот темел на Hi-Tech е воедно и нашиот предизвик за иднината, а тоа е надградувањето во поглед на знаењето, едукациите, вештините, подготвеноста.

Целото наше искуство во изминатите години е стекнато врз основа на константното надградување, преку стекнатите пријателства низ светот, посетеноста на огромен број саеми, обуки, семинари, конференции и ширење на погледите кон иновативноста. Бидејќи, знаете, светот постојано оди напред и ние мораме да фатиме чекор со него.

Како наоѓате мотивација и стимул да работите, да се трудите, да создавате, да одите напред во оваа сфера? Од каде црпите инспирација, дали понекогаш паѓате, дали сте се нашле во ситуацијата што сте ја сметале за безизлезна? Што правите кога имате одреден конфликт и со кој се консултирате во тие моменти?

Стимулот и мотивацијата се дел од една личност и верувам од неговото домашно воспитување. Стимул наоѓам насекаде околу мене, буквално во секојдневното живеење, поучен од моето искуство и од сè што им се случува на луѓето околу мене. Цел живот посакував тоа што ќе го правам да биде пример за моите деца, не да ги советувам, учам, едуцирам, туку низ мојот пример да им покажам како треба, да ги препознаат вистинските вредности кои јас ги негувам.

Сакав да сфатат дека секогаш мора да се вредни, стимулирани, мотивирани и да наоѓаат извор на енергија кој ќе ги тера да одат само напред.

Среќна околност е што и моето домашно воспитување не било во насока на потрага на материјалното, па затоа мене лично најмногу ме стимулираат решавањето проблеми и докажувањето во областа на електрониката, електротехниката, изнаоѓањето идејни решенија токму во оваа област.

Можеби сметате дека премногу акцент ставам на тоа дека материјалното не ми е толкав предизвик, ниту приоритет, но јас тоа го тврдам, бидејќи поривот да почнам да се занимавам со ова, а и идејата, воопшто, не ми беше да направам многу пари.

Јас првенствено влегов во ова од љубов кон професијата, на мене ова ми предизвикува адреналин и ме исполнува, јас сум среќен по успешното завршување на секој проект во оваа компанија. Го доживувам како своја лична мала победа, а потоа, секако, и како победа на целиот тим, кој е грижливо одбран. Овде работат вредни луѓе, професионалци, посветени и тимски играчи, а ние за посветеноста им враќаме исто така.

За себе можам да кажам дека сум апсолутно среќен човек, врз основа на тоа што сум успеал да ја пренесам целта и визијата на моите синови, кои со своето 20-годишно искуство, станаа сериозни носители на компанијата. Јас сè уште ги користам своето искуство и визионерство, давајќи одлучни насоки за плановите во иднина.

Доколку сакате да го набавите годишното издание на престижниот „Економист“, кое четврти пат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на „Колор медија плус“, кликнете ТУКА (или побарајте го на сите поголеми продажни места низ државата).

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.