Рејчел Галовеј: „Нè очекува година полна со предизвици, но и со можности“

Амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија ги открива своите прогнози за новата година во Економист: Светот во 2022-та.

„Пандемијата на ковид-19 во 2021 година ни покажа колку деструктивна може да биде една глобална закана. Климатските промени и загубата на биодиверзитетот не се нешто поразлични – всушност, тие претставуваат и поголема егзистенцијална закана, a тоа го посведочивме по катастрофалните поплави и пожари што се случија летово низ светот“, вели Н.Е. Рејчел Галовеј, и додава:

Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија

Еден од најголемите приоритети на Обединетото Кралство оваа година беше да ја организира Меѓународната конференција за климатски промени КОП26, заедно со Италија.

Претставници од 197 земји се собраа за да го усвојат „Глазговскиот пакт за климата“ (ГПК), документ што направи преседан и што ќе поттикне забрзано дејствување за време на „оваа одлучувачка декада“, со цел двојно да се намалат глобалните емисии и да се достигне препорачаната температура од 1,5 ˚Ц. Текстот во конечната спогодба е многу прогресивен – ја препознава потребата да се намали користењето јаглен како енергетска суровина и го доближува датумот кога сите 197 земји ќе претстават национални планови за акција.

Освен тоа, значително се удвои сумата на пари наменета за да им се помогне на земјите во развој да се приспособат на влијанијата на климатските примени – со можност за формирање фонд од трилион долари годишно во 2025 година, за разлика од моменталниот износ од 100 милијарди долари годишно. Исто така, се оствари прогрес и на други клучни теми, како што се младинските заложби, агрикултурата, пошумувањето, а се презедоа и многу добри мерки за адаптација и митигација (ублажување на климатските промени).

Секако, има уште многу работи што треба да се направат, а КОП26 обелодени некои од тие проблеми. Претседателството на КОП ќе му припаѓа на Обединетото Кралство до КОП27 во 2022 година. Оваа година ќе биде многу напорна и ќе го искористиме поттикот што ни го даде Глазговскиот пакт за климата за да ги охрабриме властите да постават уште поголеми амбиции и мерки, за да се одржи температурата од 1,5˚Ц.

Годишникот Економист: Светот во 2022-та можете да го купите на познатите продажни места низ републиката или онлајн кликнувајќи ТУКА.

Обединетото Кралство беше првата голема економска сила што ја прифати законската обврска да постигне нето нула емисии на штетни гасови до 2050 година. Последниве 30 години, покажавме дека економскиот успех и заштитата на животната средина можат да одат рака под рака. Го зголемивме БДП за 75 отсто, додека ги намаливме емисиите за 43 отсто.

Нашите индустрии со ниска јаглеродна емисија веќе обезбедуваат растечки број на високоплатениработни позиции, додека истовремено ни помагаат да постигнеме нето нула емисии и декарбонизација на нашата економија.

Се заложивме да мобилизираме 12 милијарди фунти од владините инвестиции и потенцијално три пати повеќе приватни инвестиции во зелени и одржливи технологии.

Иако главниот фокус на КОП26 беше на земјите и на светските лидери, заинтересираноста и вклученоста на недржавните субјекти во изградбата на КОП26 и на самиот самит, беше досега невидена. Соработката е една од клучните цели на нашето претседателство со КОП26, а работата со цивилното општество, младите луѓе, бизнисите, приватниот сектор и локалните власти била и ќе биде клучен аспект од нашиот пристап.

Обединетото Кралство, заедно со Обединетите Нации и други, работи на кампањата Race to Zero, глобална кампања наменета за компании и различни сектори за да ги поттикне да прифатат некои од промените што се потребни за да се постигне препорачаната температура од 1,5˚Ц според Парискиот договор и да постигнат нето нула емисии до 2050 година.

Приклучувањето е многу едноставно и досега се придружија 3.000+ бизниси, 700+ градови, 170+ големи инвеститори и 600+ високообразовни институции.

Во текот на 2021 година, се сретнавме со претставници на власта во Северна Македонија, како и со претставници од повеќе сектори (за транспорт, бизнис и други), за да разговараме за кампањата Race to Zero и да дискутираме што можат тие да направат и што веќе прават за адаптација на климатските промени.

Еден од настаните што го организиравме беше Европскиот самит за зелени инвестиции, којшто обедини важни акционери од Северна Македонија и Европа на едно место, за да разменат искуства и да предложат можности за инвестирање во еколошки технологии, под водство на Обединетото Кралство.

 

Факт е дека компаниите веќе започнаа со некои од промените.

Гледаме како сè повеќе фирми преминуваат на одржливи енергетски извори за струја и транспорт, посериозно ја третираат енергетската ефикасност, рециклираат и правилно управуваат со својот отпад, практикуваат зелено производство и го намалуваат производството на јаглерод.

Планираме да го надградиме прогресот што го направивме со Race to Zero и да продолжиме да работиме со компании, со цивилното општество, приватниот сектор и младите луѓе, тука, во Северна Македонија. За да ја постигнеме системската промена што е потребна за одржување на температурата од 1,5˚Ц, потребна е заедничка акција, овозможена од страна на владини мерки.

Заедно со сите инвеститори во Северна Македонија можеме да предложиме амбициозни сугестии за намалување на емисиите и за обезбедување долгорочен развој на целата земја.

Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство за Западен Балкан и Обединетото Кралство е главниот партнер или најголемиот директен странски инвеститор во земјата.

Нашата амбасада постојано се стреми да ја надградува Спогодбата за партнерство, трговија и соработка и да ги развива економските релации помеѓу двете земји.

Охрабруваме трговија преку промовирање можности, поддржување и привлекување инвестиции од двете страни, користејќи го британскиот екосистем на СДИ, како и обезбедувајќи процедурална помош и поддршка за извезувачите и инвеститорите.

Продолжуваме активно да ја прикажуваме британската експертиза за индустрија преку важни проекти и преку различни акционери во земјата, да го промовираме Обединетото Кралство  како најдобриот трговски и инвестициски партнер за Северна Македонија и да го промовираме британскиот Кредит за поддршка на извоз како механизам за финансирање одржливи развојни проекти во земјата.

Работиме на тоа да ја доближиме Северна Македонија до британските компании така што ги промовираме нејзините комерцијални и развојни можности и со тоа што ѝ помагаме на земјата да ја подобри нејзината инвестициска и бизнис-клима.

Цврстите економски врски меѓу двете земји ќе се развиваат и засилуваат во текот на наредните години. Значајните инвестиции на Обединетото Кралство во Северна Македонија, вклучувајќи ги „Џонсон Мети“ и рудникот „САСА“, имаат големо влијание врз економијата и врз БДП на земјата. Работиме на тоа да обезбедиме уште инвестиции и да ги зголемиме соработката и можностите за партнерство помеѓу Обединетото Кралство и локалните бизниси.

Во таа насока, за да се привлечат британски компании, ќе треба да се воведат реформи во областа на правосудството, доброто владеење и борбата со корупцијата. За да се обезбеди конкурентна и атрактивна бизнис-клима, од витално значење е да се подобрат процесите што ќе им овозможат на британските инвестиции да дејствуваат без тешкотии и што ќе обезбедат подобра соработка помеѓу националните и локалните власти.

Истовремено, свесни сме дека работната сила треба да го следи технолошкиот напредок.

Моментално поддржуваме проект за усовршување и подучување на работната сила во текстилната и градежната индустрија, претставувајќи дигитални технологии за да се погрижиме дека работниците се добро подготвени да управуваат со модерни технологии.

Заедно со Канцеларијата на претседателот на Северна Македонија, исто така, промовиравме стекнување дигитални вештини и пракса за младите во приватниот сектор преку проектот YouthHub.

Сега проектот се проширува со тоа што Националниот младински совет отвора канцеларии надвор од Скопје, па така, повеќе млади луѓе можат да стекнат нови вештини и да добијат можност за пракса во приватниот сектор.

Заедно со заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, Обединетото Кралство го поддржува развојот на Централна единица за следење инфраструктурни проекти. Исто така, ја поддржуваме Светската банка во работата со институции во областа на конкурентноста и иновацијата, како и со Јавното приватно партнерство.

Моја претпоставка за 2022г. е тоа дека нè очекува година полна со предизвици, но и со можности. Обединетото Кралство и Северна Македонија ќе продолжат да соработуваат за да ги остварат заедничките цели и да обезбедат подобра, одржлива и позелена иднина за сите граѓани на оваа прекрасна земја.

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.