Вториот панел на „Профемина 2018“ ги одговори сите прашања на родителите за бебешката и детската кожа

„Зошто моето дете има црвенило на кожата?“

Родителите често се соочуваат со симптоми на кожата на бебињата и децата за кои не знаат каде да побараат совет. Па така, вториот панел беше посветен токму на тоа: Сите одговори на најчестите прашања на родителите за бебешката и детска кожа. Одговорите ги понудија д-р Весна Пљаковска, д-р Александар Сајковски, м-р д-р Наташа Теовска Митревска и Билјана Цекова Тимовска, маркетинг-директор на „Септима“, а поп-пејачките Елена Петреска и Јана Бурческа ги споделија своите искуства како млади мајки.

Втората панел-дискусија започна со интересна визуелна презентација подготвена од страна на д-р Весна Пљаковска, дерматовенеролог во „Систина“, преку која на интересен начин дознавме кои се најчестите прашања поврзани со детската кожа, кои се нејзините специфичности и како таа се разликува од кожата на возрасните. Освен тоа, откривме кои се основните правила за нега на детската кожа и што се микробиоми.

Подетално беа објаснети најчестите болести на кожа кај децата: атописки дерматитис и пеленски дерматитис.

Елена Петреска откри со какви проблеми се соочила таа, кога станува збор за кожата на бебето, и додаде дека најдобрите совети ги добила токму од д-р Александар Сајковски, специјалист по педијатрија во „Аџибадем Систина“.

Јана Бурческа, пак, призна дека уште од раѓање самата таа се бори со атописки дерматитис, што е генетски наследна болест, која потоа може да предизвика астма, алергиски реакции и слично.

Дерматовенерологот Наташа Теовска Митревска објасни зошто се јавуваат атописки и пеленски дерматитис, како може да се одбегнат и како треба да се третираат.

„Сметам дека состојбата атописки дерматитис се потценува. Реакциите обично се ’Ништо не ти е ајде, обична алергија’. Денес, среќна сум што има многу препарати што можам да ги пробам за мојата ќерка. Ако нешто не ми одговора, можам да пробам со нешто друго. Тоа го немаше кога јас бев дете“, се надоврза Јана Бурческа.

 

Д-р Сајковски нагласи колку е важно да се зајакнува имунолошкиот систем и да се внимава на исхраната.

„Ако внесувате храна со пестициди, постојат поголеми шанси да се развијат проблеми на кожата. Еден практичен совет: Кога ќе влезете во аптека и ќе купите крем за кожа на бебе, секогаш купувајте медицински кремови.“

Вториот панел заврши со излагањето на маркетинг-директорката на „Септима“ Билјана Цекова Тимовска, која го потенцира квалитетот на производите на La Roche Posay.

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.