Постојат ли деца „бувови“? Што сонува бебето?

Интересно

Сите родители, како и бабите и дедовците, знаат дека на децата им е потребен здрав и мирен сон. Бебињата растат во сон и собираат сила. Затоа, главната задача е да им се обезбедат услови за удобен сон. Зошто е важно? Одговараме на некои вообичаени прашања…

За малите деца многу е важен режимот на спиење. Малите деца по природа се конзервативни, сакаат ред и ритуали, бидејќи тоа им дава чувство на мир и сигурност. Ако постојано се појавуваат нестандардни ситуации, неизбежно е да се појават проблеми со спиењето – а тоа е сериозно оптоварување на детскиот организам. Затоа во вечерните часови не треба да претерувате со нови впечатоци – на детето не му се потребни толку колку квалитетниот сон.

Кои се ритуалите пред спиење?

Малите деца најдобро заспиваат ако им направите нешто пријатно пред спиење, кое ќе се повторува секој ден. Да речеме, мамино нежно галење и приспивна песна. Секојдневното бањање во топла вода исто така е одличен ритуал.

Постојат ли деца „бувови“?

Децата, исто како и возрасните, имаат различни биоритми, кои не можат да се променат, но, всушност, можат малку да се коригираат. Малите деца што го менуваат денот за ноќ често се нарекуваат „бувови“. Тој режим постепено може да се нормализира. По првата непроспиена ноќ, не дозволувајте детето да спие долго време во текот на денот. Колку и да ви е жал за него, разбудете го по два, максимум три часа. Тоа е неопходно за детскиот организам да го „запамети“ тој лош режим.

Колку треба да биде топло во детската соба?

Најчеста причина за нарушување на сонот кај децата е сув и топол воздух во просторијата. Задолжително водете сметка за тоа каква е микроклимата во просторијата каде што спие бебето. Не затворајте го прозорецот ноќе – идеалната температура на воздухот за спиење на детето е 18-20 степени. Набавете навлажнувач, кој ќе ви помогне да ја контролирате влажноста во текот на грејната сезона.

Која положба за спиење е најдобра за бебето?

Додека бебето не научи да се врти самостојно, се препорачува да го вртите на едната, а потоа на другата страна, а зад неговиот грб треба да има свиткана пелена или крпа. Ако го мачат грчеви, обидете се да го ставите на стомак и не трудете се да му ги исправите нозете, бидејќи тоа интуитивно ќе се свитка во положба што ќе му ги ублажи болките во стомакот.

Дали на бебето му треба перница?

Многу родители веруваат дека на детето за добар сон му е неопходна перница, затоа што просудуваме според себе: на возрасниот човек практично му е невозможно да заспие без перница. Сепак, мислењето на ортопедите за ова е недвосмислено: за правилно формирање на детскиот скелет е потребно бебињата да спијат на рамна цврста површина. Особено во првата година од животот, кога тие активно растат. Единственото нешто што може да се стави под главата на бебето е пелена свиткана во неколку слоја. Верувајте, тоа и е повеќе од доволно.

Дали е корисно да се спие со детето?

Психолозите веруваат дека е многу корисно бебето да спие со својата мајка. Во тој случај се зголемува и шансата родителите да се наспијат повеќе, бидејќи кога покрај себе ќе ја почувствува мајка си, бебето нема да се буди.

Што сонува бебето?

Научниците се убедени дека бебињата сонуваат дури и во стомакот на својата мајка. Но ако во стомакот сонуваат главно сензации, по раѓањето на тоа постепено му се придружуваат визуелните слики.

Детето во сон го гледа она што го доживеало. Секако, искуствата треба да бидат позитивни, доколку е тоа во моќта на родителите.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.