Преродете се во шума: Ќе достигнете повисоко ниво на закрепнување на душата и на телото

Во Јапонија започна национална програма за „шумска бања“. Официјално лекарите им ја пропишуваат на бизнисмените (јапи) и другите работохоличари исцрпени од стрес

За да закрепнете и да постигнете внатрешна хармонија, не е неопходно да се искачувате по планини, да одите во бања или на море. Сè што ви треба ви е при рака. Едноставно, одете во шума и уживајте во „шумската бања“ – соединувањето со природата, мирот, тишината… Така ќе достигнете повисоко ниво на закрепнување на душата и на телото.

Многумина повеќепати истакнуваат дека по прошетка во шума им се подобрува расположението и исчезнуваат вознемирувачките мисли. Но само Јапонците, благодарение на нивната страст за подигање на секојдневните работи до ранг на филозофија, успеаја прошетките во шума да ги прогласат за уметност и метод за закрепнување на душата и на телото.

Нурнете во природата

Методот „шинрин-јоку“ буквално е  преведен од јапонски како „шумска бања“. Не само што е пријатно туку е и многу корисно „бањање“ во шумичка со бреза, бор, ела или во мешана шума. Уште од детството знаеме дека дрвјата апсорбираат јаглерод диоксид и ослободуваат кислород. Тоа значи дека талкањето низ шума и дишењето свеж воздух, исполнет со ароми на цвеќиња и треви, збогатен со фитонциди, е добро за респираторниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и локомоторниот систем, па дури и за видот. Но, се разбира, првенствено е благотворно за нервите.

Научно докажан факт е дека шумата лекува. Не е случајно што во 1982 година во Јапонија беше лансирана национална програма за „шумска бања“. Официјално лекарите им ја пропишуваат на јапонските бизнисмени и другите работохоличари исцрпени од стрес. Прошетката низ шума, сепак, помага во обновувањето на здравјето благодарение на релаксирањето и синхронизирањето на нашите внатрешни биоритми со ритмите на природата. Шумската терапија го подобрува расположението, ги зголемува концентрацијата и вниманието, полни со енергија, па дури и го намалува чувството на болка.

Сите пет сетила во функција

За да го докажат лековитото дејство на природата, во Јапонија спровеле истражување. Добиените податоци ги потврдија сите претпоставки на лекарите за лековитите својства на „шумската бања“. Тоа даде основа да се воведе терминот forest therapy (шумска терапија) во 2003 година. Денес, во Јапонија, Јужна Кореја, САД, Канада, Нов Зеланд, дури и во Русија, постојат сертифицирани водичи за „шинрин-јоку“, кои ги водат низ шумите и шумските паркови оние што сакаат да закрепнат. Суштината на терапијата е во шумата да се поттикне работата на сите сетила кај човекот: се активираат и видот, и слухот, и мирисот, и допирот, а понекогаш и вкусот, доколку успеат да најдат слатки шумски бобинки.

Имајте ја предвид безбедноста

Изборот на местото за „шумска бања“ е многу важен. Некому му се допаѓа да талка низ длабока заспана шума, додека друг се плаши од густите дрвја. Таквите луѓе треба да претпочитаат добро уредени места – пошумени паркови во град. За некои ништо не е подобро од тоа целосно да се посветат на преродбата и да се „отворат“ во шума, додека на други им е неопходно прошетката да се комбинира со конкретна придобивка, па затоа не одат во шума тукутака, туку берат печурки, бобинки… И едното и другото се добри и корисни.

Но најважна е – безбедноста. Ако одите сами во шума, важно е да бидете сигурни дека таму нема диви животни и добро да се ориентирате. Ако планирате да се нурнете во шумата, за секој случај понесете целосно наполнет мобилен телефон (користете го само за, не дај боже, да повикате помош) и не облекувајте се во маскирна облека, туку во нешто со светли бои, за во случај на непланирани настани, да биде можно да ве пронајдат. И имајте ја на ум заштитата од крлежи, комарци и други инсекти.

Вонредниот професор во Јапонското медицинско училиште во Токио, Чин Ли, смета дека за одржување на имунитетот е доволна само една „шумска бања“ месечно.

Текст: Руски доктор

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.