Децата и гаџетите… или дигитален Алцхајмер

Реална опасност

Користењето различни гаџети значително го олеснува нашиот живот, ни помага при учење, комуникација, работа… Но дали тоа значи дека поголем дел од нашето време треба да поминуваме со мобилниот или таблетот во рака? Ова прашање особено се однесува на децата. Возрасниот човек може да се контролира себеси, но детето не го знае тоа… Последиците се многу загрижувачки.

Може многу да се зборува за опасностите од компјутерот. Тоа е зависност од игри, начин на живот со малку движење, влошување на видот, недруштвеност… Но сето тоа избледува пред застрашувачките заклучоци до кои дошле руски и германски научници…

МЛАДИ ЛУЃЕ СТАНУВААТ ДЕМЕНТНИ

Гаџетите се технички, електронски апарати (мобилни телефони, таблети, конзоли за играње игри…). Стручњаците откриле дека животот со гаџети доведува до хиперстимулација на зоната од мозокот што ги дешифрира визуелните слики од различни екрани (поточно, доведува до нејзин замор) и недоволна стимулација на преостанатите зони на мозокот (т.е. деградација поради нивна недоволна употреба). Сето тоа прави симптоми на деменција да почнат да се појавуваат кај млади луѓе, па дури и кај адолесценти.

Дури се појави и терминот „дигитален Алцхајмер“. Денес тоа е главен проблем на сите држави со брз Интернет. Колку порано детето добие гаџет – толку е поголем ризикот од рано заболување.

Превентивни мерки

Најкратките препораки за превенција од дигитален Алцхајмер се сведуваат на тоа мозокот максимално да се развива и одржува во баланс. За тоа ќе придонесат:

  • Спорт, особено вежби за координација и издржливост. А за правилен развој на рамнотежата е добро танцувањето.
  • Важно е да се развива фантазијата, да се решаваат математички и технички задачи. Што е можно повеќе да се користат рацете за моторички вежби (игри со пластелин, коцки…).
  • Читање книги – печатени, не електронски.
  • Свирење на каков било музички инструмент.
  • Социјализација – важно е да се поминува време со луѓе блиски по духот. Осаменоста лошо влијае на мозокот, бидејќи тој во најголема мера е создаден за функционирање и односи во заедница.

Одредете ги рамките

Сметате дека на детето треба да му ги дадете сите гаџети веднаш, бидејќи такво е денешното време… Тоа воопшто не е добро – суштината е во балансот и дозирањето. Потребно е сите системи да се развиваат урамнотежено. Десет часа играње е лошо. Но учење, развивање, читање, спорт и игра вкупно 10 часа дневно – тоа е нормално. Родителите треба да ги востановат временските рамки, а тоа во голема мера ќе ја олесни интеракцијата со детето.

Нормите во наведениот случај се следните:

  • Деца од пет до седум години пред компјутерски монитор (или мобилен телефон) може да поминуваат 30–40 минути на ден.
  • Деца помеѓу седум и 12 години пред компјутер може да поминуваат час–час и половина дневно.
  • Деца постари од 12 години пред монитор може да поминуваат околу два часа на ден.

Не правете грешки!

За жал, многу родители прават грешка трудејќи се да го ограничат времето што детето го поминува пред компјутер и други гаџети. Тоа доведува до конфликт со детето и на лош начин се одразува на атмосферата во семејството. А токму нашата задача е да одгледаме паметно дете, а не да се бориме со него.

Првата грешка е во тоа што родителите и сами поминуваат многу време пред гаџети, а децата го гледаат тоа. Во тој случај нема никаква смисла на децата да им се брани нешто. Бидејќи ним пример им се родителите. Почнете од себе! И не заборавајте дека забранетото овошје е најслатко. Немојте на детето комплетно да му забранувате телевизор, компјутер, таблет и паметен телефон, на тој начин ќе ги сака уште повеќе! Договорете се и дозирајте им ги гаџетите со заемен договор.

Често родителите поради сопствената презафатеност им дозволуваат на децата неограничено да играат онлајн-игри. Тогаш децата се мирни и сите се задоволни. Тоа не е забрането, но не е никакво решение. Напротив! Никогаш не заборавајте да го контролирате времето за игра. Детето не може само да го направи тоа, дури и ако има 15 години. Особено ако има 15 години – тоа е најчувствителната доба!

РАЗГОВАРАЈТЕ СО ДЕТЕТО

Детето може да бега во виртуелниот свет поради проблеми со врсниците или со наставниците. Бидете внимателни спрема него, помогнете му да се избори со неуспесите во реалниот живот. Разговарајте со него секојдневно и трудете се да ја придобиете неговата доверба за да ви кажува што го мачи.

Подготвил: Александар Костин, семеен психолог

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.