9 правила за разговор со децата: Фрази што треба да ги изговарате секој ден

За да ги поттикнете да размислуваат

Вербалната комуникација со децата е еднакво важна како и моделот на однесување што им го демонстрирате. Помогнете му на детето кога ќе наиде на пречка, но немојте наместо него да ги завршувате задачите што може да ги совлада.

Ви ги претставуваме фразите што би требало секојдневно да ги употребувате за да им влеете самодоверба и да ги поттикнете да размислуваат.

1 БЛАГОДАРАМ. Признајте го и пофалете го трудот на детето кога ќе ви помогне вам или на некој друг. Кажете му: „Ти благодарам што ми помогна да го најдеме чорапот“ или „Ти благодарам што ја постави масата. Затоа мама имаше време да направи салата.“

2 РАСКАЖУВАЈ МИ. Со ова на детето му покажувате дека го слушате, како и дека сакате да слушнете што мисли. Фразата: „Раскажи ми уште“ поттикнува разговор. Доколку го прекинувате додека зборува, го дестимулирате за понатамошен разговор.

3 ТИ ГО МОЖЕШ ТОА! Покажување сигурност во способностите на вашето дете дека ќе заврши многу задачи без ваша помош е исклучително важно. Додека расте, ќе се појават многу ситуации во кои вашето охрабрување ќе биде пресудно за одлуката на детето да се обиде во нешто или да се откаже.

4 ЌЕ ТИ ПОМОГНАМ. Покажете му на детето дека сакате да му помогнете во извршувањето одредена задача, која сè уште не може да ја заврши само. Секогаш помагајте му кога ќе запне, но никогаш немојте наместо него да го завршувате она за кое е способно. Кога станува збор за училишните деца, покажете му на ученикот како полесно да го совлада градивото.

5 АЈДЕ ДА ПРАВИМЕ ЗАЕДНО. Детето никогаш не е премногу мало да научи дека соработката и заедничкиот труд олеснуваат и забрзуваат многу задачи, како и дека носат поголема забава. Пример на обраќање: „Ајде заедно да ја исчистиме собата, па ќе одиме во парк да си играме“ или „Ако не ги измиеме заедно садовите, ќе задоцниме во кино“. Семејните активности можат да се претворат во пријатни ритуали, кои го збогатуваат детскиот живот и му го збогатуваат сеќавањето.

6 ДОЈДИ ДА ТЕ ГУШНАМ. Физичкото покажување на љубовта е многу важно за емотивниот развој на детето. Не воздржувајте се да искажувате нежност спрема своите деца. Истражувањата покажуваат дека децата што не биле гушкани доцнат во развојот на менталните и физички способности. Додека растат, на децата им се менуваат потребите во однос на начинот на кој им ја покажуваме љубовта. Некои деца сакаат родителите и понатаму да ги галат, додека други пак, сакаат само прегратка или бакнеж. Обрнете внимание што најмногу му годи на вашето дете на одредена возраст.

7 ТЕ МОЛАМ. Фразата „те молам“ сè уште има вредност. Кога ќе побарате некоја услуга од детето, секогаш обратете му се со овие зборови, бидејќи на тој начин му покажувате дека ви е потребна негова помош. На крај заблагодарете му се.

8 БРАВО! Самодовербата на детето се развива кога за неговиот труд ќе добие награда. Затоа, секогаш пофалувајте го своето детенце, но внимавајте пофалбите да бидат искрени и специфични. Фокусирајте се на трудот и на напредокот на детето и помогнете му да ги препознае своите способности.

9 ВРЕМЕ Е ЗА…

„Спиење!“ или за „Домашната задача!“ или за „Исклучување на компјутерот!“. На малите деца неопходна им е рутина во секојдневниот живот за да стекнат сигурност во денешниот несигурен свет.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Pixabay

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.