Заруменете на природен начин! Совети за подобрување на свежината на лицето

Вежбање, секс, чистење… Тоа се само некои од активностите што го враќаат руменилото на вашите образи. А можете едноставно да го отворите кутичето со крем и да го втриете во лицето за подобра циркулација

Ако по сексот се погледнете во огледало, на вашето лице ќе го забележите истиот сјај што го имате точно напладне. Руменилото на вашите образи ќе се појави на вистинските места, а кожата ќе ви биде исклучително блескава. Таквиот изглед е последица на забрзаната работа на срцето и на зголемениот прилив на крв во лицето. Инаку, добрата циркулација е од есенцијално значење за општото здравје, како и за блескав изглед на вашата кожа.

Уште поважен аспект, освен руменилото „знаеме што сте правеле“, е оптималното функционирање на кожата. Ако имате добра циркулација, корисните состојки (антиоксиданси, витамини и пептиди) доаѓаат до сите клетки на организмот. За среќа, постојат многу техники за краткотрајно стимулирање на руменило на образите, како и оние за долготрајно стимулирање на системот за циркулација.

Инаку, млада личност има двојно повеќе крвни садови во лицето од осумдесет годишен човек. Сепак опуштеноста на кожата и губењето на нејзиниот сјај не се последица само на редукцијата на крвните садови туку и на лошата циркулација во постоечките крвни садови. Затоа, применете ги овие совети за да ја подобрите свежината на лицето.

 1 Ефикасни вазодилататори

Одредени состојки во козметичките препарати за нега се навистина делотворни: кофеин, Л-аргинин (аминокиселина што ја произведува организмот за синтетизирање на нитрат-оксидот, а помага во ширење на крвните садови), цимет, жалфија и пиперка. Овие материи се вазодилататори – овозможуваат  краткотрајно ширење на крвните садови. По нивно нанесување на лицето, веднаш ќе почувствувате загревање на кожата, поради прилив на крвта. Научниците во последно време го истражуваат дејството на препаратите на база на никотинска киселина, исто така заради вазодилатантниот ефект, кој настапува по самото нивно нанесување.

2 Слушнавте за ретиноидите?

Дериватите на витаминот А (ретиноиди) ја поттикнуваат циркулацијата. Освен тоа, тие овозможуваат формирање нови крвни садови. Намалената циркулација во зрелата доба предизвикува губење на еластичноста на кожата, па новоформираните садови ја стимулираат продукцијата на колаген и на еластин, поради што кожата станува поцврста и поеластична.

3 Пилингот е задолжителен!

Методот на ексфолиација не е од пресудно значење – изберете го она што најмногу ви одговара. Важно е тоа да го правите редовно. Со тек на време, изумрените клетки на површината се таложат и се лепат, со што се спречува продирањето на здравите клетки. Затоа е неопходно со пилинг да го отстраните површинскиот слој и да добиете здрав сјај и руменило. Разбирливо, никој не вели дека треба да ја триете кожата како луди! Доволна е нежна ексфолиација, двапати неделно.

4 Консумирајте алкохол, но умерено

Алкохолот е вазодилататор, па неколку коктели или чаши вино ќе ги заруменат вашите образи. Но сè повеќе од тоа предизвикува дехидратација на кожата и нејзин постар и уморен изглед.

5 Пијте вода

Без оптималната хидратација на организмот крвта се згуснува, а циркулацијата се забавува. Од друга страна, водата ја олеснува лимфната дренажа. Тоа значи дека крвта и лимфата полесно ќе циркулираат низ организмот, а исфрлувањето на штетните материи ќе биде поефикасно. За повеќето луѓе оптимално количество се осум чаши. Добрата хидратација го подобрува волуменот на кожата, па брчките се помалку видливи.

6 Користете антирид-серум со ролон

Отеченоста на подочниците е резултат на лоша циркулација на течностите. Најдобро краткотрајно решение е примена на антирид-серум со топче. Овој препарат дејствува механички и хемиски. Со масажни движења со апликатор се придвижува насобраната вода или крв во пределот околу очите, со што се олеснува и продирањето на активните состојки. Експертите препорачуваат антиридот да го чувате неколку часа во фрижидер пред да го употребите.

7 Бидете активни!

Движете се. Вашето срце побрзо работи и ја пумпа крвта. Крвта побрзо циркулира. Хранливите состојки побрзо доаѓаат во кожата. Штетните материи се излачуваат од организмот. Вашето лице е заруменето и блеска. Во основа, физичката активност токму тоа го прави за вашата кожа.

Кога руменилото е проблем?

Ако и при помисла на нешто непријатно веднаш заруменувате, тогаш овие трикови за поттикнување на циркулацијата не се поволни за вас. Еве како да одредите дали ви е потребно дејството на вазодилататори…

По изложување на сонце, консумирање алкохол и зачинета храна, како и на високи температури, ве облева непријатно црвенило. Овие симптоми можеби укажуваат на розацеа, како и на воспаление на кожата, кое предизвикува претерано црвенило. Во тој случај, само дерматолог може да ви пропише соодветна терапија.

Имате воочливи вени на лицето. Во прашање се проширени крвни садови близу површинскиот слој на кожата, чија состојба се влошува на топлина, при дејство на механички и на хемиски иритатори, како и при стрес. А може да се појави и чувство на горење или чешање. Сепак оваа појава е безопасна и се елиминира со ласер.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Getty Images, Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.