Стела и Сани: Омилените пријатели на децата ја остваруваат својата едукативна и инспиративна мисија

Објавени три едиции книги и сликовници со „Стела и Сани“ во издание на „Паблишер“.

Стела, Сани и сите мали сонувачи изминаа долг пат. Од првите чекори и првите научени букви, до тинејџерските денови и младинските проблеми.

Најпосле, по еден куп прекрасни сликовници, боенки и значајни книги за деца и млади, со објавувањето на сликовницата „Дали е обичен ден или роденден“, се комплетира уште една едиција сликовници од „Стела и Сани“.

Стела и Сани се првите 3Д-анимирани ликови кои станаа главно обележје на едукативни сликовници, видеа и книги и омилени пријатели на децата.

Со овој проект, Паблишер и Вертиго Висуал, со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, имаа за цел да создадат домашна и квалитетна едукативна содржина за најмладите.

За потребите на проектот беа ангажирани едни од најреномираните домашни автори, илустратори и креативци – Винка Саздова и Венко Андоновски со своите први книги за деца и млади, Јагода Михајловска-Георгиева, која веќе е истакната авторка на литература за деца, Бистра Георгиева која ги потпишува сите сликовници, и илустраторките Катерина Николовска и Наталија Лукомска.

Сите тие придонеса за извонредни изданија со едукативни содржини со кои ќе растат уште многу генерации.

Секоја статуетка за оваа едиција е доказ за успехот на нејзината мисија. Неверојатно забавната и поучна „Азбука“ доби признание од Македонската асоцијација на издавачи за освоено прво место во категоријата Најкреативно издание.

Нејзиниот автор, Венко Андоновски, неодамна се закити и со наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади, токму за романот кој е дел од оваа едиција, „Имаш пчела на носот“.

Комисијата од Друштвото на писатели на Македонија потврди дека сите три романи за деца и млади од едицијата „Стела и Сани“ беа дел од потесниот избор за наградата.

За здрав психички и физички развој на децата се опфатија теми од нивниот секојдневен живот. Со првиот бран сликовници децата се запознаа со надворешниот свет – просторот што ги опкружува, звуците, временските појави, буквите и бројките – што се клучни за вклопувањето во средината и за нејзино разбирање.

Преку втората едиција децата се запознаваат со внатрешниот свет важен за меѓучовечките односи и за нивното градење како личности – да учат да ги почитуваат разликите, меѓусебно да се прифаќаат, но и да размислуваат логички и аналитички. Овој етички карактер на едицијата се заокружи со романите за деца и млади, приказни што им се блиски на децата и тинејџерите.

Последната сликовница која деновиве пристигна во книжарниците на ТРИ со наслов „Дали е обичен ден или роденден“, како дел од втората едиција сликовници во авторство на Бистра Георгиева и илустраторката Наталија Лукомска, на поинаков и забавен начин зборува за роденденските мигови кои за децата се толку значајни.

Оваа и секоја сликовница и книга од проектот „Стела и Сани“ има за цел, преку ликови што им ги греат срцата на малите читатели, што ќе ги засакаат и ќе станат нивен модел на однесување и чувствување, да создаде убав и едукативен начин на кој идните читатели, уметници и, пред сè, деца, ќе израснат во индивидуи со високоизграден карактер.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.