Од 17 до 20 август се одржа вториот уметничко-модно-музички спектакл „Моден викенд Јахорина“

Впечатоци од редакцијата на „Убавина и здравје“

„Моден викенд Јахорина“ го пренесе духот на уметноста, културата, романтиката и шикот.

Тимот на „Убавина и здравје“ на 17 август пристигна во главниот град на Босна и Херцеговина, и директно се упати на црвениот килим, каде што прошетаа најважните актери и дизајнери во регионот, меѓу кои и Бранко Ѓуриќ Ѓуро, Јелена Гавриловиќ, Зала Ѓуриќ, Милутин Мима Караџиќ, Милица Опачиќ, Јована Петковиќ, Амина Хасанбеговиќ, Александра Џаковиќ и Бата Спасојевиќ.

Годинешниот „Моден викенд Јахорина“, во соработка со Сараево филм фестивал, започна со проекција на дигитално реставрираната филмска класика „Љубов и мода” од 1960-тите години, која го обележа времето и модата во тогашната земја и која беше вклучена во официјалната програма на 29-от Сараево филм-фестивал.

Олимпискиот центар на Јахорина и агенцијата за маркетинг и промоција Signature ја снимија оригиналната кампања „Љубов и мода” со својот креативен тим во топлите јулски денови во Јахорина и со тоа го најавија уникатно софистициранот настан во регионот.

Првиот ден од богатата тридневна програма, на 1.900 метри надморска височина, сите љубители на модата се вратија во 1960-тите години и уживаа во костимографската ревија низ вековите, создадена во соработка со Народниот театар на Република Србија.

Во истиот дух, на сцената на „Модниот викенд Јахорина“, уникатно актерско-сценско-музичко шоу приредија најзначајните филмски имиња во регионот: Бранко Ѓуриќ Ѓуро, Јелена Гавриловиќ, Зала Ѓуриќ, Милутин Мима Караџиќ.

Тие ја кренаа публиката на нозе со евергрин музички нумери од филмот „Љубов и мода”, како „Девојко мала“, „Соња“, „Љубав или шала“…

На вториот ден од „Модниот викенд Јахорина“ имавме можност да ги видиме креациите на прекрасните познати дизјанери Александра Ѓаковиќ и Јована Петковиќ, а и младите модни дизајнери имаа одлична можност да ги претстават своите креации во заедничката ревија „Нека вашиот бренд стане тренд”.

Новата колекција ја претстави и познатиот босански бренд Sana Linea, во чии креации ќе уживаат голем број деловни дами.

Александра Ѓаковиќ ни изјави:

Колекцијата ‘Конвергенција’ настана како еволуција од сите претходни работи, инспирирана од локалната култура и нејзината еднствена естетика. Колекцијата беше претставена на официјалниот календар Paris Fashion Week оваа година.

Сите парчиња се направени од еден материјал – волнен филц во црна и бела боја, со употреба на 3Д-принтани биоразградливи копчиња. Црното и белото симболизираат спротивности, едното рефлектира, а другото впива.

Посебен впечаток ни оставија креациите на Јована Петковиќ, а еве што таа ни раскажа за нив:

Колекцијата е инспирана од стариот Холивуд, од актерките кои и ден денес ги спомнуваме и се безвременски, и по тоа го доби името Timeless. Безвременски во оваа колекција се боите кои ќе се користат и ќе бидат во тренд секогаш, тешкиот дел е како сето тоа да се склопи во една целина, со шминка и фризура.

Материјалите се многу тешки за работа, има многу рачна изработка, и материјалот не може никаде да се најде. Ми требаше околу една година за оваа колекција, никогаш не претставувам цела колекција одеднаш и секогаш правам нешто ново.

За мене совршен стајлинг во 3 збора е женственост, сексапил и самоувереност!

Откако завршија ревиите на овие извонредни дизајнери, уживавме во концертот на нашата омилена балканска трап-ѕвезда Сенида.

На третиот ден од „Модниот викенд Јахорина“, публиката имаше можност да ја види новата колекција Individual на Бата Спасојевиќ, познат по урбаните креации, кој ја отвори вечерта со креации кои ни го одзедоа здивот!

Вистинско модно уживање пристигна од студиото на дизајнерката Невена Ивановиќ, која го откри магичниот свет на својот дизајнерски бренд Neo и колекцијата на целата сезона OKINEO 3.

Вистинската инспирација и значењето на оваа колекција, иако е собирана подолго време, искрено, сѐ уште ја немам раскажено никому. Името на колекцијата е инспирирана од моето милениче Оки или OKINEO 3, кое беше покрај мене сите долги ноќи поминати во дизајнирање и шиење, а целата приказна е интимна и симпатична, па и тажна во некои сегменти, искрено ни раскажа Невена.

Кај Невена најмногу нѐ воодушеви тоа што секоја колекција има ретро и футуристички детали. Уникатен приказ на тоа како би изгледало минатото доколку се спои со иднината!

Препознатлива по своите уникатни модни креации, дизајнерката Амина Хасанбеговиќ ја претстави новата колекција My Roof Garden. Нејзините креации зрачат со автентична нота на женственост, избирајќи мотиви од фини материјали кои се украсени со рачна изработка, луксузни детали и софистицирани кроеви.

Тројца млади дизајнери од Босна и Херцеговина, Ана Дутин, Емина Велаџиќ и Самир Мрковиќ во соработка со тимот на Импакт предводен од Наида Кустур, го донесоа концептуалниот моден дизајн во Јахорина преку нивните општествени и еколошки изработени креации.

Второто издание на „Модниот викенд Јахорина“ го затвори една од најпознатите регионални модни дизајнерки, Верица Ракочевиќ, со својата нова колекција „Мирисот на душата”. Колекцијата е инспирирана од суптилниот сензибилитет на жените, кој се отсликува преку материјалот и формата.

Јас сум секогаш доследна на себе, без разлика на трендовите во моментот и профитабилноста, бидејќи не може без емоција да се претстави женското тело, како парче месо на продажба,  што сѐ почесто го гледаме во новите дизајни. Женската интима потполно исчезна и потоа се чудиме што сме толку несреќни! Јас некако гледам преку своите колекции да прикажам дека женската душа и суптилност се многу повредни од совршен задник и гради, нагласува Верица, која отсекогаш се водела од внатрешното чувство, а не по тоа колку профит може да ѝ донесе тоа што го работи, што е голема реткост во модниот свет и е за почит

Трите одлични модни денови ги исполнија сите очекувања и на дизајнерите и на публиката која без здив ја следеше секоја модна ревија.

„Модниот викенд Јахорина“ се етаблира како настан за сите љубители на модата кој не треба да се пропушти и сигурно ќе продолжи да воодушевува во годините што следат со својата единствена комбинација на модни ревии, изложби и панел дискусии.

Текст: Верица Донев

Слики: Нидал Шаљиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.