Во септемврискиот број на „Убавина и здравје“: За доблестите и…

Која моја особина е „најлоша“?

Е, овој дел од играта подобро да го прескокнеме, засега. Нека остане за октомври… таму некој.

Септември. Пак ти, а? Здраво. Со години се обидувам од срце да ти кажам добре дојде, но никако не успевам вистински да се убедам себеси дека ти се радувам. Не е фер, знам, и ти си дете на летото, но си најстуден, па… Но дали си ми помалку омилен поради фактот што се простуваме од летната леснотија или и ѕвездите имаат некаква врска со тоа?

Многумина ќе кажат – најубавиот месец во годината. Пријатно топол, шарен, богат со плодови, совршен за нови почетоци, нови трендови… Па, што имам јас реално против тебе? Ма, ништо против тебе, ти си преубав, освен дека зад тебе се јуни, јули и август. А тоа не е доволно добра причина да не те сакам. Така што, добре дојде! Те сакам!

Овој септември, покрај сите убави нешта и новитети што ја најавуваат новата сезона, за тема на бројот ја одбравме вечно актуелната – сама. Жените не секогаш зборуваат за оваа тема затоа што се сами! Некои жени не сакаат воопшто да зборуваат за својот партнер. Но партнерствата одамна не се за цел живот, па ако некоја од нас вчера и не размислувала на оваа тема, денес можеби околностите ја вбројуваат во т.н. сами жени. Да се разбереме, никогаш никој не е сам, но ова е тој термин со кој се означува емотивниот статус на жената што не е во врска или во брак. Меѓу мноштвото ставови и коментари што се веќе толку многу пати слушнати од околината, посакавме да ги слушнеме сингл-жените. Тие да ни кажат зошто се сами. Дали се „себични“, само „наоѓаат мани“, „премногу пребираат“ или приказната звучи поинаку раскажана од оној што треба да ја раскаже(стр.68). Интересен е и овој став со маните, но, да бидеме искрени, дали дијалогот при изборот на партнер треба да изгледа како мојот погоре со септември.

Сите имаме мани, но и доблести. Можеби доблестите не им се поклопиле…? А дали партнерите често се запознаваат на работа? И дали е предност кога партнерите се во иста професија (стр.72)?  Има работи што не ги знаеме, но затоа прашуваме, пред да кажеме нешто. А, овој септември, ако не знаете што е толку посебно убаво и посебно во врска со вас, прашајте ги другите што мислат кои се вашите најголеми квалитети. Знам, звучи малку чудно, како да „изнудувате“ комплименти. Но на луѓето околу нас што нѐ познаваат и ни се блиски воопшто не би им било проблем да одговорат на едно вакво прашање. Можеби ќе откриете колку сте неверојатни! Веројатно потоа и прашаните ќе добијат ваш комплимент за скапоцените особини што самите ги поседуваат. Но, не заборавајте, за оваа работа прашувајте ги само „вистинските“. Е сега, вториот дел од играта… Која моја особина е „најлоша“? Е, овој дел од играта подобро да го прескокнеме, засега. Нека остане за октомври… таму некој.

Ваша Јована Стојменовиќ, уредничка на „Убавина и здравје“

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.