Предлози за вкусни специјалитети со риба и морски плодови!

Гастро-предлози

Пробајте ги рецептите од нашите гастро-блогери

Вкусните специјалитети со риба и морски плодови се здрави, нискокалорични и богати со хранливи состојки што ќе ве заситат, а нема да остават последици на вашата линија. Немате идеја како да ги искомбинирате со состојките што веќе ги имате во кујната? Побарајте инспирација на нашите гастро-страници!

Печен лосос со ориз и авокадо

Лососот е одличен извор на протеини, омега-3 масни киселини, витамини и минерали. Пробајте го во комбинација со ориз и авокадо, по рецепт на Теодора Павловска, на Инстаграм позната како @myglutenfreecorner

Состојки:

  • 2 парчиња лосос
  • 1 лажиче сенф
  • 1 лажиче масло
  • црвен пипер
  • сол
  • 1/2 шолја ориз
  • авокадо
  • краставица

Приготвување:

1. Исечкајте го лососот на мали коцки и додајте сенф, масло, пипер и сол. Измешајте ги сите состојки и ставете ги коцките лосос на хартија за печење, па печете ги 15-20 минути на 200˚Ц.

2. Во меѓувреме, ставете го оризот да се вари заедно со три шолји вода.

3. Откако ќе се свари оризот, истурете го вишокот вода, додајте млаз ладна вода и исцедете го со помош на цедалка.

4. Во чинија сервирајте ги оризот, лососот, авокадото и краставичките. Одозгора ставете потпечен сусам и цеден лимон по желба.

Пад таи со ракчиња

Надежда Шодан (@nadezdashodan) успеа да ги претвори обичните нудли во кулинарско ремек-дело! „Иако ова не е класично, автентично пад таи, бидејќи се изоставени неколку состојки, а додаден е зеленчук, вкусот е ист, само збогатен“, порачува таа и ве поканува да го испробате!

Состојки за 2 лица:

  • 2 порции оризови нудли
  • 500 г свежи ракчиња
  • 1 голем морков
  • 1 кромид
  • неколку млади кромитчиња
  • 1/4 зелка

За сосот:

  • 1 лукче низ преса
  • 1 голема лажица оризов оцет
  • 1 голема лажица кокосов или кафеав шеќер
  • 1 лажиче чили-сос (самбал оелек, но може и срирача)
  • 1/4 шолја соја-сос
  • 1/2 шолја кремлив путер од кикиритки
  • малку вода

Приготвување:

1. Исчистете ги ракчињата. Сварете ги нудлите според упатството, па измијте ги со ладна вода.

2. Пригответе го сосот така што ќе ги измешате сите состојки, а ќе додадете вода по потреба.

3. Пропржете ги зеленчуците, па кога ќе омекнат, ставете ги ракчињата во истата тава, додека добијат розова боја од двете страни (тоа обично е многу кратко, само неколку минути).

4. Додајте ги нудлите во истата тава, потоа и сосот и убаво измешајте за да се соединат сите состојки.

5. Послужете со ситно сечкан млад кромид, тостиран сусам и потпечени кикиритки.

Фусили со туна

Рецептите со туна секогаш се добредојдени, па уште и ако е во комбинација со тестенини – уживањето е загарантирано. Пробајте го специјалитетот на Елизабета Пешовска (@my_little_kitchen_stories)

Состојки:

  • 1 пакување фусили или други тестенини по избор
  • 1 главица кромид
  • 3-4 чешниња лук
  • 400 г доматно пире
  • 1 домат
  • маслиново масло
  • босилек, рузмарин, жалфија или зачини по избор
  • сол и црн пипер
  • 1 конзерва туна
  • 4 лажици маслинки

 Приготвување:

1. Сварете ги фусилите во длабок сад.

2. Во тавче со маслиново масло пропржете го прво кромидот, па потоа додајте го лукот. Намалете го огнот и додајте ги доматното пире, ситно сечканиот домат и зачините.

3. Промешувајте постепено, додека згусне смесата. Доколку пирето е многу густо, може да додадете малку вода. Оставете сето тоа да се динста заедно уште 5 минути, па додајте ги фусилите.

4. Добро промешајте, па поклопете со капак и исклучете го огнот, но оставете ја тавата на рингла уште 5 минути.

5. На крајот, додајте ги туната и маслинките и внимателно промешајте. Сервирајте ги вака отстоените фусили во сосот со свеж босилек.

РОДЕНДЕНСКО МЕНИ: Вкусни и оригинални рецепти за вашата свечена трпеза!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.