Што кога вашите приватни фотографии (nudes) ќе излезат во јавност?

Девојки, не сте сами!

Колку и да се чувствувате засрамено во моментов, ви посочуваме неколку чекори кои ќе ви помогнат полесно да ја пребродите оваа состојба

Изминативе неколку дена јавноста ја протресе случајот „Јавна соба.“ Имено, станува збор за мобилна апликација Телеграм, во која околу 7.000 корисници на истата си разменуваат фотографии со порнографска содржина. Одеднаш во центарот на вниманието се појавија експерти, феминисти, психолози, професори кои дебатираа на темата, која е и не така нова и непозната, барем за младите.

И додека јавноста и институциите бараат кого да го посочат со прст како виновник и како да се справат со „моралниот пад“ на младите (небаре во 21 век се измислија поимите блуд и разврат), се поставува прашањето „Што се случува со девојките чии слики се споделувале и како да им се помогне?“

Ако ги оставиме настрана лицемерието, „крстот на чело“ и останатата безгрешност, ќе признаеме дека сите барем еднаш во животот сме пратиле, ни била пратена или пак ни била побарана фотографија која во моментов е позната под терминот „nudes.“ И додека фотографијата остане за очите за тој кому му е наменета, нема никаков проблем. Но што кога фотографијата ќе осамне низ социјалните медиуми или во јавноста? Тука веќе се соочуваме со низа кривични дела за оној што ја објавил.

Настрана ова, на девојките кои се нашле на тапет им е потребно да ја добијат целата поддршка, особено сега кога се најранливи. Токму затоа, овој текст е за оние кои во моментов се чувствуваат посрамено, изложено и мислат дека оваа состојба ќе трае вечно.

Девојки, не сте сами! Дури и јавните личности, како Мајли Сајрус, Кет Денингс, Кејт Хадсон, Скарлет Јохансон, Ким Кардашијан, па дури и балканските ѕвезди како Северина и Јелена Карлеуша, се имаат најдено во истава ситуација. Нормално е да се чувствувате фрустрирано и во шок. Како и да е, пред како било да реагирате дајте си неколку минути за да ја процесирате ситуацијата. Колку и да се чувствувате засрамено во моментов, ние ќе ви посочиме неколку чекори кои ќе ви помогнат полесно да ја пребродите оваа состојба. И запомнете, секое чудо трае три дена!

1. Зборувајте

Со родителите, со најблиските, со психолог. Обратете се онаму каде се чувствувате најбезбедно и заштитено. Многу е важно да имате поддршка од оние кои најмногу ве сакаат и ви мислат добро. Покрај рамото за плачење, најблиските ќе ви помогнат и при целиот процес на пријавување на делото.

2. Обратете се до надлежните институции

Иако ви изгледа како драстична мерка, ова е апсолутно неопходно! Пријавете во полиција и запознајте ги со целата ситуација. Обезбедете докази (скриншот од објавата или пораките) и што повеќе релевантни информации. Ако имате помалку од 18 години, треба да знаете дека оној кој ја нарушил вашата приватност или ве навел да направите порнографски фотографии ќе биде обвинет за дистрибуција на детска порнографија.

3. Контактирајте ја личноста која ги објавила фотографиите

Во 99% од случаите, жртвата точно знае кој е виновен за објавување на фотографиите (освен во тој 1% каде станува збор за хакирање), а истото лесно се докажува со IP адреса или други сајбер форензички информации. Побарајте од личноста да ги избрише објавите и известете ја дека доколку не го направи истото ќе покренете кривична постапка, доколку не сакате да имате каков било контакт со личноста, побарајте од вашиот адвокат да ги преземе сите потребни мерки.

4. Прифатете

Да се вратите во минатото и да ја промените ситуацијата не можете. Да, во моментов се чувствувате засрамено и понижено, но не се обвинувајте себеси. Не сте единствената која направила или пратила секси фотка некому кому не требала да му верува. Не сте виновни за ништо, а кога фамата ќе стивне, од истата ќе излезете посилни, поискусни и похрабри!

Подготвила: Теодора Крстевска

ФОТО: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.