ТЕСТ: Нови лекции за превенцијата од грип

Да го утврдиме градивото

Вирусот на грип може да преживее на цврсти подлоги (на пр. на тастатура) од 24 до 48 часа. На марамчињата? Од 8 до 12 часа! Употребете ги еднаш и веднаш фрлете ги!

Не повторувајте ги грешките поради кои минатата година (и секоја претходно!) „закачивте“ грип и настинка. Што да правите? Подготвивме краток тест што ќе ви помогне полесно да го совладате градивото

1. Сега е доцна да се вакцинирам против грип. Точно или неточно?

Одговор: неточно! Не постои прецизно одреден рок за вакцинација. Се разбира, подобро е порано да завршите со тоа, за да изградите имунитет пред почетокот на сезоната на грип (почнува во ноември, а трае до мај). Меѓутоа, кога и да се вакцинирате – тоа е клучен фактор за заштита од зараза. Ова важи и доколку сте „прележале“ некој од вирусите – вакцината ќе ве заштити од другите.

2. Кој симптом е знак дека треба да посетите одреден лекар?

А Болки во коските и во мускулите.

Б Покачена телесна температура.

В Екстремна премаленост.

Г Сѐ горенаведено.

Одговор: под Г. Овие знаци не се типични за обична настинка, па постои веројатност дека станува збор за вирус на грип.

Основната разлика меѓу настинката и грипот е во интензитетот на симптомите: во случај на грип, тие се појавуваат нагло, за неколку часа, со висока температура, главоболка, болки во мускулите и премаленост, која го фрла пациентот во кревет.

Главна компликација во случај на грип е воспаление на белите дробови, па доколку имунитетот ви е слаб и се плашите дека организмот нема лесно да се избори со вирусот, што е можно побрзо одете на лекар.

3. Колку долго би требало да сте на боледување доколку се разболите од грип?

A Три дена.

Б 24 часа откако ќе ви се нормализира телесната температура.

В 48 часа откако ќе ви се нормализира телесната температура.

Г Додека се почувствувате комплетно здраво.

Одговор: под Б. Ако добиете висока температура (не им се случува на сите), почекајте да се нормализира и да остане така најмалку 24 часа без употреба на лекови против температура, пред да се вратите на работа.

Доколку кашлате, ве боли грлото и чувствувате слабост во целото тело, иако вашата температура не е повисока од 37 степени, препорака е да не одите на работа следните шест дена за да не ги заразите колегите.

Ако не можете да отсуствувате толку долго, преземете превентивни мерки за да ги заштитите преостанатите: подотворете го прозорецот, избегнувајте контакт со другите, почесто мијте ги рацете и дезинфицирајте ги површините што ги допирате.

4. Кој е најдобар метод да се отстранат вирусите од рацете?

А Сапун и вода.

Б Средство за дезинфекција на рацете на база на алкохол.

В Средство за дезинфекција на рацете што не е на база на алкохол.

Г Сѐ горенаведено.

Одговор: под A и Б. Водата и сапунот одлично ги отстрануваат вирусите од рацете, но треба да ги триете барем 20 секунди. Но ако се брзате – не грижете се, и средството за дезинфекција со 60-95% алкохол ќе убие 99,9% од бактериите.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.