Доколку ви се јаде бурек, можете да го приготвите сами и тоа од готови кори
Состојки:
- 400 г потенки кори
- 300 г сирење
- 100 г кисела павлака
- 100-200 мл вода
- многу малку прашок за печиво
- сол
- масло
- тркалезна тепсија со пречник од 22 см
Приготвување:
Добро издробете го сирењето, додајте ја павлаката и внимателно измешајте за да не се здроби сирењето.
Тепсијата обилно премачкајте ја со масло. Во вода додајте прашок за печиво и мешајте додека се стопи. На дното на тепсијата ставете ја првата кора, па премачкајте ја со малку масло и попрскајте ја со вода и прашок за печиво.
Ставете ја втората кора и попрскајте ја и намрсете ја. Страните на двете кори треба да висат преку тепсијата.
Додајте ја третата кора малку згужвана во средина и на краевите, па намрсете ја, попрскајте ја и додајте го делот со сирењето, обично тоа е една третина. Повторете ја истата постапка, со тоа што сега ќе ги згужвате сите кори.
Кога ќе ви се потроши сирењето, префрлете ги рабовите од корите што висат и поклопете со уште две кори кои се намрсуваат и попрскуваат со вода, па се туткаат од страните во тепсијата.
Печете на 200-210 степени Целзиусови околу 40 минути за да порумени убаво. Префрлете го врелиот бурек на штица и пресечете го кога ќе се олади малку.