ЦРВОТ НА СОМНЕЖОТ: Дури и најпаметните и најкреативните индивидуи понекогаш се несигурни во себе!

У&З колумна

Дури ни најпаметните и најкреативните индивидуи не се имуни на озлогласеното црвче што носи чувство на пропаст

Има ли поента тоа што го правам? Предизвикува ли некаква промена? Го чита ли некој воопшто тоа што го пишувам? (покрај лекторката и баба ми) Веројатно секому понекогаш му се појавува тоа црвче на сомнежот што грицка, колеба и прави да се сомневаме во себе. Иако знае да биде подмолно и нечујно, ако внимателно слушате, ќе го чуете неговото задоволно жвакање.

Како да го препознаете?

Прво, се манифестира со чувство на недостиг на признание за тоа што го правите. Не добивате никаков фидбек, не знаете дали тоа што го правите е добро и дали постигнува некаков ефект. Или некој ви укажал на тоа дека вашата работа е комплетно безначајна, директно или индиректно. Второ, почнувате да се споредувате со другите. Гледате како тие работат, каков успех тие постигнале и имате чувство дека сите се подобри од вас. Третата фаза е кога негативните размислувања почнуваат поинтензивно да ве оптоваруваат, па дури и да ви ја попречуваат работата. Не сте продуктивни и не давате максимум од себе бидејќи верувате дека никогаш нема да го исполните својот потенцијал. Се сомневате во вашите способности и почнувате сериозно да размислувате за најпоразителната одлука: да се откажете.

Иако сомнежот во себе е добар во ситуации кога ве поттикнува да учите и напредувате, може да претставува и голема пречка за вашиот развој. Замислете си ја следнава ситуација: сте добиле некаква комплицирана задача што некој верувал дека само вие можете да ја завршите како што треба. Но наместо да го сфатите тоа како признание за вашиот досегашен труд, ве фаќа паника. Што ако не успеам да ја сработам? Што ако лошо ја сработам? Што ако не ги исполнам очекувањата и станам предмет на потсмев? Стравот игра голема улога во вашата мала драма. Немате мотивација за овој предизвик и завршувате површно во последен момент, па си велите: „Можев ова и подобро да го направам”.

Не сте сами!

Нормално е да почувствувате недостиг од самодоверба. Грешите ако мислите дека другите не се соочуваат со истиот проблем. Дури ни најпаметните и најкреативните индивидуи не се имуни на озлогласеното црвче што носи чувство на пропаст. Познатата актерка Натали Портман исто така се чувствувала многу несигурно кога ги започнувала своите студии на Харвард:

„Се чувствував како да сум таму по грешка, како да не сум доволно паметна за да бидам во тоа друштво и чувствував притисок дека секогаш кога ќе ја отворам устата, треба да докажувам дека не сум само обична глупава актерка.”

Преземете чекори за екстерминација!

Следен пат кога ќе забележите дека црвчето станува навистина бучно и здодевно, преземете чекори за екстерминација. На пример, најдете си алтер-его. Дури и големата Бијонсе мораше да ја измисли Саша Фирс за да може да настапува. Во ситуации кога се чувствувате несигурно, помислете на некоја личност што ве импресионира и запрашајте се како таа би постапила, па направете го истото. Нема ништо лошо во малку глумење. Или, пак, пробајте да се погледнете себеси низ очите на другите. Што мислат другите за вас и како ве доживуваат? Сигурна сум дека ќе се сетите на многу луѓе што ве гледаат како пример и ви се восхитуваат. А ако добиете негативен фидбек што не е во форма на конструктивна критика – игнорирајте го! Не е корисно сечие мислење, па научете да правите селекција кој совет да го прифатите, а кој да го отфрлите.

Свесноста за сопствените недостатоци ни овозможува да работиме на нив и да стануваме сè подобри, но ако предолго се окупираме со нив, можат целосно да нè обземат. Иако никогаш не може целосно да се отстрани чувството на несигурност, не дозволувајте црвчето да се претвори во огромен дождовен црв.

     Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: useng/Leonid studio/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.