ЛЕЈЛА РАМКОВСКА ни откри што (не) сака кај себе: „Потребна е емпатија прво кон себе, а потоа и кон другите“

Разговор за убавината

Лејла Рамковска ни ги откри тајните на нејзината убавина

Реализирана, активна и негувана – нејзиниот животен стил претставува вистинска инспирација за нејзините следбеници на социјалните мрежи. Откако на 29 години се соочила со дијагнозата дискус хернија и вратна спондилоза, јогата станала задолжителен дел од нејзиното секојдневје, а денес не може да си го замисли животот без неа. Дознаваме како ѝ успева на Лејла Рамковска постојано да блеска и однадвор и однатре…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lejla Ramkovska (@lejlaramkovska)

Што мислиш за денешните стандарди за убавина?

Ми се чини дека перцепцијата за надворешниот изглед целосно ни е изместена. Сè ни е на дофат, живееме во некој виртуелен свет каде што можеме да изгледаме како ни душа сака. Му се придава преголемо значење на надворешниот изглед. Ако сте незадоволни од самите себе, не постојат филери, стомачни мускули, плус или минус килограми што ќе ве направат посреќни. Малку фокус на внатрешната убавина не би било лошо како за промена.

Од кои правила за нега никогаш не отстапуваш?

Доволно сон, течности, нега на кожата наутро и навечер, масажа на лицето со мицеларна вода, по што нанесувам серум од слуз од полжав. Тоа го правам и кога сум мртва уморна.

Како ги негуваш психата и внатрешната убавина?

Сè помал ми е кругот на луѓе од кои добивам негативна енергија. Знам да кажам „не“, кога нешто почнува да ме исцрпува. Викендите ги поминувам со моите најблиски, што ми ја враќа енергијата. Животот е полн со предизвици, на сите ни се случува понекогаш нешто тешко и негативно. Природата и јогата имаат навистина голема моќ да го сменат расположението. Но помага и повторувањето позитивни мисли и мантри секој ден, сè додека умот не се увери во нив.

Си имала ли период во животот кога си се чувствувала несигурно во себе?

Секако дека имало и ќе има. Несигурноста ти дава можност да се преиспиташ, а тоа води кон напредок. Едноставно си ги прифаќам тие фази и гледам како можам да се подобрам. Потребна е емпатија прво кон себе, а потоа и кон другите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lejla Ramkovska (@lejlaramkovska)

Кои карактеристики ги сметаш за твои најсилни страни? Постои ли нешто што би променила кај себе?

За мои најсилни страни ги сметам издржливоста, но и приспособливоста. Силата, но и мекоста. Храброста да ги надминам ограничувањата и да ја претворам јогата, која ми е составен дел од животот, во моја главна професија. Ништо не би променила кај себе. Треба да се изразуваме и доживуваме токму такви какви што сме – тоа нè прави уникатни и посебни.

Каков совет би им дала на девојките кои имаат проблем со самодовербата?

Нема да набројам клише афирмации како „сакајте се себеси“, „верувајте во себе“ итн… Тоа се празни и површни верувања што не можеш да му ги кажеш некому кој навистина има проблем. Не сум психолог, но од мое искуство, би им препорачала да погледнат подлабоко и похрабро во себе, за да дознаат која е суштинската причина за нивната несигурност. А потоа да направат план како да го променат тоа. Јогата помага да навлезете подлабоко во својата душа и навистина да го прифатите тоа што не може да се смени, а да имате трпение за тоа што може да се смени.

ИРЕНА СПИРОВСКА: „Сакам да наоѓам повеќе време за себе и за најблиските“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.