ИРЕНА СПИРОВСКА: „Сакам да наоѓам повеќе време за себе и за најблиските“

Разговор за убавината

Нашата позната водителка ни откри што сака, а што не сака кај себе

Многу жени сакаат да ја дознаат тајната на нејзиниот младешки изглед, со оглед на тоа што познатата водителка Ирена Спировска изгледа вито и беспрекорно како на почетоците од својата долгогодишна кариера. Иако признава дека тоа им го должи делумно на гените, сепак најзаслужни се дисциплината, активниот живот и грижата за себе.

Сметате ли дека младите девојки денес имаат погрешна перцепција за убавината?

Пред 30 години, кога јас и мојата генерација ги живеевме дваесеттите,носевме фармерки и старки. Високи потпетици и шминка стававме само за посебни пригоди, не им робувавме на брендовите и трендовите, навечер излегувавме да се забавуваме и да се дружиме, а не да презентираме скапи парчиња облека и да изгледаме како да сме штотуку симнати од модна писта. Бевме скромни и едноставни, неоптоварени со сето она кое денес им е приоритет на голем дел од младите луѓе. За жал, во меѓувреме работите се сменија, младите девојки многу лесно им подлегнуваат на актуелните трендови за естетски корекции (кои сметам дека им се апсолутно непотребни на младите луѓе), трошат време по козметички салони, трошат пари за трендовска брендирана гардероба наместо да спортуваат,да поминуваат време во природа, да стекнуваат здрави навики и да уживаат во својата младост и природна убавина.

Кои се вашите правила за нега и убавина од кои никогаш не отстапувате?

Секогаш сум се трудела да користам, пред сè, природна козметика. Мојата секојдневна рутина е многу едноставна. Користам хидратантен дневен крем, ноќен крем и антирид за околу очите пред легнување. Посебно внимание обрнувам на чистење на лицето од шминка која е задолжителен дел од мојата работа. Користам млеко за чистење, мицеларна вода и гел за чистење. Кога посетувам козметички салон, исто така,одбирам третмани на база на природни препарати кои ја потхрануваат и негуваат кожата. Противник сум на ботокс, разни филери и естетски корекции.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irena Spirovska (@irenaspirovska)

Надворешната убавина не е целосна без внатрешната убавина. Како се грижите за вашето ментално здравје?

Физичката активност, покрај тоа што е значајна за нашиот изглед, придонесува и за менталното здравје. Секојдневно се соочуваме со разни предизвици и притисоци, живееме во стресно време и опкружување, па спортувањето може да биде одлична антистрес терапија за секого од нас. Личниот развој е процес кој трае цел живот и за него многу придонесуваат не само книгите,образованието туку и луѓето со кои сме опкружени. Со годините човек сфаќа дека не е потребен голем круг на пријатели туку дека ни се потребни луѓе кои веруваат во нас, но и кои нè познаваат доволно добро за да ни укажат на нашите грешки и пропусти. Човекот може да се надградува само ако е подготвен да се менува.

Сте имале ли некогаш проблеми со самодовербата?

Самодовербата се стекнува со текот на годините, тоа е дел од процесот на созревање. Важно е да се прифатиме себеси такви какви што сме, со сите свои предности и недостатоци. Секој од нас има силни и слаби страни, важно е да бидеме свесни за нив, да ги искористиме нашите квалитети и да дадеме сè од себе да ги минимизираме своите недостатоци онолку колку што можеме.

Постои ли нешто што би го промениле или подобриле кај себе, и физички и карактерно?

Секако дека постојат работи кои би сакала да ги подобрам кај себе, пред сè мислам на работи од карактерна природа. Сакам да наоѓам повеќе време за себе и за најблиските и да не се вознемирувам за работите што не можам да ги сменам и врз кои не можам да влијаам.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Како се храни Ирена Спировска: „Верувам дека умереноста во исхраната е клучот за вита линија и здрав живот!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.