Како се храни Ирена Спировска: „Верувам дека умереноста во исхраната е клучот за вита линија и здрав живот!“

Животен стил

Иако има успешна 30-годишна кариера зад себе, времето како да застанало за познатата ТВ-водителка, па многу жени посакуваат да дознаат која е нејзината тајна…

Ирена Спировска е една од нашите најангажирани водителки, која важи за синоним на природна убавина. И денес изгледа вито и беспрекорно како на почетоците од нејзината кариера, а за тоа се заслужни доследната нега и грижа за себе. Свесна за фактот дека со годините полека се менуваат и метаболичките процеси во човечкиот организам, откако зачекорила во петтата деценија од животот, таа особено внимава на здравата и правилна исхрана. Прочитајте на што уште се должат нејзиниот негуван изглед и топ-форма…

„СПОРТУВАЊЕТО Е ПОЗДРАВО ОД КОЈА БИЛО ДИЕТА“

За Ирена, овошјето и зеленчукот треба да се на прво место и таа секогаш практикува балансирана исхрана, умереност во јадењето и пиењето, како и правилна комбинација на прехранбените намирници. „Со други зборови, здравата исхрана значи свесност за храната и дисциплина при нејзиното консумирање. Отсекогаш сум внимавала да се хранам правилно, бидејќи сметам дека тоа придонесува за здрав и квалитетен живот“, објаснува таа.

Никогаш досега не држела на диета, ниту ги броела калориите. Наместо тоа, се труди да биде физички активна и на тој начин да ги согори внесените калории: „Верувам дека спортувањето е многу поздраво од која било диета, а придобивките се многубројни: се трошат калории, се одржува посакуваната телесна тежина, се затегнуваат и зајакнуваат мускулите, но и се стекнува кондиција, што помага полесно да ги извршуваме секојдневните обврски. Диетите најчесто имаат привремен ефект и помагаат да се намали телесната тежина, но потоа килограмите повторно се враќаат.“

„ПРАКТИКУВАМ ВЕГЕТАРИЈАНСКА ИСХРАНА“

Утрото на нашата водителка секогаш започнува со чаша овошен кашест сок, приготвен од сезонско овошје, во комбинација со замрзнато шумско овошје, што е одлично за расонување. „За ужина најчесто јадам јаткасто овошје, црно чоколадо или протеинска плочка. Ручекот претежно ми се состои од салата и оброк од зеленчук (еднаш неделно јадам риба), а за вечера обично консумирам тестенини во комбинација со чаша бело вино. Омилени ми се рибните ресторани, затоа што сум вегетаријанка и не јадам месо. Ги сакам и македонските традиционални јадење што се без месо“, открива Ирена.

„ПИТИТЕ МИ СЕ СЛАБОСТ“

Ирена ни призна дека готвењето отсекогаш го доживувала како обврска, а не како задоволство, па готви кога има време и желба. „Најчесто приготвувам тестенини, разни салати во комбинација со семки и суво овошје, а омилено јадење ми е лососот, па веројатно затоа и го приготвувам со најголемо задоволство.“

Покрај лососот, водителката не може да им одолее на питите! „Питите ми се слабост и секогаш кога јадам пита, се прејадувам. Едноставно не можам да одолеам на пита со праз, спанаќ, сирење… Ги одбегнувам благите работи, како што се тортите и колачите, а освен црно чоколадо, понекогаш си дозволувам и понекое парче баклава, која ми е омилена од слатките.“

Ирена ни откри и дека никогаш не пие газирани пијалаци, а разговорот го заклучивме со нејзина топла препорака: „Начинот на кој се храниме е составен дел од културата на живеење. Уживајте во храната, но не заборавајте дека правилната и умерена исхрана е единствениот клуч за здрав и квалитетен живот!“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, DronG/Yelena Yemchuk/iStock via GETTY IMAGES

Се храни вегански, но полесно ѝ е да каже дека пости: Дознајте како изгледа менито на Снеже Велков!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.