ЛАРА ИВАНОВА: „Ми недостасува само малку повеќе време за сето тоа што планирам да го завршам во денот“

Што ве прави среќни?

Нашата пејачка Лара Иванова ни одговори на прашањето што ја прави среќна

На минатогодишниот „Макфест“, таа и Пајак добија награда за најслушана песна, откако направија вистински бум со „Бела“. И на последното издание на популарната манифестација „Златна бубамара“ беше прогласена за најперспективна пејачка. Лара Иванова неуморно ниже хитови од 2019 година, но сето ова е само најава за она што допрва следува од идната голема македонска ѕвезда.

Патот до успехот на музичките артисти во нашата земја неретко е исполнет со многу сопки и предизвици, но Лара чекори храбро и самоуверено по него, радувајќи им се на признанијата и вложувајќи многу време, љубов и енергија:

„Наградата за најслушана песна е најдоброто признание што еден артист може да ја добие, бидејќи претставува директна поддршка од публиката и доказ дека нешто навистина вреди и е прифатливо за сечиј вкус. Вложувам многу труд и љубов во тоа што го работам, па нормално е сето тоа да даде успех.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lara Ivanova (@_lara.iv_)


Сигурно претпоставувате дека музиката е присутна во сите мигови од секојдневјето на нашата пејачка, и во право сте. Нејзиниот рецепт за совршено утро е будење рано, вежби за истегнување, свежо цеден сок од зеленчук и овошје и, секако, музика. Дури и кога ќе „стане на лева нога“, музиката, работата во студио и настапите ѝ даваат мотивација да чекори напред и постојано да создава нешто ново.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lara Ivanova (@_lara.iv_)

Упорноста и посветеноста се гаранција за успех според многу докажани лица во својата област, но скромноста е уште една особина што ја краси младата пејачка. Таа е благодарна за сè што има и не би побарала ништо друго, освен можеби малку повеќе време:

„Не би рекла дека ми недостасува нешто особено за да бидам посреќна и позадоволна. Можеби само малку повеќе време за сето тоа што планирам да го завршам во текот на денот“, признава Лара.


Настапите секогаш ја исполнуваат и ја прават среќна, а тие не би биле потполни без нејзините најмлади обожаватели:

„Среќните и задоволни лица на моите најмлади фанови, особено кога заедно ги пееме моите песни и кога правиме заеднички фотографии, секогаш успеваат да ми измамат насмевка на лицето и на посебен начин ми го греат срцето.“

Расположената публика е најсигурниот знак дека музичарот успеал да допре до неа и да создаде весела атмосфера, а Лара Иванова несомнено знае како да го направи тоа. Всушност, убавината на музиката лежи токму во нејзината моќ да ги поврзе луѓето кои случајно или намерно се нашле на исто место во исто време. Во продолжение слушнете ја најновата песна на Лара и дознајте без што таа не може да си го замисли животот…

ЛАРА НЕ МОЖЕ БЕЗ:

Нејзините најблиски

Музика

Нејзините мачки

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.