Карл Лагерфелд нè напушти, но остави неизбришлива трага: 20 легендарни изјави по кои секогаш ќе го помниме!

Легендите не умираат!

Модниот свет занеме по објавата дека легендарниот креатор Карл Лагерфелд починал по краткото боледување

Славниот моден дизајнер Карл Лагерфелд почина вчера во Париз на 85-годишна возраст.

Тој дефинитивно беше еден од најголемите модни дизајнери на сите времиња, а остави неизбришлива трага во модниот свет. Тој боледувал од рак на панкреасот, а починал откако бил одведен во болница.

Бил многу горд на својот здрав начин на живот, па ракот му дошол како голем шок. Сепак, изворите откриваат дека не зборувал многу за болеста, но храбро се борел.

За него дизајнирањето било исто со дишењето, а највпечатливи се неговите идеи и креации за „Шанел“ и „Фенди“. Тука е и неговата модна линија што го носела токму неговото име.

Лагерфелд бил роден во Хамбург, Германија на 10 септември 1933 година иако тој самиот никогаш не ја објавил својата дата на раѓање. Уште од најраното детство покажувал интерес за мода и дизајн, сечкал фотографии од весници и го критикувал она што го носеле другите на училиште.

На 14 години се преселил во Париз со поддршка од своите родители, а по само две години ги предал своите скици за натпревар во дизајн. Тогаш го запознал и Сен Лорен, со кого станал близок пријател.

На почеток, работел со Пјер Балмејн, подоцна за Клои, а во „Шанел“ и „Фенди“ оставил најголема трага.

Во 2015 година во Доха ја отворил првата продавница за брендот Карл Лагерфелд.

Да се потсетиме на некои од неговите легендарни изјави.

  • „Суетата е најздравото нешто во животот.
  • „Секогаш одам на спиење беспрекорно чист. Тоа ми остана од детството. Кога бев дете, мајка ми ми велеше: ‘Можеш да се разбудиш среде ноќ и да умреш ненадејно. Затоа секогаш мора да изгледаш најдобро што можеш’.“
  • „Мислам дека тетоважите се ужасни. Тоа е како целиот свој живот да носите фустан на Пучи. Ако сте млади и вити, во ред е, но ако не сте…“
  • „Јас сум како моден нимфоман кој никогаш не доживува оргазам.“
  • „Шикот е како мајонез, или има добар вкус или нема.“
  • „Ајподот е генијална работа. Ги имам 300.“
  • „Немам човечки емоции.“
  • „Најважната работа во домот е корпата за отпадоци.“
  • „Дури и како дете носев вратоврски, исто како и денес.“
  • „Фрустрацијата е мајка на криминалот и би го имало многу повеќе да немаше проститутки и порно филмови во светот.“
  • „Мојата работа е да го извлечам од луѓето она што тие не би се осмелиле да го изнесат самите.“
  • „Ми се допаѓа идејата лудоста да соработува со дисциплината.“
  • „Не сакам стандардна убавина. Ако нешто не е невообичаено, тогаш не е убаво.“
  • „Модата не е морална, ниту неморална, но измислена е за подигнување на моралот.“
  • „Елеганцијата е психичка состојба. Ако жената ја нема кога е гола, нема да ја има ни кога е облечена.“
  • „Живееме во романтичен и трагичен свет.“
  • „Диетата е единствената игра во која добиваш кога губиш.“
  • „Црно-белата комбинација секогаш изгледа модерно.“
  • „Стојам со двете нозе на земја, само не на оваа земја.“
  • „Креирањето и модата е процес на непрестаен дијалог.“
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.