Инспиративен разговор со Илина Арсова: „Ме мотивира совладувањето нови предизвици“

Што ви дава ветер во грбот?

Со Илина Арсова разговаравме за сите предизвици со кои се соочува жената во модерното општество

Во модерното општество жената е изложена на многу предизвици и притисоци. Од неа се очекува да биде реализирана на сите полиња: да биде добра мајка и грижлива сопруга, да биде успешна во својата професија и притоа да има време за социјален живот и духовна надградба. Не е лесно да се остане свој и доследен на себе во таква средина, па затоа жените на кои им успева тоа предизвикуваат восхит! Но што е тоа што ги мотивира нив? Што им дава ветер во грб? Одговорите на нашата соговорничка ќе ве инспирираат!

Позната си како планинарка, активистка за здрава животна средина, уметница… Имаш освоено многу врвови, во буквална но и во метафоричка смисла на зборот. Несомнено е дека си инспирација за многумина, но што е тоа што тебе најмногу те мотивира и те охрабрува да продолжиш понатаму и во потешките животни мигови?

Мислам дека е најтешко човек да остане мотивиран, особено кога ја нема потребната поддршка и мотивација од средината. Во општество кое се темели врз недоверба и завист меѓу луѓето,  каде сериозно недостасува емпатија, солидарност и толеранција, најголем предизвик е да се научиме како самите себе да си бидеме поттик и мотивација, а со тоа и околу нас да шириме позитивни вибрации и да ја поттикнуваме околината кон позитивни промени. Има неколку вежби кои сум ги научила во планините и се навистина корисни во секојдневниот живот. Накусо, кога не сме мотивирани си наоѓаме помали предизвици чие совладување ни предизвикува задоволство, а потоа постепено  ја поместуваме целта повисоко. Има една поговорка која секогаш наоѓа корисна примена, вели: Кога ја нема мотивацијата, настапува дисциплината.

Во модерното општество, жената е изложена на многу притисоци и предизвици. Од твое искуство, што сè се очекува од жената денес? Може ли да се одговори на сите очекувања?

Порано сметав дека треба да одговорам на некакви си очекувања од општеството. Но, колку станував повеќе свесна, комплетна и реализирана како личност, сфатив дека навистина нема потреба од тоа. Очекувањата се претходници на разочарувањата, како што објаснувам во мојата нова книга… Притисоците се притисоци ако ги земеме при срце, дотогаш се нечиј туѓ проблем, а не секој проблем заслужува и вреди да му се посвети внимание. Доколку нашата мисија има значење, ако сме искрени пред себе и светот, работиме и делуваме со љубов, тогаш не треба некому да се докажуваме или по секоја цена да сакаме да ги задоволиме сите околу нас. Тоа е многу исцрпувачки и речиси невозможно бидејќи има луѓе кои ни самите себе не се сакаат, па тогаш како би можеле да засакаат или охрабрат некој друг?

Какви жени те инспирираат? Кои жени сметаш дека треба да се земат како пример за новите генерации?

Ме инспирираат жени и воопшто луѓе кои живеат и делуваат на едно повисоко ниво на свесност, каде животот продолжува над самите нас,  добива смисла и остава трага врз човештвото. Ме инспирираат личности кои ги негуваат вистинските вредности на скромност, искреност, солидарност. Луѓе кои се истовремено свесни за својот ум, тело и природата која не’ опкружува, бидејќи тоа се трите домови на секој човек и само со добра комуникација меѓу секој еден од нив, можеме да постигнеме вистинска среќа.

Постои ли заедништво помеѓу жените денес?

Мислам дека жените знаат да бидат љубоморни и компетитивни на еден поинаков начин од мажите. И сето тоа е во ред се’ додека сме свесни и никому не му нанесуваме штета. Јас сум дел од неколку светски програми кои сведочат за едно вонсериско заедништво и единство меѓу жените. Како скромен пример и обид за постигнување на истото дома би ја издвоила женската качувачка школа каде веднаш се створи една суптилна конекција и нови пријателства меѓу девојките.

Каква трага се надеваш дека ќе оставиш во општеството? Која е твојата животна цел?

Во последните десет години како алумна на Глобалната Спортска Менторска Програма, основач и поддржувач сум на национално и интернационално движење каде го користиме спортот како алатка за зајакнување на жените и поттикнување на  мир и еднаквост. Преку оваа иницијатива како и разни форми на активизам, ја ширам идејата и за зачувување на менталното здравје кај младите преку спорт, поттикнување на еколошка свесност и поздрав начин на живот. Мојата мисија е да мотивирам што повеќе луѓе да го најдат својот пат до среќата, и до остварување на своите соништа.

Кои се најважните работи што сметаш дека секоја жена треба да ги запамети? Што би ја советувала помладата Илина?

Што и да ја советувам помладата Илина немало да доведе до онаа Илина денес. Од грешките најмногу може да научиме дури и кога по неколкупати истите ги повторуваме. Дури и кога од нив излегуваме скршени и повредени, на крајот сепак стануваме посилни.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.