Храброста да се сподели сопственото искуство: Марија Б. Калпак се стреми да спаси што повеќе животи преку својата лична борба со канцерот

Животен предизвик

Храбро и благородно е отворено да се зборува за личен животен предизвик, а токму тоа го прави доктор Марија, која на 28-годишна возраст се соочила со дијагнозата рак на дојка. Сега, нејзините инстаграм-профили @dr.marijabunda и @breastcancer.mk имаат важна мисија: да спасат што повеќе животи. Нејзината бестрашност и волја инспирираат, а советите што ги споделува се бесценети!

Доктор Марија Б. Калпак има 30 години и моментално е на специјализација на Универзитетската клиника за дерматологија. Многумина ја знаат како докторката што ги прави најприродните усни во Дијагностички центар, но од неодамна стана актуелна со тоа што ја сподели нејзината борба со ракот на дојка преку социјалните мрежи. Иако не е лесно, Марија се стреми да направи позитивна промена во светот со својата приказна…

Зошто реши јавно да ја споделиш твојата приказна?

Ми требаше долго време да соберам храброст да зборувам на оваа тема, но кога животот ни дава предизвици треба да се обидеме да направиме позитивна промена. Мислам дека на овој начин можам да спасам многу животи, затоа што кога ракот на дојка ќе се открие рано, успехот на лекувањето е над 90%. Ако мојата приказна ги поттикне жените на секоја возраст да прават редовни прегледи на дојките, ќе сметам дека сум ја постигнала целта. Секојдневно добивам пораки од жени што ја слушнале мојата приказна и направиле преглед. Најголем дел од нив открива бенигни промени, но има и неколку што за жал (или за среќа) откриле малигни промени, и токму тој преглед им го спасил животот!

За оние што не се запознаени со твојата приказна, да почнеме од почеток. Како дозна за болеста и кога?

Тоа беше периодот кога престанав со доење на мојата помала ќерка. Бев навикната да имам промени во градите поради доењето и токму затоа не ѝ придавав важност на грутката што се појави. Беше проследена со мала болка, но ништо загрижувачко. Подоцна го открив карциномот и така започна целото патешествие. Ехо, биопсија, магнет, пет-скен. Имав хемотерапии, операција, радиотерапија и сите лекови што следуваат со тоа. Кој поминал низ ова, знае дека воопшто не е лесно, но се издржува. Кога ќе помислиме на болни од рак, веднаш си замислуваме испиени, бледи лица, а јас воопшто не се чувствував така (барем не постојано). И кога немав коса – се чувствував добро (сопругот има огромна заслуга за ова).

Како се чувствуваш сега? Што те очекува понатаму?

Кога ќе се соочиш со ваква дијагноза, животот добива друга димензија. Сега сè е насочено кон контролирање на болеста, тоа што останало од неа некаде во организмот и нејзино уништување. Целта е телото да биде здраво, силно, имунитетот треба да функционира беспрекорно, за да не дозволи враќање. Пијам околу 20 таблети дневно, вклучувајќи и антихормонални лекови и безброј суплементи и витамини. Ја немам енергијата што ја имав порано, но тоа е новото нормално и човек учи да живее со тоа. А што ме очекува понатаму, никој не знае – се надевам само убави работи.

Моментално си на лекување во Англија. Што е она што најмногу им недостига на заболените од канцер во нашиот здравствен систем?

Една од работите што видов дека ја имаат во Англија е cold caps, кои се користат за да се спречи опаѓањето на косата во текот на хемотерапијата, но, искрено, пациентите со карцином на дојка во Македонија ги добиваат најсовремените третмани и лекови што се достапни секаде во светот. Кај нас можеби треба да се обрне поголемо внимание на психолошката и социјалната поддршка на болните од рак. На секој човек му треба да разговара со професионалец кога се соочува со ваков пресврт во животот. Затоа со сопругот, кој е психијатар, ја отворивме страницата psihamk, каде што луѓето можат да се обратат за психолошка помош.

Како изгледа твоето секојдневје сега?

Уф, моите денови се драстично различни во моментов. Со сопругот поминуваме многу време со децата, уживам да ги гледам како растат секој ден. Благодарна сум за сонцето, за денот што ме буди, за тоа што живееме во мир и слобода. Внимавам на исхраната – не јадам шеќер и го лимитирам внесувањето јаглехидрати и бел леб. Открив нова љубов во која бескрајно уживам – јогата. Сопругот ме поттикна да пешачам секој ден и да трчам кога можам. Добив шанса и време да ја негувам мојата духовност преку редовна медитација и поминување време со себе. Се обидувам повторно да им се вратам на пеењето и музиката, која е моја голема љубов.

Ти недостига ли тоа да имаш обичен работен ден?

Премногу! Ми недостигаат моите пациенти, работата и нивните насмевки по успешна процедура. Во естетската медицина открив љубов и повик, тоа е вистинска уметност. Ми недостигаат колегите на Клиниката за дерматологија и прекрасните професорки што нè поддржуваат. Се надевам дека набрзо ќе се чувствувам 100% здраво и дека ќе се вратам таму каде што застанав, со нова енергија.

Не е лесно да се балансираат обврските на сите полиња. Како ти се имаат сменето приоритетите сега?

Животот ни носи искушенија зашто сака да нè научи нешто, и јас учам секој ден. Моите приоритети сега се здравјето, сопругот, децата, драгите луѓе околу мене, што повеќе смеење и дружење со луѓето што ги сакам. Ова искуство ми донесе многу љубов, не само од најблиските туку и од луѓе што мислев дека воопшто не ме знаат. Стекнав пријатели што ги немав. Сега не им придавам важност на небитните работи, не се нервирам и лутам лесно. Имам и лоши моменти, сум ги имала и порано, но сега сум посвесна за нив. Ништо не докажувам ниту се обидувам да сменам нешто, имаме моќ да се менуваме само себеси. Ние сме многу посилни одошто мислиме и не треба да се случи нешто вакво за да ги поправиме односите со саканите или да направиме нешто што одамна сме сакале.

Кои се најважните совети што би им ги дала на оние што се соочуваат со дијагноза на канцер?

Подгответе се за ролеркостер! Бидете искрени со себе во врска со тоа како се чувствувате. Кога ви е тешко – одморајте, не преоптоварувајте се. Третманот е тежок но се издржува, полесно е одошто изгледа. Побарајте стручна помош доколку се чувствувате депресивно – мене многу ми помогна. Излегувајте од дома секој ден, колку и да е тешко. Хранете се здраво. Уживајте во кафето, во прошетките, во едноставните моменти поминати со саканите, во сè што ве прави среќни. Живејте!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.