Едноставни методи ПРОТИВ НЕСОНИЦА

Пробајте и сами, многу брзо ќе почувствувате како со здравиот сон се враќа и силата!

Сонот е проверено и најприродно средство за исполнување на потенцијалот на психичката и духовната моќ. Само квалитетен ноќен сон може на човекот да му даде сила и здрав ден.

Многумина од нас постојано чувствуваат умор, од самиот почеток на денот нѐ мачат сезонски заболувања или хронични тегоби, лош ни е имунитетот… Може да се каже дека ништо не е во ред. Ни годините не играат голема улога во тоа дали организмот ќе го издржи денот – сведоци сме на тоа дека на доктор одат и стари и млади. Зошто е така? Често причината е многу едноставна – несоница, недоволно добар сон.

Замислете се над важноста на сонот: човекот преспива цела третина од својот живот! Научниците сметаат дека во текот на таа забавена работа на организмот всушност се одвива неговиот ремонт. Важно е да се запамети дека тогаш не се нормализира само работата на органите и ткивата туку се враќаат психичката и животната енергија. Без редовен сон не може да се зборува за здравје!

Забележано е дека човекот што легнува малку уморен, со спокојни мисли и празен желудник – спие цврсто. Доколку се будите взори, водите дневен начин на живот, правилно се храните, доволно престојувате на свеж воздух – ќе имате цврст сон, кој ќе ви даде енергија.

  • Неопходно е секогаш да се легнува во исто време. На тој начин ќе го научите својот организам на дисциплина и ќе бидете во работно расположение.
  • Но тоа не е сѐ, би требало да знаете и дека луѓето што постојано го стимулираат нервниот систем со цигари, кафе, чај, алкохол… лошо спијат. Запрашајте се, имате ли лоши навики?
  • Запаметете: сѐ што ве расонува пред спиењето лошо влијае на квалитетот на сонот (овде спаѓаат и читање вознемирувачки вести, гледање во екранот на телевизорот или мобилниот, гласна музика…).

Пред спиењето е потребно да се практикуваат само смирувачки процедури.

Специјална соба за сон

Во спалната соба не треба да има никакви билки и животни (освен билки што го чистат воздухот – на пр. хлорофитум), ништо што е бучно и раздразливо. Воздухот треба да биде свеж. Проветрете ја собата пред спиењето, а ноќе затворајте го прозорецот. Спуштете ги ролетните. По желба, ставете икона – таа ќе ја избрка негативната енергија.

Вежби и водени процедури

Овде нема тајни ниту големи мудрости: цел ден треба да бидете умерено физички активни. Одлично би било кога пред спиење би прошетале на свеж воздух. Забележано е дека полевањето со ладна вода или контрастното туширање еден час пред спиење се фантастична подготовка за спокоен сон.

Позитивни мисли

Додека лежите во кревет заборавете на суетните и црни мисли, комплетно исклучете се. Полесно ќе заспиете ако одите на спиење до 21-22 часот. Доколку ви е тешко да потонете во сон, истријте ги дланките и лесно со палецот и показалецот фатете ги ушните ресички, па држете ги така од три до пет минути.

Обидете се да не размислувате за ништо посебно, одморете го мозокот. Ако сте верник, задолжително помолете се. Заблагодарете му се на бога за изминатиот ден, можете и со свои зборови ако не знаете ниедна молитва. Многу луѓе ова ги смирува.

Правилна исхрана

Секогаш водете сметка да се храните пред сѐ со природни производи. Запаметете дека обилно прејадување навечер му пречи на сонот, обврзувајќи го организмот да работи цела ноќ. А потоа ќе станете уморни.

Значи, вечерата треба да биде четири-пет часа пред одењето на починка. Запаметете дека протеинската храна (месна) го разбудува организмот, додека овошје и зеленчук го смируваат. Доколку спиете лошо – во својата исхрана внесете повеќе овошје и зеленчук.

Правилно избрано место за спиење

  • И нашите предци знаеле дека е важно да се спие на добро, здраво место. Затоа прво во новиот дом пуштале мачка. Таму каде што ќе заспиела мачката – го ставале креветот. Современата наука објаснува: мачката спие во добра зона, а во лоша лежи со отворени очи, се полни со негативна енергија (го чисти тој простор).
  • Зглавјето на креветот не треба да биде во затворен бетонски агол. Запаметете, аглите ја голтаат енергијата. Добро би било едната страна на креветот да биде покрај ѕид, тоа ќе создаде „поддршка“ и „заштита“.
  • Ноќе во зглавјето на креветот ставете чаша вода. Старите Руси верувале дека за време на сонот човековата душа лета, патува, а наутро се враќа во телото. Таа треба да се врати во телото чиста, да ја измие од себе целата „нечистотија“ во садот со вода. Таа вода наутро истурете ја. Пробајте го овој стар обичај, можеби ќе ви помогне.

Положбата на телото

Се препорачува да се спие со главата кон север или кон исток. Најдобро е на десниот колк, а под образот да ги ставите дланките. Така ги учиме децата правилно да спијат, а сами не се придржуваме до тоа правило.

Во таа поза срцето и бубрезите не се под оптоварување на другите органи, а склопените дланки ја изедначуваат енергијата на организмот. Помеѓу колената можете да ставите мала перница.

Облека за спиење

Телото треба да се одмори од облеката. Препораката е следна – колку помалку облека во текот на ноќта, толку подобро! Спијте сосема разголени или во лесна ношница.

Памучната ношница ја впива потта и не собира статички електрицитет, како свилената. Нашите предци спиеле со капи и чорапи од волна. Тоа е особено погодно за постарите луѓе што имаат проблеми со циркулацијата.

Видови подлоги и постелнина

  • Тврдата подлога го лекува ’рбетот, а меката го искривува. На тврдата подлога мускулите подобро се опуштаат, иако треба време да се навикнете.
  • Трудете се да спиете без перница. Под вратот ставете тврдо тркалезно перниче за телото и тилот да бидат на исто ниво.
  • Токму таквата тврда тркалезна перница ги исправа вратните пршлени, го зајакнува ’рбетот, ја стимулира циркулацијата на мозокот.
  • Постелата треба да биде доволно топла за да може телото да се опушти. За квалитетен сон особено е важно да се загреат нозете и носот. Затоа во текот на ладните денови покријте се од главата до петиците.
  • Во текот на топлите денови спијте на ленена постелнина, а зиме на памучен и волнен материјал.
  • Руските експерти докажале дека подобро се спие под тешка прекривка, а познат е и фактот дека за ноќе се препорачува пониска температура на собата.

ЕДНОСТАВНИ СРЕДСТВА ПРОТИВ НЕСОНИЦА

Запаметете дека секогаш треба да одите на спиење весели, за и новиот ден да го започнете така. Доколку долго ве мачи несоница и сакате брзо да се ослободите, еве неколку совети за нејзино ефикасно лекување.

1 Набавете куче – така ќе морате да прошетате пред спиење, а тоа е главен предуслов за квалитетен сон. Нема да имате изговор, а ќе стекнете здрава навика.

2 Забележано е дека каменот аметист помага побрзо да се заспие. Пробајте пред спиење на домалиот прст на левата рака да ставите прстен со ваков камен.

3 Што ви кажавме за нозете и носот? Тие би требало да бидат топли ако сакате да заспиете. Можете да земете термос или шише со топла вода да го затоплите креветот. Не заборавајте на волнената долна облека, која ќе ви помогне да се загреете.

4 Доколку температурата во собата е пониска и не можете да се опуштите, пробајте го следното: легнете во кревет, со дланката прекријте го носот и дишете. Топлиот воздух што излегува од носот грее, па брзо ќе заспиете.

5 Можете да „тргнете“ и по друг пат: соблечете се и легнете така додека се разладите малку. Потоа покријте се. Штом ќе се загреете, ќе заспиете. На многумина им помага и чаша топло млеко или вода со лажиче мед (тој го загрева организмот) испиена пред спиење.

6 Помага и броењето овци, но во спротивна насока – од 100 до 1. Меѓутоа, најдобро е да замислите броеви со креда напишани на табла и во мислите, со затворени очи, да ги бришете со сунѓер.

Овие едноставни техники и совети ќе ви бидат од голема корист: ќе ви помогнат да го подобрите своето здравје, да ги зајакнете телото и духот! Иако можеби звучат банално, навистина се промислени. Пробајте и сами, многу брзо ќе почувствувате како со здравиот сон се враќа и силата!

Текст: Руски доктор

Фото: Getty Images, Pexels

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.