Дознајте што велат научниците за биолошката причина поради која се вртат глави по некоја жена

Поради што му се допаѓате?

Мажите од памтивек неодоливо ги привлекуваат истите работи кај жената – мирисот, облините, бојата на гласот, начинот на кој се движат… Но да слушнеме што велат научниците за биолошката причина поради која се вртат глави по некоја жена

Првото прашање што природно се наметнува гласи: кој тип градба на жената најмногу ги привлекува мажите? Истражувањата што се базираат на идејата дека импулсите на пештерскиот човек во некоја мера се задржале во машката психа до денес укажуваат на тоа дека машкиот род е програмиран за одредени пропорции на женското тело, конкретно на обемот на гради, половина и колкови од 90-60-90.

Се претпоставува дека фигурата на песочен часовник е неодолива бидејќи симболизира плодност, а познато е дека мажите ги води импулсот да оплодат што повеќе репродуктивно способни жени. Сепак денес можеме да заклучиме дека мажите се многу покомплексни суштества отколку што изгледаат на прв поглед.

Имено, австралиските научници откриле дека машките испитаници претпочитаат телесни пропорции што се поблиску до реалните мерки на просечните Австралијки од 25 до 44 години. Авторите на оваа студија посочуваат дека и покрај тоа што жените од магазинот „Плејбој“ станаа повити во последниве 40 години, вкусот на Австралијците се смени во спротивна насока.

Повеќе од еден фактор

Разбирливо, не можат само пропорциите целосно да го објаснат ритуалот на парење кај човековиот род. Важна улога игра и телесната тежина. На пример, во социјално сиромашните општества, каде што има недостиг на храна, заоблените жени се сметаат за идеал за убавина, здравје и за привлечност.

Но дури и во развиените земји, мажите под психолошки стрес ги привлекуваат покрупни жени. Објаснувањето лежи во тоа што луѓето кога се соочени со некој проблем гравитираат кон позрели сексуални партнерки.

Повисок индекс на телесна маса кај жените укажува на зрелост, сила и на способност за контрола. Меѓутоа треба да се знае и тоа дека мажот, во мигот кога ќе исчезне стресот, повторно ќе почне да се врти кон манекенски градени жени.

Невидливи сигнали

Во потрага по идеален партнер, мажите и жените емитуваат сигнали што обично се невидливи за окото и за кои тие не се свесни. На пример, истражувачите открија дека мажите повеќе ги привлекува женски глас со високи тонови отколку оној што е тивок и мазен, како и дека жените што зборуваат така ги сметаат за превртливи.

И додека мажите гледаат на жените со ѕвонливи гласови како на потенцијални партнерки, преостанатите жени ги гледаат како конкуренција. Уште едно истражување ја потврди оваа теорија. Имено, испитаничките имале задача да им оставаат гласовни пораки на непознати мажи. Секогаш кога би помислиле дека се работи за згоден маж, тие несвесно би го кренале гласот.

Мирисот на сексот

Тестирањето на сетилото за мирис од страна на американските научници откри дека најголем број мажи најмногу го сакаат мирисот на жената пред овулација. Не само што овој мирис најмногу им се допаднал туку и сметале дека жената што го емитува е многу попривлечна. Едноставно кажано, подготвеноста за оплодување е еден од најсилните сексуални двигатели за мажите.

Научниците велат дека жените, пак, се способни да толкуваат одредени сигнали за имунолошкиот систем на мажите од нивниот телесен мирис и дека, непосредно пред овулација, претпочитаат партнери чиј имунитет се разликува од нивниот. Објаснувањето на овој феномен веројатно се крие во настојувањето идните потомци да стекнат поширок степен на отпорност на разни болести.

Позитивна интервенција на науката

Без разлика на ефектот на добрите гени, постојат случаи кога модерната наука може да го смени нивниот механизам а тоа да не биде целосно негативно. Научно е потврдено дека кај жените што користат пилула во време кога го запознаваат потенцијалниот животен партнер со тек на време исчезнува сексуалното задоволство, но сепак се задоволни од родителските и од финансиските способности на партнерот – фактори што придонесуваат за трајност на врската.

Експертите сметаат дека пилулата го потиснува дејството на хормонот што ги поттикнува жените да ги избираат мажите врз основа на нивната сила, доминантност и физичка привлечност во корист на оние што се покомпатибилни надвор од спалната соба. Замената на партнер што може да ве одбрани од предатор кој се заканува да ви ги изеде децата со оној што може да го издржува семејството и да ги школува децата е совршено смислена во 21 век, нели?

Фото: Pixabay

Уште охрабрувачки сознанија

Ако сето ова почнува да ви изгледа фрустрирачко, стрпете се уште малку. Повремено науката доаѓа до некои резултати што можете да ги примените и во животот. На пример, носете црвено. Докажано е дека оваа боја ја засилува перцепцијата на женската убавина. (Исклучок е застареното тврдење дека црвениот кармин жената ја прави посебно секси, бидејќи една студија докажа дека неутралните нијанси ги излудуваат мажите).

Понатаму, најсигурен начин да бидете привлечни е истовремено и наједноставниот: насмевката! Освен ако не сте маж. Во тој случај никако немојте да се смеете. Ништо не ви е јасно? Според една научна студија, среќното лице на жената најмногу сексуално ги привлекува мажите. Но жените воопшто не реагираат на изразите на среќа на лицето на мажот. Ним најмногу им се допаѓа, а аналогно на тоа и најмногу ги привлекува, израз на гордост на машкото лице.

Малку е чудно што и двата пола изразите на лицето доста високо ги рангираат на скалата на сексуална привлечност. Истражувачите веруваат дека сексуалната привлечност можеби лежи во претпоставката дека срамот сигнализира почитување на општествените норми и доверба.

Реалноста покомплицирана од науката

Сите досегашни и идни истражувања и студии ќе им овозможат незначителен увид, можеби и утеха, а можеби дури и смеење поради препознавање на сите оние што се во потрага по вистинскиот (сексуален) партнер, дури и на оние што се во налет на страст.

Истовремено, и покрај најновите научни достигнувања, јасно е дека резултатите од комплицираната област на машко-женски односи, сепак, тешко можат да се применат во секојдневниот живот. Ах, кога конечно би била откриена формулата за пронаоѓање на совршениот партнер…

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.