Закрепнете по… отказот од работа!

4 едноставни стратегии што ќе ви помогнат во тоа

Животот е многу повеќе од работа или од титула! Искористете го времето по отказот да ги преиспитате своите можности и да стекнете нова самодоверба со помош на овие четири едноставни стратегии

Зошто кога ќе запознаеме некого првото прашање гласи – „Со што се занимавате?“ Затоа што тоа е еден од најлесните начини да се „разбие мразот“ и да се почне разговор. Но одговорот многу може да открие. Работата со која се занимавате треба да каже кој сте и што вреднувате во животот.

Но кога повеќе не можете да кажете „ги водам финансиите во фирмата“ или „предавам математика во средно школо“, не се работи само за загрозеност на вашата кариера, туку и на личното чувство на вредност.

Значи, без разлика дали сте добиле отказ или правите пауза во работата, овие совети ќе ви помогнат повторно да ги откриете своите квалитети.

Бидете свесни за своите најсилни адути

Вашиот идентитет го градите вие, а не вашиот работодавец. Затоа, за да напредувате, „разведете се“ од вашата титула на последното работно место и размислете за вредностите што сте ги внеле во сите претходни работи/фирми. Не го заборавајте придонесот низ активностите што не биле во описот на вашето работно место, како што е обучување на другите колеги.

Опкружете се со луѓе

Анализирајте ги своите социјални карактерни црти – великодушност, сочувствителност, подготвеност да помогнете, духовитост –  кои се многу важни за околината. Ако ненадејно многу време поминувате сами, тогаш ниедна од нив не доаѓа до израз, па не е ни чудно што се чувствувате како да го губите идентитетот (тешко е да си духовит или великодушен, ако сам седиш пред компјутер!). Затоа, немојте да се повлекувате, туку опкружете се со луѓе. Дружете се со пријателите и со членовите на семејството што ве поддржуваат. Исто така, посетувајте настани што се важни за вашата професија.

Редефинирајте ја својата цел

Секој има некаква мисија во животот, било да се работи за огледување на децата или создавање на подобар свет. Но кога во нашето секојдневје не постојат точни рокови и цели, често се чувствуваме како да сме ја загубиле насоката на движење. Сепак можно е и понатаму да тежнееме кон остварување на она што ни е важно. Плаќањето на сметките е напорна обврска, но важна за одржување функционално и среќно семејство. Поголема ангажираност во училишните задачи на вашето дете, исто така, се смета.

Следете ги своите страсти

Она што го правите од љубов зборува повеќе за вас отколку она што го правите за пари. Во хобито се важни искуствата, додека во работата главно се вреднуваат резултатите.

Рефразирајте се:  Овие шест фрази задолжително исфрлете ги од деловниот речник

 Ќе се обидам. Оваа изјава укажува на тоа дека не сте сигурни дека ќе успеете.

Мразам… Премногу остра и груба констатација. Наместо тоа, објаснете кои делови од деловниот план не ви се допаѓаат.

Јас сум идиот. Ако нешто не разбирате, немојте да покажувате дека се срамите заради тоа со самодеградирачки коментари како овој. Едноставно, задржете ја самодовербата и замолете да ви се објасни.

Збунета сум. Со оваа изјава инсинуирате дека личноста со која разговарате не била доволно јасна. Наместо тоа, кажете: „Значи, да појасниме…“.

Требаше да… Овие зборови заменете ги со нешто попозитивно, како: „Следниот пат би можел/а…“

 Не е моја вина. Дури и да е така, поради оваа изјава другите би можеле да ве сметаат за слабак, кој не умее да си ги признае грешките и да застане зад своите постапки.

ДРУЖЕТЕ СЕ СО КОЛЕГИТЕ!

Немојте да чувствувате грижа на совест поради разговорите со колегите покрај апаратот за кафе. Овие вербални паузи всушност можат да ве мотивираат да бидете повредни. Разменувањето неколку збора за некоја добра забава, шопинг или успешен деловен состанок го зголемува задоволството, па така го условува и вашиот труд во работата.

Но тие освежителни разговори нека не бидат подолги од 10-15 мин. Истражувањата покажуваат дека разговор подолг од 30 мин. ја намалува продуктивноста.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.