ТЕСТ: Дали за 10 години ќе бидете богати или сиромашни?

Овој тест може да ви помогне да одговорите на ова прашање и – ако е потребно – да ја смените својата финансиска иднина.

Замислете дека држите кристална топка и дека имате можност да видите како ќе изгледате за десет години. Како би сакале да ви изгледа животот? Како и да се замисливте на таа слика, важно е секогаш да имате на ум дека она што го гледате во иднина е директна последица на сегашните активности.

Доколку искрено одговорите на прашањата што ви ги подготвивме, ќе бидете на добар пат уште сега да дознаете дали во 2023 година ќе поседувате сопствен дом и сигурност или ќе бидете соочени со куп неплатени сметки. Одговорите не се очигледни, па доколку сакате навреме да ја формирате својата иднина – корисно е да размислите за нив.

1. Кога сте во можност да избирате помеѓу плаќање во готовина или со кредитна картичка, вие…

а. … секогаш плаќате со готовина.

б. … користите кредит и само кредит.

в. … ја избирате кредитната картичка со која освојувате дополнителни поени, попусти и слично.

Факти: Луѓето што плаќаат со готовина трошат и до 20% помалку пари од оние што плаќаат со кредитна картичка. Со употреба на кредитна картичка со дополнителни бонуси трошите најмногу пари, бидејќи создавате привидност дека штедите купувајќи, што ѝ дава дополнителни импулси на вашата потрошувачка. Значи, плаќајте со готовина и за десет години ќе заштедите значителна сума пари.

2. Пред годишниот одмор, вие…

а. … се одлучувате дека годинава ќе го прескокнете летувањето, бидејќи имате позначајни приоритети.

б. … ги анализирате сите трошоци што ве очекуваат во следниот период и правите план како да ги вклопите желбите и можностите.

в. … размислувате само за тоа да дојдете до плажа, без разлика на околностите.

Факти: Импулсивната потрошувачка доведува до тоа да донесуваме и нерационални одлуки, кои не се во согласност со нашите можности. Неколку такви одлуки можат значително да ја разнишаат нашата финансиска рамнотежа на подолги патеки.

3. Кога разговаравте за сегашната ваша работа, каква беше вашата тактика?

а. Веднаш преговаравте за платата.

б. Почекавте да помине одредено време за да се докажете, а потоа побаравте зголемување на платата.

в. Го зедовте она што ви беше понудено.

Факти: Пропустот да разговарате за висината на примањата во почеток на кариерата може да ве чини многу во следниот период. Според истражувањата на еден американски институт, факултетски образованите мажи имаат значително повисоки почетни примања од своите колешки, и тоа благодарение на подобрите преговарачки способности за време на интервјуата за работа.

Кога на таа разлика во платата ќе ги додадете и каматите, кои би ги добиле кога тие пари би ги ставиле на штедна книшка, ќе сфатите дека загубата е огромна. Затоа немојте да сте скромни таму каде што тоа не се очекува.

4. Што од наведеното најдобро го опишува односот на вашите родители кон парите?

а. Обично се согласуваа кога стануваше збор за финансии.

б. Понекогаш се расправаа, но зар не го прават тоа сите двојки?

в. Константно се расправаа.

Факти: Доколку сте растеле во опкружување во кое расправиите околу финансиите биле чести, изложени сте на трипати поголем ризик да натрупате кредитни обврски во иднина од оние што не биле изложени на тој вид стрес.

Ова го покажа една универзитетска студија. Нејзиниот заклучок е дека лицата што растеле во семејства во кои имало расправии за финансиите избегнуваат да побараат финансиска помош. Не дозволувајте тоа да ви се случи и вам.

5. Како изгледа месечниот извод на вашата кредитна картичка?

а. Долгот е секогаш до 10% од одобрениот кредитен лимит.

б. Долгот е 30% од одобрениот лимит, понекогаш и нешто поголем.

в. Немам простор за нови задолжувања.

Факти: Кредитната картичка е одличен индикатор на вашите кредитни навики. Доколку владеете со своите финансии, и самите знаете дека овој кредитен производ не треба да се користи во голема мера. Од друга страна, доколку во следниот период се одлучите за поголем кредит (за купување на сопствен дом или на автомобил), имајте предвид дека вашата кредитна историја во голема мера ќе повлијае врз одобрувањето на поголем кредит.

6. Размислувате за купување стан…

а. Ќе собирате средства колку што е потребно, а дотогаш ќе живеете како потстанар.

б. Станбен кредит е многу корисно решение.

в. Не размислувам во таа насока – тоа за мене е недостижно нешто.

Факти: Одлуката за купување сопствен дом спаѓа во категоријата на најзначајни животни одлуки и е показател на вашата финансиска зрелост.

Станбениот кредит можете да го набљудувате како вид штедење, бидејќи без разлика на камата што ќе ја плаќате, со месечно издвојување на средства станувате сопственик на стан или на куќа, кој има своја вредност и претставува дополнителна сигурност во подоцнежните години.

7. Потребно е во краток временски рок да соберете 1.000 евра. Дали е тоа изводливо?

а. Никаков проблем, ќе се послужите со заштедата од вашата сметка во банка.

б. Ќе се снајдете, но следните неколку месеци ќе мора да внимавате на вашите трошоци.

в. Не баш, освен ако не земете кредит.

Факти: Не се потребни големи истражувања за да дојдеме до заклучокот дека повеќето од нас ќе заокружи одговор под б или под в. Она за што би требало да размислиме е фактот дека токму оваа релативно мала цифра понекогаш може да нè исфрли од рамнотежа и да нè доведе до личен банкрот. Непредвидените трошоци за лекување или за поправање на автомобилот се само некои од примерите што можат да ни се случат во секој миг. Затоа заштедете навреме за таа цел.

8. Замислете ја пензијата, дали и на кој начин се подготвувате за овој период?

а. Покрај редовните придонеси, уплаќам средства и за дополнителен пензиски фонд.

б. Покрај редовните придонеси, секој месец одделувам средства на штедната сметка во банка.

в. Трошам сè што заработувам, па и повеќе, користејќи ги кредитните производи.

Факти: Наједноставен модел да пресметате колку пари ќе ви бидат потребни во текот на првата година кога ќе заминете во пензија е 80% од износот на моменталната плата да го помножите со 12. Ќе видите дека износот не е мал и дека нема да можете да се потпрете исклучиво на пензискиот фонд доколку сакате да го задржите квалитетот на животот.

Фото: Getts Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.