Колку знаете за репродуктивното здравје? Совети побаравме од специјалист гинеколог-акушер

Бидете вити и здрави

Совети побаравме од д-р Елма Абдула Хасанаговски, специјалист гинеколог-акушер

Жените денес се соочуваат со многу предизвици и општествени притисоци. Стигматизацијата на неплодноста и сè почестите тешкотии при основањето семејство може да остават сериозни психички и физички последици, па добро е да знаете кои се сите ваши опции и што сè можете да преземете за да го зачувате репродуктивното здравје

Во морето информации што ни се достапни со еден клик на тастатурата може да се прочита сè и сешто. Некои од нив се корисни, но постојат и многу непроверени податоци што лесно можат да нè наведат да мислиме дека знаеме повеќе одошто навистина е така, особено кога станува збор за поинтимни работи. Тука спаѓаат проблемите со репродуктивното здравје, за кои лесно би можеле да побараме совет од гинеколог, но најчесто не го правиме тоа од срам, непријатност или страв од осуда. Токму затоа решивме да поразговараме со професионалец во оваа област, д-р спец. Елма Абдула Хасанаговски, која ни ги реши повеќето дилеми во однос на грижата за репродуктивното здравје и зачувувањето на плодноста.

Основата е најважна

Грижата за репродуктивното здравје започнува од најрана возраст, со правилна хигиена, која подразбира секојдневно миење со вода и сапун, како и користење соодветна долна облека, која треба да биде памучна. Особено внимание на личната хигиена треба да се обрнува во текот на менструалниот циклус. „Важно е да се знае дека менструалната крв, заедно со порастот на температурата во интимната регија поради влошките, го овозможува размножувањето на бактериите. А на оваа возраст, девојчињата веќе треба да почнат да се едуцираат и за редовна депилација“, советува докторката и додава дека многу се важни и правилната исхрана и редовната физичка активност, за да се намали ризикот од дијабетес и дебелина, а со тоа и од појава на нередовни менструации.

Водич за сексуално здравје

Сè уште не е воведена сексуална едукација во училиштата кај нас, па од клучно значење е младите да знаат како да се заштитат од сексуално преносливи болести (СПБ), а тоа го потврдува и нашата соговорничка: „Тоа е многу важно, затоа што одредени СПБ доведуваат до неплодност. Тука спаѓаат Chlamidita, Ureaplasmata, Mikplasmata, а заштитата од ХПВ може да го намали ризикот од развој на карцином на грлото на матката.“

Посетата на гинеколог е задолжителна за сексуално активните девојки, а докторката ни откри што сè треба да вклучуваат тие редовни контроли: „Редовни ПАП-тестови, микробиолошки брисови за детекција на инфекции на гениталниот тракт, колпоскопија, но и ХПВ-типизација. Редовните контроли навремено ќе ги детектираат сите промени што би можеле да го нарушат репродуктивниот капацитет на жената.“

Тренд: Одложување на мајчинството

Ако порано било вообичаено да се стане мајка на 25 години, сега жените се решаваат на тој чекор на 30, па дури и повеќе години. Докторката Елма Абдула ни откри што мисли за овој „тренд“: „Општествениот притисок врз жената е преголем, во смисла на тоа дека нејзината кариера би се забавила во периодот на бременост и породување. Сите знаеме дека големите успеси повеќе не се предвидени само за мажите. Во таа трка жените се и тоа како рамноправни! Затоа, во периодот кога репродуктивната моќ е на врвот, жените одлучуваат да го одложат мајчинството во интерес на кариерата. Исто така, треба да се напомене дека традиционалните сфаќања за возраста сега се релативизирани, па жената на 35-40 години во никој случај не се чувствува старо или возрасно. Но, за жал, репродуктивната моќ не секогаш ја следи возраста.“

Како да се зачува плодноста?

Девојките во 20-тите години најчесто не размислуваат за својата плодност и за квалитетот на јајце-клетките. Кога би требало секоја жена да почне да се занимава со ова прашање доколку сака еден ден да се реализира како мајка? „Доволни се редовни гинеколошки прегледи на јајниците, на кои се гледаат фоликулите, а со тоа и оваријалните резерви. Може да се направи и испитување на репродуктивните хормони по 25-тата година. Значи, оние што не планираат бременост во периодот од 25-тата до 30-тата година, би требало да ја испитаат оваријалната резерва“, заклучува докторката.

Постојат и многу други причини за неплодност: аномалии на репродуктивните органи, претежно на матката и на јајцеводите, потоа хормонски дисбаланс, синдром на полицистични јајници, инфекции и многу други. Иако стерилитетот најчесто е на товар на жената, тоа е сосема погрешно мислење. Д-р Хасанаговски ни објасни дека 40% од причините за неплодност се должат на машкиот фактор, исто толку се должат на женскиот фактор, а 20% на комбинирани причини од машкиот и женскиот фактор. „Што се однесува до машкиот фактор, еден обичен спермограм може да реши многу дилеми: дали има сперматозоиди, колкав е нивниот број и какви се нивната морфологија и подвижност. Секогаш препорачувам првиот преглед да биде со двата партнера, за да можат истовремено да дознаат кои се потребните испитувања за да се открие причината за стерилитетот.“ Доколку двојката практикува незаштитени сексуални односи повеќе од една година без да се постигне бременост, се советува да се направат посериозни испитувања.

Мајчинство по 40-тата година

Самохраното мајчинство во зрелите години не треба да биде табу. Жените што се наближуваат кон 40-тата година, немаат партнер, но сакаат еден ден да станат мајки, треба да знаат какви опции имаат. „По 40-тата година, жените што планираат да се остварат како мајки имаат можност за криопрезервација, односно можат да ги замрзнат јајце-клетките. Тоа е метод што се користи за да се зачува можноста на жената да остане бремена во иднина. Се земаат јајце-клетки од јајниците и неоплодени се замрзнуваат за одложена употреба“, открива докторката.

Без разлика на која возраст сте и дали планирате да станете мајки во иднина или не, најважно е на вистински начин да се грижите за сопственото репродуктивно здравје и редовно да посетувате гинеколог. „Немојте да се воздржувате од прашања и од барање одговори на дилемите и проблемите што ве мачат. Запомнете дека ако се грижите за вашето целокупно здравје, индиректно ќе се грижите и за репродуктивното здравје“, заклучува д-р Елма Абдула.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Кои се шансите да останете бремени по триесеттата и како да ја зголемите плодноста
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.