„Ме мотивираат делата што ги играм“: Примабалерината Мими Поп Алексова-Атанасовска ни откри што ѝ дава ветер во грбот!

Ве инспирираме

Со Мими Поп Алексова-Атанасовска зборувавме за мотивацијата, создавањето и женската сила…

Во модерното општество жената е изложена на многу предизвици и притисоци. Од неа се очекува да биде реализирана на сите полиња: да биде добра мајка и грижлива сопруга, да биде успешна во својата професија и притоа да има време за социјален живот и духовна надградба. Не е лесно да се остане свој и доследен на себе во таква средина, па затоа жените на кои им успева тоа предизвикуваат восхит! Разговорот со примабалерината Мими Поп Алексова-Атанасовска несомнено ќе ве инспирира…

Статусот на примабалерина е престиж, но и голема одговорност. Со оглед на многуте балетски претстави што ги имате одиграно, несомнено е дека сте инспирација за многумина. Што е тоа што вас најмногу ве мотивира и ве охрабрува да продолжите да творите и во потешките животни мигови?

Во балетот, како една од најтешките професии со релативно краток тек, стресот и притисокот се неизбежни. Да одговориш на статусот првенец е сериозен предизвик, не само затоа што работите што ги играш се покомплексни од другите, туку и затоа што треба да оставиш дел од себе на сцената. Но балетот не го прави еден човек. Ние сме зависни едни од други на сцената. Односот што го имам со колегите, љубовта кон професијата и делата што ги играм се мојата мотивација кога ми е најтешко.

Во модерното општество, жената е изложена на многу притисоци и предизвици. Од ваше искуство, што сè се очекува од жената денес? Може ли да се одговори на сите очекувања?

Во денешно време сите сме изложени на притисоци, тоа е факт, но никогаш не ме интересирало што очекува општеството од мене како жена. Сè додека се трудиме да одговориме на туѓите барања, ќе бидеме нечии послушници, а јас не верувам во таквиот прогрес. Верувам во процесот на работа, во индивидуалноста, способноста, самостојноста, чесноста и истрајноста.

Какви жени ве инспирираат? Кои жени сметате дека треба да се земат како пример за новите генерации?

Па така, ме инспирираат жени кои се способни за повеќе од една работа во животот. Жени што знаат да работат со бормашина, да готват, чуваат деца, работат по две работи, кои се самостојни и среќни. Жени кои живеат по свои правила, не обрнувајќи внимание на владејачките стереотипни норми и стандарди.

Каква трага се надевате дека ќе оставите во општеството? Која е вашата животна цел?

Со текот на годините ми се менуваат приоритетите и животните цели. Порано професијата ми беше сè во животот и сите планови ми беа насочени кон балетот. Но во моментот, најважно е да ги научам моите две деца да негуваат вистински животни вредности, за да пораснат во зрели, самостојни, културни и воспитани млади луѓе.

Кои се најважните работи што сметате дека секоја жена треба да ги запамети?

Би им порачала на жените никогаш да не се задоволуваат со прифаќање на работите што не можат да ги сменат. Обидете се да ги смените работите што не можете да ги прифатите. И никогаш не си ја трошете енергијата на токсични луѓе!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Емил Петров, ПРИВАТНА АРХИВА

Инспиративен разговор со Илина Арсова: „Ме мотивира совладувањето нови предизвици“
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.