Што да правиме кога ќе се разбудиме со чувството дека „се плашиме од сè“?

Разговарала: Бранкица Трескавица

Сите се грижиме. Но кога грижата е корисна, а кога станува деструктивна? И што можеме да направиме за да спречиме негативен начин на размислување?

Ќе има ли трета светска војна? Како ќе ја истуркаме зимава? Дали ќе има рестрикција на струја? Дали ќе имам работа и по половина година? Што ќе правиме кога ќе поскапи сè? Како ќе ја плаќам ратата за станот кога платата ми е иста последниве пет години, а сè друго поскапува? Дали засекогаш ќе живееме со коронавирусот? Никогаш нема да ни биде подобро! И дали воопшто има смисла да се прават планови?

Дали постои човек кому барем едно од овие прашања не му се врти во главата? Веројатно не. А на споменатиот пакет грижи треба да му ги додадеме и оние врзани за семејството, партнерските односи, немањето самодоверба, чувството дека сите околу вас се подобри и посреќни, а за купот дилеми врзани за родителството и да не зборуваме!

Нема смисла да продолжиме со набројување, но има смисла да разговараме со психолог. Затоа разговаравме со психологот Марија Манојловиќ за погрешните чекори што ги правиме, кои стручно се нарекуваат когнитивни грешки.

Таа вели дека грижата, во зависност од околностите, може да биде корисна и мошне деструктивна, а тоа го објаснува вака:

„Грижењето ни помага подобро да се подготвиме за одредени ситуации, но важно е да правиме разлика кога е конструктивно, а кога станува деструктивно. Ако се грижиме заради некој конкретен настан, тогаш има смисла, бидејќи може да направиме план за акција, но ако се грижиме заради хипотетички ситуации, кои не можеме да ги предвидиме, не само што нема смисла туку води кон анксиозност.

Важно е да се запрашаме: Има ли корист да размислувам вака? Што ќе се случи ако продолжам вака? Што ќе ми донесе откажувањето од грижата? Не треба да се оди од крајност во крајност, од имање целосна контрола во немање никаква контрола, туку таму каде што имаме одреден степен на контрола – треба да направиме план за акција.

Доколку престане можноста за наша акција, а грижите продолжуваат, доаѓаме до катастрофизирање, што е когнитивна грешка.

Какви други грешки правиме?

Постои нешто што се нарекува негативен ментален филтер, а подразбира фокусирање исклучиво на негативното. Да ги земеме предвид само информациите што го потврдуваат катастрофалното сценарио што го смислуваме.

■ Следна претерана генерализација. Се фаќаме за нешто што е лошо и генерализираме дека сè што следува ќе биде исто така лошо.

■ Правиме минимализација, а тоа е кога негираме нешто што е добро. На пример, добро сме поминале на испитот, но не велиме „знаев“, туку „не е ништо тоа, имав среќа“.

Емоционалното резонирање е уште една грешка. Често заклучуваме врз основа на тоа што го чувствуваме, па поради тоа што сме анксиозни склони сме да мислиме дека ќе се случи нешто лошо. Всушност, начинот на кој ја перципираме ситуацијата влијае на тоа како се чувствуваме.

■ Грешка е и персонализирањето, кога мислиме дека сме одговорни за сè што ни се случува. На пример, одиме по улица, некои луѓе се смеат, а ние помислуваме дека нам ни се смеат. Како светот да се врти околу нас.

Многу е важно да знаете дека сите грешиме и дека не треба да се осудуваме поради тоа. Таквиот начин на размислување сме го развиле во текот на еволуцијата, затоа што ни бил потребен во одредени ситуации, кои најчесто биле загрозувачки, за да донесеме заклучок без размислување.

Со текот на времето сме развиле пократки патчиња во заклучувањето, кои се задржале и денес, иако ситуациите што бараат моментална акција се доста ретки. Меѓутоа, повремено запаѓаме во катастрофизирање, како заканата да нè демне зад аголот, а најчесто не се ни случува тоа од што се плашиме.

Секој за себе мора да одлучи во која мера ќе биде информиран, но добро е да се има предвид дека Гугл и сите социјални мрежи пласираат информации што се во согласност со нашиот вредносен систем. Наместо да ни се отворат видиците и да ни се прошири перспективата, алгоритамот ни го нуди она за кое сме покажале интерес. Со тоа само ги потврдуваме претходно изградените ставови.

Што да правиме кога ќе се разбудиме со чувството дека „се плашиме од сè“?

Едноставно, треба да прифатиме дека повремено ќе бидеме анксиозни, но да не се фокусираме на тоа. Важно е да не си забрануваме да се грижиме, затоа што тоа не е реално. Од друга страна, важно е вниманието да не го насочуваме на грижата, бидејќи запаѓаме во маѓепсан круг, па постои голема шанса да си предизвикаме емоционално нарушување. Одредена доза неизвесност, грижа и анксиозност можеме да прифатиме, но не е пожелно да се фокусираме исклучиво на најлошите можни сценарија.

Вистина е дека никој не спречил да му се случи нешто лошо плашејќи се од тоа. Ние имаме контрола до одредена граница, а по неа немаме, па дури и кога ќе се случи нешто лошо, ние не можеме да ги спречиме тоа.

Каде е границата до која треба да се грижиме?

Доколку тие ирационални мисли нè воведуваат во однесување што е деструктивно за нас, ако го попречуваат секојдневното функционирање, ако гледаме дека се вртиме во круг од кој не можеме да излеземе, тогаш е потребно да побараме помош.

Колку ги комплицира нештата „диктатот на позитивност“?

Потребно е да најдеме рамнотежа меѓу прифаќањето и промените, бидејќи тоа прави прогрес. Нештата што можеме да ги смениме – ги менуваме, а оние што не можеме – ги прифаќаме. На тој начин си го градиме менталното здравје и успеваме да бидеме доволно флексибилни за да се приспособиме во опкружувањето.

Доколку имаме впечаток дека можеме да контролираме сè, влегуваме во парадокс, каде што своите мисли почнуваме да ги сфаќаме како факти – ако јас мислам нешто, тоа ќе се случи. Фузијата на мисли и акција е во основата на опсесивно-компулсивното нарушување, кое е доста опасно.

Сигурно е дека треба да настојуваме да ги реализираме своите планови и да им пристапуваме оптимистички, но не и да веруваме дека имаме контрола врз целата ситуација, затоа што кога дел од нашите замисли нема да се оствари, влегуваме во состојба на анксиозност, се јавува чувство на вина, а постои можност да се појави и депресија…

Текст: Бранкица Трескавица

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.