НОВО: Со крвен наод против хроничните болести

Со новиот крвен тест може да се предвиди развојот на болести како дијабетес, затајување на бубрезите или на срцевиот мускул, коронарни и пулмонарни хронични болести и многу други.

Научниците установиле дека, со формулата со која се комбинираат животната доба на пациентот и податоците добиени со анализа на примерок од крвта, речиси во 80 отсто од случаите е можно да се открие колкав е ризикот на поединецот да заболи од некоја хронична болест три години пред појавата на симптомите.

Благодарение на едноставниот тест со кој се комбинираат наведените информации, можно е толку години порано да се откријат симптомите на потенцијално најчестите хронични болести од кои би можел да заболи поединецот, објаснија научниците, претставувајќи ги резултатите од истражувањето на годишната конференција на американските кардиолози, која се одржа во Вашингтон.

Се надеваме дека со овој едноставен тест ќе успееме да откриеме која потенцијално најчеста болест кај некоја личност може да се развие. Сакаме навремено да ја откриеме и да почнеме со персонализирана терапија, рече епидемиологот Хејди Меј.

Луѓето кај кои е установена поголема опасност од развој на некоја потенцијално смртоносна болест добиле препорака почесто да го посетуваат својот матичен лекар, да го променат животниот стил, да почнат да вежбаат, поздраво да се хранат и, ако пушеле, да престанат.

Поевтино е да им се помогне на пациентите да го подобрат начинот на живот отколку да лекуваат, на пример, последици од срцев удар. Притоа не треба да споменувам во која мера поздравиот начин на живот е важен за физичката и емоционалната добросостојба на поединецот, заклучи д-р Меј.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Pixabay

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.