Музиката како седатив пред операција

Релаксирачка музика го опушта пациентот пред оперативен зафат како седатив, покажале најновите истражувања.

Песните што се напишани да ги намалат стресот и крвниот притисок и да ги забават отчукувањата на срцето, се покажале ефикасни во 157 случаи во текот на истражувањето. Пациентите рекле дека сакаат сами да го одберат видот на музиката што ги смирува.

Научниците од Универзитетот во Пенсилванија, како што пишува списанието БМЈ, сега сакаат да утврдат на кој начин музиката влијае на чувствата на пациентите.

Оние што се согласите да учествуваат во експериментот го добивале лекот „мидазолам“ (кој има релаксирачки ефект) или лекарите три минути им ја пуштале песната „Weightless“ од британската група „Маркони унион“ додека добивале анестетик. Се покажало дека мачнината кај двете групи пациенти се намалила.

Важно е да се истакне дека мачнината пред операција влијае на закрепнувањето, бидејќи телото произведува хормони на стрес. Но лековите за намалување на анксиозноста обично имаат нуспојави, поради што е потребно да се земаат со лекарска контрола.

Наспроти тоа, музичката медицина е всушност „безопасна и евтина“.

Д-р Вина Граф, професорка по анестезиологија и интензивна грижа од медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија рекла дека музиката влијае на делот од мозокот задолжен за емоциите.

Тоа значи дека пациентите може да бидат „во свој свет“, дека може да бидат опуштени и да имаат целосна контрола, изјавила таа.

Музиката веќе со години е драгоцено оружје во медицината, често се користи за време на операција на мозок за да можат лекарите да ги следат мозочните функции.

Музичката терапија помага во работата со децата што боледуваат од аутизам, а и придонесува за зачувување на сеќавањето и за подобрување на животот на луѓето со деменција.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.