ОРТОРЕКСИЈА: Кога внимавањето на исхраната преминува во опсесија?

Вити & здрави

На оваа тема разговаравме со нутриционистот Антонио Велковски

Дали постојано внимавате на квалитетот на храната што ја консумирате? Или можеби ги анализирате состојките и калориите што ги содржат производите кои ги купувате? Интересот за здравата исхрана може да придонесе за подобро здравје и тоа воопшто не е лоша карактеристика, сè додека не излезе надвор од контрола…

Често се зборува за анорексија и булимија, но како да се заборава на орторексијата, која, иако сè уште не е официјално дефинирана како нарушување во исхраната, медицинската заедница во светот почнува да ја препознава. Станува збор за опсесија со здравата исхрана, што можеби ви звучи чудно, бидејќи кој би рекол дека и здравите навики би можеле да бидат штетни!?

„Ентузијазмот за здрава исхрана се претвора во орторексија тогаш кога станува опсесија што негативно влијае врз секојдневниот живот, односно, кога се појавува екстремен страв од одредени типови храна или одбивање да се јаде надвор од дома. За разлика од другите нарушувања во исхраната (булимија, анорексија нервоза), орторексијата главно се однесува на квалитетот на храната, не на квантитетот. Луѓето со орторексија главно се фокусираат на тоа дали некоја храна е здрава или не, а помалку се опседнуваат со тоа дали ќе ослабат“, појаснува нашиот стручен соработник, нутриционистот Антонио Велковски (@ajde_da_jademe; ajdedajademe.com)

Тој ни објасни дека луѓето со орторексија до екстремни граници размислуваат за тоа дали храната што ја јадат е добар избор, колку е „чиста“ или „здрава“ и претерано се опседнуваат со придобивките од здравиот начин на исхрана. Со оглед на тоа што сè повеќе луѓе се трудат да воведат здрави навики во исхраната, вреди да се запрашаме дали орторексијата денес е позастапена за разлика од порано? Колку и да се чини безопасно, ова нарушување може да прерасне во вистински проблем и да го наруши секојдневното функционирање…

Сè започнува од добрата намера

Да тргнеме од коренот на проблемот: што може да поттикне појава на орторексија? Нашиот соговорник ни посочи дека сите нарушувања во исхраната се производ на сложено заемно дејство на биолошки, психолошки, семејни, социјални и културни фактори, како и манифестација на нерешени емотивни предизвици. „Најчесто сè започнува од најнаивна намера да се испроба некоја диета која ќе ни го подобри здравјето, односно ќе ги намали килограмите. Постепено, опсесијата со диетите и со изгледот станува екстремна, односно добрата намера и љубопитноста може да преминат во орторексија. Не се знае што точно предизвикува орторексија, но на најголем ризик се изложени луѓето со опсесивно-компулсивни тенденции или со историја на нарушен однос кон храната. Други индивидуални фактори на ризик се тенденции кон перфекционизам, анксиозност и потреба да се држат работите под контрола.“

Кога на оваа „плодна почва“ ќе се додадат финансиската самостојност и можноста да се купува поскапа „чиста храна“, влијанието на социјалните мрежи и опсесијата со одржување што е можно послаба фигура, се создаваат совршени услови за развој на орторексични симптоми: „Најголеми жртви на сè поголемата промоција на ‘чистата исхрана’ на социјалните медиуми се младите луѓе, но не е исклучена ни постарата популација. Колку и да звучи необично, дури и меѓу нутриционистите и здравствените работници ваквите нарушувања се многу честа појава, но неретко остануваат непрепознаени. Орторексичниот став кон храната честопати се смета и за израз на цврст карактер и издржливост, па никој не размислува дека таквата појава е загрижувачка“, заклучува Антонио.

Море на (дез)информации

Голема улога во развојот на орторексија играат и социјалните мрежи. Велковски потенцира дека појавата на нутриционисти чија главна цел е да ги ослабат клиентите по секоја цена, многуте фотографии „пред и потоа“, инфлуенсерите што се истоштуваат од вежбање и јадат само одбрана храна, купот дезинформации за храната – сето ова создава огромен хаос: „Најлошото е што за ваквата ситуација не придонесуваат само инфлуенсерите (кои на тој начин се борат за кликови и прегледи), туку и колегите-нутриционисти, кои во желбата за одржување на сопствениот бизнис (или од недоволна информираност) ја поттикнуваат оваа тенденција со крајно рестриктивни програми за исхрана и со преземање на улогата ‘полиција за храна’ – редовно го ловат и го прекоруваат клиентот ако не се храни според нивните пропишани правила. Во таквите случаи, списокот на намирници што не смее да ги јаде клиентот е подолг од намирниците што смеат да се јадат и по еден таков третман, клиентот (во зависност од неговиот карактер) веќе е потенцијална жртва за развој на опсесивно следење на правилата за здрава исхрана, што потоа може комплетно да му го наруши односот кон храната.“

Маѓепсан круг без излез

Последиците што можат да произлезат доколку не се третира ова нарушување во исхраната зависат од тоа дали орторексијата се развила во послаба или во посериозна форма: „Најслабата форма на орторексија негативно се одразува само на секојдневниот начин на функционирање. Сите активности се планираат околу тоа кога и што ќе се јаде, дали ќе биде доволно здраво и дали ќе се совпадне со режимот на исхрана. Поекстремните случаи се одразуваат со недоволно јадење, од страв дека одредена храна ќе доведе до разболување или здебелување, а тоа потоа доведува до ослабен имунитет, нутритивни дефицити, остеопороза, неплодност (изостанок на менструален циклус), намалена мускулна маса, анксиозност и стрес“, предупредува Антонио.

Претераното опседнување со здрава/нездрава храна може да доведе и до епизоди на неконтролирано прејадување, по што следува казнување со повраќање, претерано вежбање или долго гладување. Еднаш кога ќе се влезе во ваквиот магичен круг, многу е тешко да се излезе од него и проблемите може да се провлекуваат со години ако не се препознаат навреме.

ИЗГРАДЕТЕ ЗДРАВ ОДНОС КОН ХРАНАТА

Лицата со нарушен однос кон храната ја губат контролата врз сопствениот живот – еве кои чекори треба да се преземат за да се развијат здрави навики.

Препознајте ги симптомите

Иако орторексијата нема официјален дијагностички критериум, Антонио ни укажа на некои знаци и симптоми:

  • чувство на интензивен страв од „нездрава“ храна и избегнување на таквата храна,
  • претерана опседнатост со здрава исхрана и чувство на екстремна анксиозност кога не се следи одреден режим на исхрана,
  • опсесивно проверување на состојките впишани на пакувањата од производи и исфрлање цели групи храна (глутен, шеќер, сите јаглехидрати, сите масти, сите животински продукти),
  • претеран критичен став кон начинот на исхрана на другите луѓе,
  • избегнување дружби со храна приготвена од други луѓе,
  • претерано инсистирање за лечење разни заболувања со храна.
Направете дигитален детокс

Според Антонио, прва и основна мерка што треба да се преземе е да се прекине со следење профили и содржини на социјалните мрежи што можат да поттикнат орторексично однесување. Второ, да се избришат сите апликации за броење калории, мерење чекори или мерење колку калории се потрошени при физичка активност: „Немам ништо против профилите што промовираат ‘чисто’ јадење, ниту против апликациите за броење калории, но за луѓе кај кои постојат предуслови за развој на нарушување во исхраната од каков било вид, сето тоа може да биде поттик за влошување на ситуацијата“, појаснува нутриционистот.

Корисно е да се информираме за здравата исхрана, но не до степен да се опседнуваме со секое залаче што ќе го внесеме. Ниту една храна не може да нè разболи ниту здебели ако немаме навика редовно да се прејадуваме. Секако дека не е секоја храна еднакво нутритивно богата, но важна е целокупната исхрана и она што го јадеме најчесто, а не повремено.

Внимавајте на овие грешки

Денес многу луѓе се обидуваат да се хранат поздраво и да ги следат фитнес-трендовите, но лесно е притоа да се направат и некои големи грешки. „Најчестата грешка се нередовните оброци. Обично сите сме добри и диетата ни е успешна во првиот дел од денот додека имаме обврски и си се воодушевуваме како издржуваме со малку храна и само со неколку избрани намирници. Проблемот настанува во вечерните часови, кога ќе се опуштиме по сите обврски и кога ќе сфатиме дека поради прескокнувањето оброци сме прегладнеле. Следува прејадување со сè што имаме дома, потоа се јавува чувство на вина што сме му потклекнале на искушението, па следниот ден пак го почнуваме со ограничена храна и така во круг“, објаснува нашиот соговорник и додава дека друга голема грешка е избегнувањето цели групи храна: „Во последно време, во тренд е да се избегнуваат јаглехидратите и да се јаде исклучиво протеинска храна или исклучиво храна со масти (кето, хроно). Други диети се оние што одредуваат еднообразна храна во текот на различни денови (УН-диета). А најопасно е следењето детокс-диети (најидеални за развој на орторексичен став кон храната), диета исклучиво со сурова храна или консумирање само зеленчукови или овошни сокови во одредени периоди за прочистување на организмот.“

До нарушувања во исхраната може да дојде и со применување на испрекинат пост (јадење-нејадење во интервали од 8 и 16 часови и слично), а нарушувања може да предизвикаат и веганските и вегетаријанските начини на исхрана.

Балансирано дневно мени

Антонио тврди дека потребни се само 5 минути за да се состави еднодневно балансирано мени. А еве како најлесно да го направите тоа:

1. Размислете колку оброци ќе ви бидат доволни во текот на денот.

2. Одберете ги вашите извори на протеин (јајца, месо, млечни производи, мешунки, тофу) и распределете ги низ сите оброци.

3. Вметнете зеленчук и овошје. Многумина претпочитаат овошјето да биде дел од појадокот или ужината, а зеленчукот го оставаат за ручек и вечера, што е сосема во ред.

4. Во секој оброк додајте извор на јаглехидрати, пред сè, на диететски влакна (ориз, компир, овес, киноа, хељда, јачмен, булгур, кускус, тортилја, леб, тестенини…).

5. На крај, испланирајте со каков извор на масти и со кои дополнителни вкусови ќе ги зачините оброците (зачини, понекој десерт и слично).

„На овој начин можете да правите план за секој ден и така нема да се доведете во ситуација на импулсивно одбирање храна или на постојано грицкање без целосно чувство на ситост и без задоволство од она што сте го јаделе“, советува Антонио.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: vadimguzhva/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.