Што се маскни? Дознајте се’ за еден од најголемите кожни проблеми на денешницата!

Бидете убави и негувани

Лепосава Тупеска Анѓеловски (@magnolia.glamour), магистерка по фармација, ни откри зошто се појавуваат маскни на лицето и како може да се спречи овој проблем…

Мерките за заштита што мора секојдневно да ги почитуваме ја наметнаа појавата на некои нови трендови, но и проблеми. Па, така, неодамна стана актуелен поимот „маскни“. „Се работи за поим добиен од зборовите маска и акни, кој ги опишува посебниот вид акни и воспалителни процеси што се јавуваат на долната половина од лицето, односно во регионот покриен со заштитната маска“, објаснува Лепосава (@magnolia.glamour). Многу луѓе се соочуваат со овој кожен проблем, кој не е само естетски и кој треба да се превенира и третира…

ГЛАВНИ ПРИЧИНИТЕЛИ

Овие акни настануваат поради единствени или комбинирани ефекти на следниве две причини:

1. Физичко триење помеѓу материјалот на маската и кожата. Триењето ја нарушува бариерата на кожата и го олеснува процесот на затнување на порите. Ако имате чувствителна кожа, триењето може да предизвика јадеж на кожата.

2. Влага, пот и себум, кои остануваат заробени помеѓу маската и кожата кога маската се носи подолг временски период. Влажната средина е идеална основа за развој на разни микроорганизми, како и за појава на акни.

СОВЕТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА

Треба често да ја менувате маската, но мора да се додаде дека сатенската маска нема најдобро да ве заштити ни од вирусот ни од акните. Во овој случаје препорачливо да се носи памучна маска. Многу е важно и чистењето на лицето. Доколку вашата кожа веќе е иритирана, прескокнете го утринското миење со средства, но навечер задолжително применете двојно чистење, со кое ќе ги отстраните двата вида нечистотии на кожата.

ПРАВИЛА ЗА ТРЕТМАН НА МАСКНИ

Хидрирајте се како професионалец и добро чистете ја кожата. Не користете шминка секојдневно. Навечер, максимум трипати неделно, користете серум со активни компоненти (АНА и ВНА-киселини), кои ќе ѝ помогнат на кожата да се справи со ова механичко триење и затнување на порите. Одбегнувајте примена на активни компоненти (како серум со витамин Ц) наутро ако во текот на денот носите маска подолго време.

Во случај на маскни, вашата рутина за нега на кожа треба да биде минимална и најдобро е да изгледа вака: наутро добро хидрирајте го лицето и заштитете го со кремови што не содржат физички заштитни филтри (титаниумов диоксид или цинк оксид), навечер најдобро е двојното чистење (прво со мицеларна вода или масло, па со гел или пена), со кое ќе се отстранат сите нечистотии.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: VLG/GETTY IMAGES VIA GULIVER

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.