Направи сама: Познати дами ни открија кои се нивните омилени домашни третмани за нега и убавина

Бидете убави и негувани

Дознајте како тие се негуваат во домашни услови

Домашната козметика и малите ритуали „направи сама“ се апсолутен тренд! Вакви третмани, одвреме-навреме, практикуваат и нашите соговорнички…

СОВРШЕН СОЈУЗНИК ВО БОРБАТА ПРОТИВ ПОДОЧНИЦИТЕ

Магдалена Медичи, сертифицирана шминкерка и едукаторка за шминка и козметика, @maggiemedici_makeup_skincare

Барем еднаш неделно задолжително правам некој домашен третман за потхранување и хидратација на кожата. Иако сите претежно користиме хемиски додатоци за побрз ефект, сепак, важно е да ја застапиме и природната нега. Па, така, често знам да си направам домашен крем за нега на лицето со додаток на етерични масла, како што се смил, лаванда и камилица. Многу е важна и негата на пределот околу очите, бидејќи таму кожата е најтенка и побрзо старее, а колку е потенка толку повеќе се гледаат подочниците. Мојата омилена маска за нега околу очи е онаа со краставица и нане. Изблендирајте еднакво количество краставица и нане, додајте три лажичиња бадемово или кокосово млеко, едно лажиче алое-гел и две капки бадемово масло или витамин Е. Држете ја 10-15 минути и исплакнете. Оваа комбинација може да стои во фрижидер неколку дена, па можете да ја користите повеќепати. А како дејствува? Краставицата е богата со витамин К и помага за редуцирање на темните кругови и за хидратација на пределот околу очите, додека, пак, нането ја смирува и дополнително ја негува кожата поради своето антиоксидантно дејство. Совет плус: Понекогаш можете да ја нанесете и на усните за дополнителна нега.

МАСКА ЗА РЕГЕНЕРАЦИЈА НА КОЖАТА

Вера Мештеровиќ, моделка и ТВ-лице, @veramesterovic

Откако почнав со ангажманот во телевизијата Канал 5, поради секојдневната изложеност на тешка шминка, кожата ми бара дополнителна нега, па, така, сега почесто користам маски за лице. Омилена ми е маската што си ја правам сама од природен домашен мед, екстра-девствено маслиново масло и цимет или куркума. Овој третман овозможува затегнување и ревитализација на кожата. Често знам и да си натапкам јогурт на лицето, бидејќи млечните кислини многу добро ја хранат кожата. Исто толку важна ми е и внатрешната нега, па затоа секогаш гледам да пијам доволно течности.

ХРАНЛИВ ТРЕТМАН ЗА КОСА

Валерија Преспаноска, блогерка, @valerijaprespanoska

Да бидам искрена, не користам толку често домашни маски, со оглед на тоа што сега сите производи за нега и убавина ни се достапни во готова форма. Сепак, одвреме-навреме, сакам да си направам понекој домашен природен третман за коса, бидејќи сметам дека многу се ефикасни. Особено го препорачувам оној со кокосово масло и мед. Добро е познато тоа дека кокосовото масло нуди многу придобивки за кожата и за косата, па, така, оваа маска што ја правам придонесува косата да биде мека и сјајна. Се прави на следниов начин: во чинија или во чаша ставете две супени лажици кокосово масло и загрејте го. Потоа, додајте две супени лажици мед и мешајте додека добиете еднолична смеса. Нанесете ја маската на малку влажна коса и оставете ја да отстои најмалку 40 минути, потоа исплакнете ја и измијте ја со шампон. Ефектите од оваа маска се видливи по неколку употреби, на тој начин што косата станува посјајна и поцврста, влакното се обновува, па дури и се забрзува неговиот раст. Покрај тоа, за нега на косата користам средство против топлина пред да ја сушам, се трудам да не ја мијам повеќе од двапати неделно, а некогаш користам и оризова вода за миење на косата, која ја прави поздрава и поубава.

СМИРУВАЧКА МАСКА ЗА ЛИЦЕ

Дуња Јованиќ, блогерка, @imfashionbabe

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dunja Jovanic (@imfashionbabe)


Иако поради природата на мојата работа често имам можност да тестирам различни производи за нега на кожа, одвреме-навреме, сакам да применам некои од старите проверени козметички трикови. Знам да направам домашна смирувачка маска од гел на алое вера, неколку капки масло од јојоба и термална вода. Промешајте две-три лажици гел на алое вера, кој претходно сте го разладиле во фрижидер, со две капки масло од јојоба и малку термална вода. Држете ја маската на лицето десетина минути, а потоа исплакнете ја. Овој рецепт е одличен за освежување на кожата на лицето, за хидратација и брза ревитализација.

ВЕЖБА ЗА УБЛАЖУВАЊЕ НА ОТЕЧЕНОСТА ВО ПРЕДЕЛОТ ОКОЛУ ОЧИТЕ

Јелена Јовиќиќ, инструкторка по јога за лице, @joga.lica.face.fitness

Утринската отеченост на лицето во голема мера можеме да ја ублажиме со некои мали ритуали што самата ги практикувам секое утро. Имено, силата е во нашите мускули на лицето, а тој факт често го занемаруваме, особено кога станува збор за обликување на лицето. Стагнираната лимфа можеме да ја поттикнеме со движење на мускулите – со вежба, со допир – со самомасажа и со дишење. Ова е вежбата со која не само што ќе ја намалиме отеченоста на пределот околу очите туку и ќе влијаеме врз подигнувањето на горните капаци: поставете ги показалците на двете раце под веѓите. Ф

иксирајте ги прстите во должината на веѓите, потоа подигнете ги малку нагоре (не пресилно). Погледнете надолу, па потоа замижете. Во текот на изведувањето на вежбата, важно е да ја почувствувате работата на веѓите и на горните капаци. Не смеете да дозволите веѓите да ви се спуштат, па затоа давајте отпор со прстите. Замижете контрахирајќи ги само очните капаци, не и мускулите помеѓу веѓите – не муртете се. Задржете ја контракцијата пет секунди и повторете ја постапката 10-15 пати. По вежбите, со врвовите на прстите тапкајте го пределот околу очите (на веѓите, надворешниот агол на окото, како и пределот под очите – кон внатрешниот агол на окото), една-две минути. Идеално би било на овој начин да нанесувате и крем за околу очи.

Ако имате плочка „гуа ша“, можете да ја користите како облога. Каменот е ладен, го ставате под окото и го држите така една минута. Не заборавајте да дишете рамномерно низ носот, со стомакот, па да го смирите дишењето. Доколку немате плочка „гуа ша“, тука се лажиците. Оладете ги во фрижидер (не во замрзнувач) или држејќи ги во чаша со ладна вода, а потоа нанесете ги под очите како облога. Доследноста во изведувањето на вежбите, како и редовната нега, ќе ве одведе до посакуваните резултати.

Подготвиле: Марија Лукаревска и Драгица Бркљач

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.