Најпознатиот холивудски тренер открива како да бидеме… ФИТ КАКО МАДОНА

Цел свет му се восхитува на цврстото и совршено обликувано тело на Мадона. Се разбира, познато е дека поп-кралицата, која е во шестата деценија од животот, со часови вежба во фитнес-центар. Уште една позната русокоса – Гвинет Палтроу – исто така може да се пофали со одлично обликувано тело. Она што ги поврзува и двете ѕвезди е заедничкиот фитнес-тренер Џонатан Гудер. Ние се обидовме од најпознатиот „ѕвезден“ тренер да добиеме неколку драгоцени совети, кои ќе ви помогнат полесно да го обликувате своето тело.

Џонатан Гудер, фитнес-тренер, фото: Hello.rs

Како вежбаат Мадона и Гвинет?

Ни малку наивно! Тренираат во период од пет недели, шест дена во неделата, по час и пол до два. Кардио-вежбите секогаш се прават четириесеттина минути, а потоа следуваат основни пилатес-вежби. Звучи тешко, но Џонатан гарантира успех. Затоа и не е чудно што богатите се тепаат за неговите услуги.

Како е да се работи со славните?

Сите нив – глумиците, пејачките – ги одликува посветеност на вежбањето, бидејќи добриот изглед е составен дел на нивната работа. Тие не вежбаат од хоби, па затоа се многу посветени и внимаваат на својата исхрана. Тие немаат време за фрлање, па вежбањето со тренер е дел од нивната рутина.

Кој вид тренинг го сметате за најефикасен?

Комбинацијата од основни пилатес-вежби и традиционални вежби за обликување, кои се популарни и денес. Важно е да се користат мали тегови, доволни се оние од килограм и пол, но треба да има повеќе повторувања во серии. За оптоварување на мускулите одличен е тренинг со гуми. Различни движења за време на вежбањето, како и различни агли се одлични за дефиниција. Тоа придонесува мускулите да не бидат „напумпани“, туку цврсти и издолжени.

Како се постигнува добра дефиниција на мускулите?

Пред сè, со повторувања во серии. Важна е и добра диета. Верувам дека 75% од ефектите што ги постигнуваме се резултат на балансирана исхрана, а само 25% од физичка вежба. Она што го јадеме се гледа на нашето тело.  Верувајте дека ако почнете „проект“ за обликување на телото, вежбањето е полесниот дел, додека пак, за промена на исхраната потребна е многу посилна волја.

Колку време ѝ е потребно на просечна жена да го преобликува телото со вежбање?

За важни промени во изгледот најважна е посветеноста. Советувам вежбањето да се вклучи во секојдневниот живот. Минимумот е четирипати неделно, освен ако не сте супердисциплинирани, па можете да си дозволите да вежбате и помалку. Тоа значи дека имате „железна волја“, дека јадете само здрава храна (без јаглехидрати и шеќер) и не консумирате алкохол.

Дали постои старосна граница до која телото може да се преобликува или и во 30-тите и во 40-тите можеме со вежбање да постигнеме подобар изглед на телото?

Мислам дека секој може да ги смени изгледот и обликот на телото во која било старосна доба, но повторно ќе кажам, важни се дисциплинираност во исхраната и редовно вежбање. Клучен е квалитетот – кога вежбате, битно е тоа да го правите и со главата. Не е важно само да отидете во фитнес-центар и нешто да правите. Битно е да го направите најдоброто од она што го имате, како се држите и како ве доживуваат другите.

Многу вработени жени денес немаат многу време секојдневно да вежбаат. Колку најкратко може да трае тренингот, а да даде резултати?

За да постигнете видливи резултати, треба да вежбате најмалку дваесет минути дневно, но да се фокусирате. Кога имате ограничено време, на секој тренинг треба да правите вежби за  друга зона на телото. Значи, секој ден по 20 мин. работете друга група мускули. Гледајте да вежбате поинтензивно.

Дали за лицата што сакаат да симнат доста килограми е препорачливо прво да ја регулираат тежината со диета, па потоа да вежбаат или паралелно да слабеат и да вежбаат?

Комбинирањето е важно, но сè зависи од вашето тело. Ако имате многу килограми вишок, тоа ќ го ограничи вашиот тренинг. Во тој случај дефинитивно мора да се натерате здраво да се храните за да можете да се посветите на сериозно вежбање. Ако комбинирате диета со вежбање, тренингот ќе ве мотивира да јадете правилно. Навистина е глупаво некој да му се посвети на вежбањето, а истовремено да јаде нездрава храна, која ги расипува постигнатите резултати.

Како вие тренирате?

Сакам да бидат здрав и фит, сакам да вежбам, бидејќи тоа ме прави да се чувствувам дека живеам во вистинска смисла на зборот. Исто така, сакам и да уживам. На прагот сум на шестата деценија и на животот гледам како на трчање на долги патеки, а не спринт. Пронајдов добра рамнотежа меѓу вежбањето и уживањето во животните радости. Умерено пијам алкохол, а за разлика од мене, мојата сопруга Лена е многу подисциплинирана кога станува збор за вежбањето. Многу внимава на тренинзите и на исхраната. Имаме ќерка Џорџи, која обожава да танцува.

Текст: Н. Јокиќ

Фото: Hello.rs, Guliver/Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.