Ајде да танцуваме: Може ли да се намалат килограмите со танцување?

Бидете вити и здрави

Танцување – лесен, забавен и ефикасен начин за да ја постигнете посакуваната фигура

Слабеењето обично се поврзува со напорни и повторувачки вежби, па оние со послаба волја честопати се откажуваат, бидејќи им е премногу тешко, здодевно или интензивно. Но дали знаете дека можете да потрошите многу калории и со позабавна активност? Доколку сте во потрага по кардиотренинг што не подразбира трчање или милион „брпис“, пуштете ја вашата омилена музика и почувствувајте ги сите придобивки од танцувањето. Како и со повеќето видови аеробни и кардиовежби, со танцувањето, освен што ќе потрошите голем број калории, ќе ги зацврстите и тонирате мускулите, ќе ја зголемите издржливоста, ќе ги подобрите мобилноста и флексибилноста, ќе го зајакнете имунитетот, ќе ги намалите стресот и ризикот од депресија и многу хронични заболувања, како што се дијабетес и срцеви болести.

Колку калории можете да потрошите?

Правилото е исто како и за другите типови вежби: поинтензивното танцување ќе согори повеќе калории од бавното танцување. На пример, танцот хипхоп согорува повеќе калории од тангото. А еве неколку примери за тоа колку калории можете да потрошите за 30 минути танцување ако тежите околу 70 килограми (доколку тежите помалку, веројатно ќе потрошите помалку калории, а ако тежите повеќе, ќе потрошите повеќе):

  • Зумба: 285 калории
  • Хипхоп/регетон: 207 калории
  • Балет: 179 калории
  • Салса: 143 калории
  • Танго: 118 калории

Ајде да танцуваме!

Ако сакате да постигнете позначителни резултати (да намалите 5 отсто од вашата телесна тежина или повеќе), експертите препорачуваат да вежбате со умерен интензитет најмалку 300 минути неделно, а еве кои се најпопуларните опции за тренинг со танцување…

Зумба

Зумба е фитнес-програма со танцување на латино и друга популарна музика. Се заснова на интервално тренирање, со наизменични премини од бавни во брзи движења. Станува збор за тренинг на целото тело, па ќе можете да ги тонирате и зацврстите повеќето мускулни групи. Кореографиите се разновидни и динамични и најважно е да се движите и да се забавувате!

Хипхоп/регетон

Претпоставуваме дека знаете како изгледа танцувањето хипхоп, а танцот регетон се состои од слични движења, само што акцентот е на изолираните движења на различни делови од телото, додека музиката е латиноамериканска и карипска. Што и да одберете, ќе ги подобрите координацијата и агилноста и ќе ги зацврстите нозете и јадрото.

Не сте сигурни како да почнете? Разгледајте ја богатата понуда на танци и тренинзи што ги нуди танцовиот и фитнес-клуб Сонриса (@tancovfitnesklubsonrisa) – сигурно ќе ја пронајдете ваша нова омилена физичка активност!

 

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: undrey/Prostock-Studio/Anton Vierietin/iStock via GETTY IMAGES

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.