Орце Ѓорѓиевски за Економист – Светот во 2024-та: Од аутсајдери до лидери во реализација на локални проекти

Разговор со градоначалникот на Општина Кисела Вода за годишното издание на престижниот Економист.

Изминаа две години од почетокот на вашиот мандат. Од денешна перспектива, колку е сменета сликата за Општина Кисела Вода?

Од првиот ден на мандатот, јас и мојот тим неуморно работиме Кисела Вода, која 30 години беше оставена на маргините на градот Скопје, да ја направиме поубаво место за живот.

Во изминатите две години обновивме и изградивме 44 км патишта, 5.470 м атмосферска, 3.610 м водоводна, 6. 690 м фекална канализациона мрежа, изградивме и обновивме 11 спортско рекреативни центри, отворивме две нови градинки, сите училишта ги опремивме со сензорни соби и со смарт-уреди, за сите наставници обезбедивме компјутери, за првачињата ранчиња, а наскоро и за сите ученици униформи.

Покрај тоа, работевме и на дигитализација на општината, креирање на стратешки документи и планови кои во наредниот период ќе донесат дополнителен развој. Деведесетте отсто реализација на програмата за само две години зборуваат за нашата посветена работа и желбата – визијата што ја имаме да ја реализираме докрај.

Што донесоа резултатите од Меѓународниот конкурс за Расадник?

Уште пред да станам градоначалник, како жител на населбата Расадник дадов недвосмислена поддршка на граѓаните од Кисела Вода и на невладината организација „Расадник на можности“, кои се бореа против бетонизацијата со 99 нови згради.

Во изминатите две години заедно со Архитектонскиот Факултет од Скопје, Комората на архитекти на Македонија и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, со граѓаните кои учествуваа во Партиципативното тело, успешно реализиравме Меѓународен конкурс, првпат по 60 години во Македонија.

Пристигнаа пет трудови, а меѓународното жири одлучи да додели две први награди, трета награда и еден откуп. Транспарентно, како што се водеше целиот процес, целокупната јавност може да ги види наградените трудови во Домот на култура „Билјана Беличанец”, како и на веб-страницата на општината.

Победи концептот на хумано живеење за кој сум сигурен дека ќе ја трасира траекторијата на идните инвеститори кон Кисела Вода.

Што преземате за да ја подобрите инвестициската клима?

На веб-страницата на општината направивме геомапирање на правните субјекти кои егзистираат на наша територија. Во изминатите 30 години имало предвидено многу малку градежни парцели за бизнис-заедницата, па огромна енергија посветивме во креирање на урбанистички планови каде што ќе се предвидат вакви локации.

Во 2024 година ќе се донесат новите урбанистички планови за Драчево 2 и Усје, каде што илјадници хектари градежно земјиште ќе биде ставено на располагање на бизнис-секторот.

Ќе ги понудиме градежните парцели во државна сопственост на јавно надавање, со цел бизнис-заедницата на транспарентен начин да дојде до простор каде што ќе го реализира деловниот потфат. Работевме и на подобрување на условите за водење бизнис во Кисела Вода, градејќи патишта и канализациони системи.

Eфикаснo и брзо ги решававме административните постапки за добивање на потребна документација. Сè на сè, правиме поволна бизнис-клима за привлекување што поголем број на инвеститори, кои ќе отвораат нови работни места за нашите сограѓани.

Имате 90% реализација од вкупната четиригодишна програма и буџет кој е во ликвидна состојба и покрај буџетската дупка од 3 милиони евра, оставена од вашиот претходник. Која е формулата?

Формулата е чесно, посветено и домаќинско работење за доброто на граѓаните, а не за личен профит. Секој денар од Буџетот наменски се искористува, а граѓаните со свои идеи учествуваат во креирање на приоритетите.

Сега, кога нашата појдовна точка не се три милиони евра туѓ долг и кога буџетот е во ликвидна состојба, ќе можеме уште подобро да работиме на унапредување на условите за сите наши граѓани.

Станавте и претседател на ЗЕЛС. Најголем дел од општините располагаат со мали буџети, што е потребно да се направи за тие да можат да функционираат?

Во изминативе 20 години на општините постапно им се пренесуваа надлежности, но не и средства за нивно извршување, што доведе до блокирање на сметките. Како претседател на ЗЕЛС се залагам за поправичен трансфер на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики, каде што приходот од персоналниот данок на доход е чисто општински изворен приход, што ги насочува општините да се борат за секое ново работно место.

Неопходен е и нов закон за даноците на имот, кој ќе овозможи еднаквост на сите пред законот и еднаков третман во правата и обврските на даночните администрации на централната и локалната власт.

Ни претстојат избори. Како член на ВМРО ДПМНЕ, работите и очекувате промена на власта на централно ниво. Што да очекуваат граѓаните, во кои сфери најмногу би биле насочени промените?

Преку мојата и работата на другите градоначалници од ВМРО ДПМНЕ, граѓаните видоа како може да се направи разлика за само две години.

Во партијата имаме сериозен тим што подготвува програма која ќе донесе промени во сите сфери на живеењето и ќе ја извлече Македонија од седумгодишната економска, социолошка, морална, општествена, правна криза во која тоне народот.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: Приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.