Сè додека граѓаните и стопанството се главниот фокус и мерило, ЦЕФТА успешно ќе ја остварува својата економска мисија

Светот во 2024-та

Интервју на Данијела Гачевиќ, в. д. директорка на Секретаријатот на ЦЕФТА, за годишното израние на престижниот Економист – Светот во 2024-та.

Со Данијела Гачевиќ разговараме за улогата на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во унапредувањето на економиите во регионот и перспективите и предизвиците што се отвораат пред страните во 2024 година.

Данијела Гачевиќ, в. д. директорка на Секретаријатот на ЦЕФТА

Зад нас е година со мноштво настани на глобалната сцена, кои се одразија на економиите во регионот. Со кои предизвици се соочуваат ЦЕФТА-страните?

Страните на ЦЕФТА, како и остатокот од светот, се соочени со низа предизвици поради глобалните настани. Воедно, предизвиците се покажаа како можност за раст и унапредување на соработката, така што можеме да оцениме дека постигнавме значајни резултати.

Постигнат е напредок во дигитализацијата на процедурите, со што се создаваат услови за преминување кон форма на трговија „без хартија“ во рамки на ЦЕФТА, технички е завршен процесот на подготовка на неколку важни одлуки, вклучително и одлука поврзана со подобрување на управувањето со царински ризици, напредок во преговорите за подобрување на механизмот за решавање трговски спорови, како и рамка за признавање на професионалните квалификации.

Кога станува збор за администрациите, клучно е да се обезбеди усогласување на регулативите и стандардите со ЕУ и нивната применливост во регионален контекст. Едно е кога ќе донесеме регулатива и ќе кажеме дека ќе ја применуваме кога ќе влеземе во ЕУ, а друго е кога ќе почнеме да ја применуваме денес во рамките на ЦЕФТА.

ЦЕФТА дава простор страните да вежбаат за економските услови што владеат во ЕУ, учиме како да функционираме и да се развиваме на заедничкиот регионален пазар. Ова е особено важно во светло на Новиот план за раст за Западен Балкан претставен од Европската комисија според кој регионалната интеграција е клучен механизам за забрзување на процесот на пристапување во ЕУ, а ЦЕФТА е клучен инструмент за воспоставување Заеднички регионален пазар.

Како го оценувате придонесот на ЦЕФТА во ублажување на ударот од економската криза врз стопанствата на страните?

Сите активности на ЦЕФТА се насочени кон намалување на трговските трошоци, подобрување на деловното опкружување за компаниите, но и обезбедување пристап до поголем број поевтини производи и услуги за граѓаните.

Трговијата во ЦЕФТА покажува постојан раст. Во 2022 година вкупната трговска размена на производи и услуги изнесуваше над 12 милијарди евра. Трговијата со производи порасна за над 100% во последните 10 години, а особено извозот е зголемен за повеќе од двојно.

Кај трговијата со услуги најважни се ИТ-услугите и туризмот, потоа транспортните услуги. Во 2022 година е забележан раст од над 40% во однос на 2021 година, а трговијата со услуги носи околу 3,8 милијарди евра.

За да се разбере важноста на ЦЕФТА, интересно е да се спореди со членките на ЕУ, имајќи предвид дека ЦЕФТА и ЕУ се најзначајните пазари за сите ЦЕФТА страни. ЦЕФТА е втор најважен пазар за Северна Македонија со 12,4% од вкупниот извоз, веднаш до ЕУ (главно Германија), која сочинува 80% од вкупниот извоз на Северна Македонија.

Во последните пет години, извозот на Северна Македонија во ЦЕФТА се зголеми од 648,7 милиони евра во 2018 година на 1 милијарда евра во 2022 година.

Споредбени прегледи на резултатите ќе подготвиме и за 2024 година, но она што е сигурно е дека слободната трговија заснована на јасни принципи е генератор на промени и развој.

Какви ви се плановите и очекувањата за 2024 година?

Во наредниот период фокусот ќе биде ставен на подготовката на нов Акционен план за Заедничкиот регионален пазар, како и на имплементацијата на договорените одлуки, што значително ќе ги олесни процедурите и ќе ја подобри соработката меѓу страните на полето на трговија, електронска трговија, признавање на професионални квалификации и сл.

Еден од приоритетите е признавањето на статусот на Овластен економски оператор (ОЕО) на ЦЕФТА пазарот без дополнителни трошоци. Станува збор за компании кои царинските управи ги препознаваат како доверливи и имаат одредени придобивки како што се поедноставени процедури, намален број на контроли и генерално подобра соработка со сите агенции во процесот на царинење, што доведува до подобро планирање на ресурсите и логистиката, т.е. скратување на времето и намалување на трговските трошоци.

Е-трговија е секако една од водечките теми. Подготвивме пакет одлуки со кои се поедноставува регулирањето на онлајн-продажбата на целиот пазар на ЦЕФТА, се подига нивото на заштита на потрошувачите и транспарентноста на цените, се намалуваат трошоците за испорака и се елиминира неоправданата практика на геоблокирање за милиони дигитални потрошувачи. Овој пакет нови правила, кои важат за сите седум пазари, ќе биде особено важен за нашите мали и средни компании кои продаваат онлајн, бидејќи ќе добијат пристап до пазар од 20 милиони потрошувачи, но и можност за побрз и поедноставен пристап до европскиот и глобалниот пазар, имајќи предвид дека правилата се усогласени со ЕУ.

Исто така, се работи и на натамошно унапредување на системот CEFTA SEED+ (систем за електронска размена на податоци). Овој систем овозможува ефикасна размена на податоци и документи во различни сектори како царина, ветеринарна и фитосанитарна контрола, контрола на јавното здравје, итн. Целта е да ја поедноставиме размената на податоци и документи, намалувајќи ги административните пречки и трошоци.

Улогата на ЦЕФТА е да ги подготви администрациите и компаниите за учество на единствениот пазар на ЕУ преку примена на стандардите и најдобрите практики на ЕУ и на тој начин да им овозможи на компаниите подобро да се позиционираат на овој пазар.

Пристапот до пазарот на ЕУ ќе отвори нови можности, но во исто време конкуренцијата ќе се зголеми и тоа секако ќе биде еден од најголемите предизвици во наредниот период.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.