Моден графикон: Колку пари, толку мода!

Стилот на беспарицата

Кога ќе се зголемат животните трошоци, парчињата облека се сè подолги. Објаснуваме на кој начин се поврзани модата и финансиите, и тоа не само преку кредитната картичка.

Ви останаа само уште два дена до некоја важна свечена пригода и вие во паника шетате низ бутиците за да набавите соодветна гардероба. Почнува да ве облева пот – делумно заради понудата, делумно заради цените, а делумно заради високата температура во продавниците – но сепак успевате да го стесните изборот на две парчиња. Едното е класичен мал црн фустан, а второто е лелеав фустан со украси од штрас и светки. Бидејќи вашиот буџет не може да ги покрие двете, со што би ви се олеснило донесувањето одлука, сега размислувате дали ќе ја изберете варијантата што можете да ја носите и во канцеларијата или пак посвечената варијанта?

Заради економската криза, која многумина ја чувствуваат, производителите на облека последниве три години се обидуваат да утврдат што е она без кое не можат да живеат дури ни оние со најтенок паричник.

Значи, кога економијата почнува да пропаѓа, каков ефект остава врз нашата облека?

Во контекст на основните животни параметри и влијанието на економската криза експертите се позанимаваа и со врската меѓу економијата и модата, за која смислија нов термин – индекс на порабувањето.

Според оваа теорија, должината на здолништето се продолжува или се скратува во согласност со движењето на акциите на берзите. Се разбира, доколку ова беше вистина, последниве три години постојано ќе се сопнувавме од поработ на нашите фустани.

Модните циклуси сега многу побрзо се менуваат, поради што ова „правило на порабувањето“ не е секогаш прифатливо. Но вториот економски индикатор – линијата на карминот – е многу позабележлив.

Во време на криза, жените избираат еден впечатлив детаљ, најчесто изразито црвен кармин, наместо комплетно нова облека. Тоа е доказ за тоа како големите козметички компании успеале да опстанат и во услови на најтешките економски кризи. Оние што се разбираат во мода велат дека сега е време на инвестициско облекување.

Основното прашање на таквиот шопинг гласи: „Дали ова ќе потрае?“, по што следува избор на поскапа/поквалитетна облека на сметка на поевтина/понеквалитетна.

Друга идеја-водилка во економичниот шопинг е избор на повеќенаменска гардероба, која може да се носи на повеќе начини и лесно да се комбинира со преостанатата облека.

Стилот на беспарицата

Повеќето од нас се облекуваат во согласност на расположението. Значи, во која мера економската депресија повлијаела врз нашиот стил на облекување?

За почеток, сè повеќе жени ѝ се вратија на облеката шиена по своја мера, како и на класичните парчиња што можат да се носат во повеќе пригоди, без разлика на моменталните трендови.

Генерално, се забележува дека кроевите и боите на облеката станаа многу поедноставни. Уште еден неизбежен ефект на економската криза е тоа што модните следбеници станаа поимагинативни во осмислувањето на сопствениот стил. Некои дури почнаа и сами да шијат облека и да изработуваат модни детали.

Ако луѓето не можат да купат сè, тогаш порадо ќе изберат чанта или чевли, а за остатокот сами ќе се погрижат – обично со преправање на постоечката гардероба и со додавање детали.

Потенкиот паричник ги поттикнува луѓето да бидат поселективни во трошењето и покреативни во сè, па и во облекувањето.

Факторот на луксуз

И покрај повторно оживеаниот тренд „направи сам“, произведувачите скапа облека го преживеаја првиот бран на кризата. По иницијалното опаѓање на продажбата, веднаш по крахот на акциите на берзите, многу луксузни брендови забележаа брзо закрепнување, дури и покачување на заработувачката.

Во тоа постои одредена логика. На пример, реномираниот производител женски чанти „Малбери“, чии производи важат за вонвременска класика, профитира во време на криза. Упатените сметаат дека причината е јасна – ако веќе одлучите да потрошите многу пари, тогаш ќе купите нешто што ќе ви трае со генерации, како што се овие чантички.

Долгиот период на криза ги принуди купувачите да се свртат кон поудобна гардероба, особено на онаа изработена од волна. Џемперите со едноставен крој и без детали се актуелни веќе неколку сезони. Квалитетниот волнен џемпер може да се носи и до десет години, а во него секогаш ќе се чувствувате пријатно и добро им прилега речиси на сите.

Моментално, генералното расположение е еднакво луксузно како и незадолжително, а се манифестира на материјали како што се кадифе и волна, и во бои како што се темноцрвена и темнозелена. Поентата е во придушеност и скромност, а не во нијанси и модели што привлекуваат внимание. Во социолошки контекст, сега е многу поприфатливо да носите нешто што сте го носеле и лани, како и да не облекувате комплетно нова гардероба во секоја свечена пригода. Забележливо е дека сè повеќе луѓе, вклучувајќи ги и припадниците на високите општествени слоеви, купуваат облека од мас-брендови („Зара“, „Манго“, „Пикокс“).

Мас-брендовите нудат спас

Во немилосрдната битка што мас-брендовите ја водат за нашите пари изгледа дека никогаш не било поповолно време за купување во нивните продавници.

Освен со цени и со подобар асортиман, креативните директори на овие компании поголемо внимание сакаат да привлечат соработувајќи со водечките модни дизајнери за да ја придобијат и високоплатежната клиентела, која тежнее кон луксуз.

Одамна е познато дека модата е начин да се избега од секојдневната монотонија, бидејќи дава шанса за утеха, забава и за релаксација. Иако некои луѓе сега помалку купуваат, шопинг-терапијата сè уште се покажува како делотворна.

Пазарот, без разлика на тоа колку е мал, овозможува добро чувство, а тоа е важно во тешките времиња. Брендовите што луѓето денес ги купуваат повеќе го одразуваат она што се носи на модните писти и на улица отколку економската ситуација и состојбата во паричникот.

Изгледа дека ни тешките времиња не можат да ја нарушат љубовта кон модата.

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.