Mоже ли да се спечи „создавањето“ на неталентираните луѓе?

Неталентираните живеат исклучиво од нашето внимание. Затоа, единствено што ни останува е да им го скратиме.

Сè е поголем бројот на самонаречените уметници, кои немаат талент за она со што се обидуваат да се занимаваат, но не само што не се откажуваат туку и агресивно ѝ се наметнуваат на јавноста. Има ли спас од нив?

Еден од феномените на нашата доба се неталентираните луѓе, кои, благодарение на медиумите, се вовлекуваат во сите сфери на јавната сцена. Тие се агресивни, здодевни, нападни – и успешни во намерата да се наметнат.

Целосно просечни, без посебен талент за нешто, тие цврсто одлучиле да станат познати. Уметноста им се сторила како логично решение, како најсигурна патека до успех, бидејќи тие ја доживуваат како поле на кое без многу напор се станува познат, признаен и богат.

Обичните занимања за нив, се разбира, не доаѓаат предвид, бидејќи цврсто веруваат дека се родени за големи нешта. И така, наместо чесно да си го заработуваат лебот зад некој пулт или во некоја канцеларија, тие благодарение главно на туѓите пари, се впуштиле во креативните дејности.

Самонаречени писатели

Прва на ударот на неталентираните луѓе, кои сакаат да се претстават како креативци, е книжевноста. Денес секој може да објави книга, само ако има пари да ја финансира. Писатели од сите насоки се намножија на полиците во книжарниците како печурки по дожд.

Луѓе што во ништо не успеале во животот нè советуваат како да живееме, да ги постигнеме своите цели, да се збогатиме. Тука се и книгите што до бесвест ги џвакаат женските теми – како да се улови маж, па како да се здржи, па како да се најде друг ако го загубиме првиот…

Популарни се и автобиографиите на луѓето чии животи никому не му се интереси освен на нив самите. Но најлоши се оние што претендираат да бидат сериозни писатели, па без размислување се впуштаат во белетристиката.

Рака на срце, на оној што може да си ја финансира книгата не може да му се забрани да ја објави. Не сме за цензура.

Сепак на стручните луѓе им пречи што лесната литература во медиумите и во очите на институциите има ист третман како и вистинската книжевност. Ништо повеќе не иритира од тоа кога на списокот на најчитани книги, покрај најзвучните книжевни имиња, ќе се најдат наслови што се промовираат во ТВ-емисии од забавен карактер и служат за разонода на народот. Книжарниците би требало да ги поставуваат стандардите и да го обликуваат вкусот на читателската публика, а не да му се „подлизуваат“.

Несериозно е кога во медиумите дотичните автори се потпишуваат како „водителка и писател“, „манекенка и писател“ и слично. Но сепак луѓето тоа го сфаќаат сериозно. Бидејќи ако телевизијата некого нарече писател, тој „мора да напишал нешто паметно“.

Од шопингхоличарка до дизајнерка

Меѓу ситуираните госпоѓи денес е особено популарно да се биде дизајнерка. Љубовта кон шопингот ја поистоветуваат со модната професија и цврсто веруваат дека се родени за тоа. Безгрижни, одеднаш посакуваат парите што некој друг ги заработил (најчесто сопругот!) да ги вложат во сопствен бренд наместо да ги расфрлаат во туѓи бутици.

Добро, тоа што и тие посакаа да заработуваат сепак е за пофалба. Меѓутоа модата е уметност, а да се занимаваш со неа е сериозна професија, за која талентираните луѓе мора да завршат соодветен факултет.

За жал, овие уметници во јавноста се сосема израмнети со аматери, чие знаење за модата се темели на она што е моментален хит во бутиците. И повторно истата приказна – кој има пари, има право да се нарекува дизајнер.

Глумци-рецитатори

Оваа категорија неталентирани посебно ги иритира припадниците на домашната кинематографија. Некогаш во филмовите големите глумци се појавуваа и во споредни улоги. Каде исчезна таа традиција? Кога стана важно за главната улога глумецот да биде убав?

Вистина, ние и сега имаме неколку млади актери што се појавуваат во одлични остварувања. Имаме и просечни, кои тешко дека ќе станат големи имиња, но не нè иритираат. Меѓутоа популарните серии едноставно наметнуваат ликови што, додека ги гледаме, ни предизвикуваат чувство на срам.

Се срамиме во нивно име. Нам ни е непријатно што невешто го изговараат текстот, но ним не им е.

Вистина, нам дополнително ни е непријатно и заради тоа што сериите во кои тие се појавуваат се во продукција на националните телевизии и се финансираат од нашите претплати.

Но сериите сами по себе не се лоши, иако се комерцијални. Во нив дури и глумат одлични глумци, па се прашуваме дали е возможно на „рецитаторите“ никој да не им каже дека не се на висина на задачата?!

Маѓепсан круг

Улогата на медиумите, особено на телевизијата, во создавањето на вкусот на публиката и во поставување на стандардите е голема. Затоа фактот што има многу ТВ-водители, кои, исто така, не се на висина на задачата е навистина тажен.

Токму тие ги промовираат квази-уметниците од сите профили. Ги канат во своите емисии, па заедно се смешкаат, се фалат и разменуваат комплименти. Просечниот гледач, кој никогаш нема да има можност да се појави на ТВ-екраните, на тој начин стекнува впечаток дека тие луѓе навистина се важни и дека нешто значат во заедницата.

Нечесно би било на овој феномен да му се даде локален карактер. Неталентираните луѓе не ја освоија само нашата сцена.

Меѓу најлошите книги во светот се и оние што ги објави Парис Хилтон. А ни Холивуд не е имун на убавите актери на кои глумата не им се силна страна.

Како да се победат?

Ништо не може да се направи за да се спечи „создавањето“ на неталентираните луѓе. Но нивно право е да се „создаваат“, а наше да ги бојкотираме. Замислете лекар што не знае да препознае симптоми на некоја болест, фризер што не знае да држи ножици во рацете, наставничка што не ја знае таблицата множење или автомеханичар што не знае како се отвора хаубата! Сигурно би ги заобиколувале во широк лак.

Па зошто тогаш би читале книга на полуписмен писател, би плаќале билет за кино за да гледате како некој се глупира или би купиле скап фустан од некое звучно име без никаква дизајнерска вредност?

Неталентираните живеат исклучиво од нашето внимание. Затоа, единствено што ни останува е да им го скратиме.

Текст: Наташа Човиновска

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.