М-р Ивана Хаџиванова: „Доколку утврдите дека се соочувате со одреден тип насилство во вашата партнерска релација, не молчете!“

Совети за личен развој

Подобрете ги партнерските релации со помош на советите на нашата стручна соработничка

Социјалните вештини најмногу доаѓаат до израз во конфликтни ситуации, кои според експертите, можат да бидат и корисни ако водат кон подобрување на меѓусебните релации. Како да ги подобриме односите со другите и да градиме здрави врски, ни открива м-р Ивана Хаџиванова, психолог, гешталт-психотерапевт, семеен-системски советник, ЕМДР практичар и основач на НЕОКОРТЕКС, Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

Како да се реагира во конфликтна ситуација?

Во текот на конфликт, луѓето често постапуваат на одредени начини што можат да го засилат конфликтот или дополнително да ги нарушат меѓусебните односи на подолг рок. Во ваква ситуација, обидете се да останете спокојни и да го контролирате афектот. Избегнувајте да носите одлуки во гнев или паника. Внимателно слушајте за да ја разберете и другата позиција. Слушањето со внимание и емпатија, а не само со цел да се одговори, креира внимателна и заемна комуникација. Бидете асертивни и имајте храброст јасно и отворено да ја изразите својата страна.

Избегнувајте обвинувања и токсичен критицизам, водете го разговорот во насока на заедничко разбирање. Секогаш бидете отворени за заедничко решение и општо прифатливи компромиси. Користете „јас“ изјави. Наместо да користите обвинувачки изјави, искажувајте ги своите чувства и потреби со реченици кои почнуваат со Јас. На пример, „Јас се чувствувам тажен кога…”, наместо „Ти секогаш правиш…”.

Многу луѓе имаат тенденција да ги одбегнуваат конфликтите. Зошто е тоа погрешно?

Избегнувањето на конфликтите може да доведе до кумулативни проблеми и нарушување на здравите интерперсонални односи. Потиснувањето на незадоволствата води до фрустрација и некогаш е причина за анксиозност. Конфликтот не е секогаш лош и негативен. Ако преку конфликтот се постигнат нови позитивни промени, и тој не се случува пречесто, може да се каже дека има и одредена корисна функција.

Кога конфликтите се чести и неефективни, врската станува токсична. Како да се излезе од таква релација?

Дел од превенцијата на дисфункционални и токсични врски е во самиот старт и изборот на партнер, но не можеме секогаш да го увидиме тоа така лесно и не можеме точно да предвидиме како ќе се развива личноста спроти нас. Иако, неретко постојат јасни црвени знаци, што од почеток силно алармираат, некои луѓе знаат вешто и долго да прикриваат одредени свои карактерни црти и тенденции. За добро да го изберете вистинскиот партнер, пред сѐ, треба да ги разберете своите вредности и потреби. Кога ќе разберете и дефинирате што е важно за вас, ќе бидете подготвени да го препознаете партнерот кој соодветствува на тие критериуми.

Важно е да дефинирате и што никогаш не би прифатиле и толерирале. За истово е потребно време, а помага и одредената зрелост и животно искуство. Неретко се случува да се игнорираат црвените знаменца, особено во фазата на заљубеност кога сме под наплив на хормоните и невротрансмитерите кои носат интензивно чувство на возбуда и задоволство. Затоа, добро би било да не донесуваме импулсивно големи животни одлуки во врска со партнерството, без да ја видиме реалната слика.

Како да се препознае токсичен партнер?

Добар совет е да го гледаме начинот на кој партнерот се однесува кон другите, особено кон пријателите, фамилијата и колегите. Би било од корист ако при запознавањето, се забележи и способноста за решавање конфликти. Како се однесува партнерот/партнерката кон конфликти? Дали е отворен/а за разговор и соработка во решавањето на проблемите, или користи агресивни методи? Дали ги става долго работите под тепих, па избувнува импулсивно и ја губи контролата? Анализата на комуникацискиот стил е многу важна, бидејќи таа е клучна за здрава врска.

МНОГУ ВАЖНО: доколку утврдите дека се соочувате со одреден тип насилство во вашата партнерска релација, не молчете. Зборувајте со најблиските лица од доверба, побарајте стручна помош и дополнителна заштита од организации, институции и центри доколку е потребно. Треба да се има предвид дека оправдувањето на насилството е опасно, а за жал голем број жени, како најголем процент од жртвите, имаат тенденција да чувствуваат вина, несигурност и да се преиспитуваат себеси.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Исчекорете од минатото: Совети од психотерапевт како да се свртите кон иднината и да продолжите понатаму
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.