Во кујната на Дејв: Дознајте како нашиот познат блогер за храна го уредил неговото омилено катче во домот!

Совети за реновирање кујна

Секогаш има за што да се зборува со Давор Панчевски и редовно ги полниме нашите гастро-содржини со неговите специјалитети, но најголемиот повод за разговор овој пат е неговата нова кујна

Неговата кулинарска приказна започнува во петто одделение кога подготвил француски палачинки. Оттогаш, секогаш кога имале гости дома, токму тој бил задолжен за десертот. Јавноста го запознава пред 8 години преку неговите страници на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, каде што е популарен под името Dave’s Kitchen. Денес, тој има споделено илјадници рецепти онлајн, го следат повеќе од 80.000 љубители на добрата храна, има издадено два готвачи, а неговата пасија за готвење никогаш не спласнува, напротив станува сѐ поголема.

Секогаш има за што да се зборува со Давор Панчевски и редовно ги полниме нашите гастро-страници со неговите специјалитети, но најголемиот повод за разговор овој пат е неговата нова кујна! Познатиот блогер за храна ни откри како изгледал процесот на уредување и што влијаело врз неговиот избор на елементи и бои, а неговите совети несомнено ќе ви бидат корисни, особено ако планирате да го реновирате ова катче во домот.

Спој на рустикално и модерно

Давор веќе ја имал во глава идејата за тоа каква кујна посакува и знаел дека изборот ќе падне на „Икеа“: „Процесот на уредување и набавка траеше неколку месеци, и тоа од две држави – Србија и Грција. Сам се погрижив за уредувањето и склопот на елементите, а персоналот од ’Икеа’ беше доволно љубезен за да ми помогне да го направиме списокот за набавка на потребните производи, со цел да ја реализирам мојата идеја.“

Сакал темна кујна, стакло и светол гранит како работна површина – совршен спој на елегантни, рустикални и модерни детали. „Она што отсекогаш го имав како замисла е светло во висечките елементи над ѕидните плочки. Дрвените вратички со стакло овозможуваат тоа визуелно да се долови“, објаснува Давор.

Покрај црната боја, суптилно се провлекува и златната боја во делот околу чешмата и рачките на вратичките и фиоките. И секако, работната површина е тронот во кујната на еден страстен љубител на готвењето: „Островот за работа беше задолжителен при планирањето на кујната. Под работната површина на островот има три елемента, каде што ги чувам најчесто користените алатки: чинии за сервирање, садови за матење, шпатули, дрвени лажици…“

Естетика VS практичност

Кујната треба да изгледа естетски убаво, но поважно е да биде практична. Го прашавме Давор како да се исполнат и двата услова: „Модерната кујна не треба да се натрупува со премногу работи. Исто, доволно е да доминираат две бои кои ќе ја одредат естетиката на кујната. Од досегашното искуство, сфатив дека најпрактична е кујната што располага со што повеќе фиоки, наместо вратички во долниот дел. Доколку е изводливо, секогаш препорачувам фиоки за подобра прегледност и уредување на кујнските апарати.“

Тој ни сподели уште неколку совети што би ви помогнале при уредувањето на кујната:

1. Во кујната секогаш треба да влегува природна светлина, доколку тоа е возможно според распоредот на домот.

2. Оставете поголем простор за работа – така полесно ќе можете да приготвувате вкусни рецепти.

3. Практичноста на „Икеа“ е одлична за реновирање, бидејќи лесно можете да го промените целиот изглед на кујната, без да потрошите многу пари.

4. Набавете само вратички и механизми на постоечките елементи и ќе ѝ дадете нов, модерен и естетски изглед на вашата кујна.

Трикови за чиста и средена кујна

Готвењето е забавно, но знае да биде и хаотично. Понекогаш средувањето на кујната по некој кулинарски експеримент може да одземе повеќе време и од самиот процес на приготвување, па сигурно се прашувате како на некои луѓе им успева да ја одржат оваа просторија секогаш чиста и средена. Нѐ интересираше дали Давор е од оние што прават неред кујната или, пак, е педантен по тоа прашање? „Кујната е мојот простор за работа и сакам секогаш да биде чист и уреден. При уредувањето на станот, најголем акцент ставив на кујната и за мене, таа е најважната просторија во домот. Со добар план, сметам дека лесно може да се организира готвењето без да се направи посебен неред. Многу полесно е да се исчисти неред од само еден рецепт отколку од десет што се приготвувале во текот на една недела.“

Покрај добрата организација, и деталите даваат свој придонес за чист и среден изглед на кујната: „Често знам да го освежам изгледот на кујната со свежо цвеќе. Не само што ѝ дава посебен изглед, туку и позитивно влијае врз расположението во домот“, советува Давор.

Тој ни откри и кое било првото јадење со кое направил „неред“ во новата кујната: „Првиот рецепт беше тортата Мики Маус. Рецептот сѐ уште не е споделен на социјалните мрежи, но ветувам дека наскоро ќе го направам тоа. Покрај оваа торта, приготвив и многу брзи вкусни идеи за појадок со тортилји, потпечени сендвичи и брзи торти без печење“, набројува тој, а ние со нетрпение чекаме да ги испробаме сите овие вкусни деликатеси.

Готвењето продолжува…

Давор секогаш е расположен за готвење, ние (а сигурно и вие) секогаш сме расположени за дегустирање – па сакавме да знаеме што можеме да очекуваме следно од новата кујна на Дејв: „Наскоро следи бура од превкусни рецепти кои, пред сѐ, ќе бидат практични и лесни за приготвување. Сѐ уште не сум го дефинирал планот како ќе се одвива целиот процес, но планирам готвење во живо на Инстаграм, нови Reel видеа и полека го подготвувам третиот готвач, кој би требало да излезе во продажба кон крајот на оваа година.“ 

Десерт што ќе ве одведе во Италија: Сицилијански каноли
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.