УРЕДУВАЊЕ: Обојте го својот дом

Доколку сметате дека не се снаоѓате во изборот и комбинирањето на боите во ентериерот, во продолжение ќе најдете совети што ќе ви помогнат.

Изборот на боите е еден од најважните чекори во уредувањето на внатрешниот простор. Притоа, не постојат строги правила што мора да ги следите, што за едни е идеално, а на други им задава главоболки. Ако спаѓате во втората група, помош во креирањето на колоритната палета ќе ви биде добредојдена. Постојат многу начини да го направите тоа успешно, а ние подготвивме неколку предлози и сугестии.

ПРОНАЈДЕТЕ ИЗБОР НА ИНСПИРАЦИЈА

Ако во уредувањето на просторот почнувате од нула, одличен почеток за дефинирање на колоритната палета е разгледување фотографии на ентериери во списанија и на интернет. Направете колекција од вашите фаворити и анализирајте ги – забележувате ли дека се повторуваат одредени тонови или комбинации на бои? Кога ќе ги забележувате колоритните шеми што преовладуваат, тие нека ви бидат појдовната основа за понатамошна анализа.

Вториот чекор е да направите селекција помеѓу избраните бои. Фактот дека ви се допаѓа некоја нијанса, не значи дека ќе изгледа добро во вашиот ентериер. На тоа ќе влијаат специфичните карактеристики на вашиот простор – големината, количеството дневна светлина, ориентацијата. На пример, топлите нијанси ќе изгледаат одлично во добро осветлени простории, додека за оние што се ориентирани кон север, не се најдобриот избор.

Исто така, она што е важно е каква атмосфера сакате да постигнете – разиграна, сериозна, релаксирачка?

Друг начин да ја дефинирате палетата е да се потпрете на предмет што веќе го имате, а кој сакате задолжително да биде дел од вашиот ентериер. Тоа може да биде уметничко дело, квалитетен тепих, впечатлива софа – кога ќе го одредите централниот детаљ, потпрете се на неговите бои во изборот на колоритот за остатокот од просторот. Се разбира, и во овој случај при изборот на нијансите земете ги предвид карактеристиките на просторот.

РАСПОРЕДЕТЕ ГИ БОИТЕ

Кога ќе ја дефинирате колоритната палета за просторијата што ја уредувате, следното прашање со кое треба да се позанимавате е како да ги распоредите боите. Врз основа на осветленоста на просторијата и ефектот што сакате да го постигнете, одлучете колку ќе бидат застапени темните и интензивни нијанси, а колку светлите и неутрални.

Неутрална светла основа со колоритни акценти во вид на детали е најсигурна опција. Ако сакате мирна, релаксирачка атмосфера, можете исто така да се задржите на неутралните тонови, играјќи само со нивните различни нијанси.

Од друга страна, колку посветол и подинамичен амбиент сакате да постигнете, толку повеќе бои треба да внесете во просторот. И на крајот, ако сакате да постигнете драматичен ефект, интензивните и темни бои нека бидат доминантни. Но внимавајте – со нив лесно се прават грешки, а ако просторот не е доволно голем и светол, боите може да го „задушат“.

Покрај застапеноста на одредени нијанси според опишаните критериуми, при изборот на боите на конкретните елементи треба да ги земете предвид вашата финансиска состојба и предвидениот „рок на траење“ на вашиот ентериер. На пример, ако сте избрале бои врз основа на актуелните трендови, водете сметка тие да се застапени само на елементите што ќе бидат лесни за замена, без големи трошоци.

Тоа се, на пример, бојата на ѕидот, декоративните детали и слично. Од друга страна, за елементите како што се софа и волнен тепих, кои не се менуваат многу често, треба многу внимателно да изберете боја за која сте сигурни дека нема да ви здодее во скоро време. Ако не сакате да ризикувате, секогаш сигурна опција е за скапите елементи, кои траат со години, да изберете неутрална боја, а промените во амбиентот лесно можете да ги направите со замена на деталите.

УШТЕ НЕКОЛКУ КОРИСНИ СОВЕТИ

Доколку уредувате цел стан или куќа, не мора да се придржувате до истиот колорит низ целиот ентериер – потребно е само целините во истиот простор да бидат колоритно усогласени. Сепак, се препорачува да се определите за тема и карактер што ќе се провлекуваат низ целиот простор, бидејќи сите простории треба да формираат една целина – вашиот дом. Тоа сигурно нема да го постигнете доколку за едната просторија одберете на пример пастелни нијанси, а за другата комбинирате примарни бои.

Во просториите во кои ѕидовите се колоритни акценти, грешка што често се прави е што прво се бои ѕидот, а потоа се купуваат преостанатите елементи. Меѓутоа, секогаш треба да го правите спротивното – набавете ги софата, тепихот и другите елементи што значително влијаат на бојата, па на крајот усогласете ја со нив нијансата на вашата посакувана боја на ѕидот.

Причината е многу едноставна: професионалците можат да ја тонираат бојата на ѕидот со исклучителна прецизност, додека при изборот на мебелот и на другите елементи, изборот на боите може да биде ограничен. Значи, јасно е што од овие две работи е полесно да се приспособи.

Просториите што се ориентирани кон сончевата страна ќе заблескаат во топли нијанси, додека за оние што се свртени кон север подобар избор се ладните тонови. Елементите што нема да ги менувате долго време, како софата, најдобро е да бидат во неутрална боја што нема брзо да излезе од мода, додека со трендовските бои можете да си играте кај деталите.

Текст: Н. Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.