Совршена функционалност: Принцип на работен триаголник во кујната

Кујната е една од најизискувачките простории во поглед на функционалната организација. Доколку ви претстои реновирање или преселба, сигурни сме дека нашиот водич, врз основа на принципот на работниот триаголник, ќе ви помогне при нејзиното планирање.

Функционална кујна подразбира распоред на уредите и апаратите, работните површини и елементите за складирање, кој е усогласен со следниов редослед на активности за време на приготвувањето на храната: приготвување на намирниците (фрижидер и работна плоча), термичка обработка на храната (шпорет и рерна) и миење на садовите (мијалник и машина за миење садови).

Кога елементите за секоја од нив се распоредени во согласност со опишаниот процес, може да се забележи триаголна траекторија на движење при приготвувањето на храната.

Така настанува принципот на работен триаголник, кој треба да биде основната насока при планирањето на кујната. Обликот на работниот триаголник зависи од обликот на кујната, условен од обликот и димензиите на просторот во кој се наоѓа таа. Според распоредот на елементите, постојат пет основни облици на кујна: линеарна, паралелна, L, U и G-кујна, а секоја од нив може да се комбинира со остров.

Заради едноставност, овде ќе се задржиме на основните облици, за кои во цртежите се прикажани работните триаголници.

1 ЛИНЕАРНА КУЈНА

Линеарната кујна како решение се наметнува во тесни, издолжени простории, и најчесто во мали станови, како дел од отворена дневна зона. Кај неа, работниот триаголник е претворен во линија.

2 ПАРАЛЕЛНА КУЈНА

Елементите се распоредени во две паралелно поставени низи: двете „темиња“ на работниот триаголник се наоѓаат на едната, а третото на спротивната страна од кујната. Без оглед каква комбинација ќе изберете, овде е лесно да се исполни принципот на работниот триаголник.

3 L-КУЈНА

Елементите се распоредени во непрекината низа како во линеарната кујна, но тука таа низа се свиткува под прав агол. Благодарение на тоа, можно е да се формира работен триаголник, така што оваа кујна обично може многу едноставно да се организира.

4 U-КУЈНА

U-кујната генерално e резервирана за поголеми простори, што пак од друга страна значи дека нејзината организација е многу едноставна. Трите низи на елементи обезбедуваат да има доволно простор за секоја активност.

5 G-КУЈНА

Овој вид на организација е во основа ист како и кујната во форма на буквата U, само што овде на располагање има дополнителен простор за работа и за складирање.

 

Текст: Б. Стојменовиќ

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.