Вкусен афродизијак: Три специјалитети што го зголемуваат либидото и претставуваат вистинско уживање за непцата!

Гастро-блогери

Испробајте ги рецептите на нашите гастро-блогери…

Афродизијаците го добиле името по грчката божица на љубовта Афродита и се верува дека можат да ја зголемат сексуалната желба. Голем број истражувања ја покажале врската помеѓу одредени типови храна и либидото, но дали таа навистина функционира? Испробајте ги нашите рецепти и дознајте!

1. Поширани круши

Според Дејан Главчев (@glavcevdejan), мозокот е најголем афродизијак, бидејќи прво јаде окото, а потоа устата: „Ако сакате да ги изненадите саканите, мора да се потрудите околу изгледот. Едни од најсилните афродизијаци се чоколадото, бадемите, алкохолот, медот, циметот, ѓумбирот, а јас сите тие ги склопив во овој вкусен специјалитет!“

Состојки:

За пошираните круши:

  • 2 круши
  • 0,5 л црвено вино
  • сок од еден портокал + кората
  • 1/2 лажиче цимет
  • 2 лажичиња мед
  • 3-4 парчиња каранфилче
  • мало парче ѓумбир

За топеното чоколадо:

  • 100 г бело или црно чоколадо
  • 50 мл слатка павлака
  • карамелизирани бадеми
  • 30-40 г бадеми
  • 1 лажиче шеќер

Приготвување:

1. Сите состојки за пошираните круши се ставаат во едно длабоко тавче/тенџере на тивок оган, да крчкаат 30-40 минути (доколку крушите не се целосно покриени, превртувајте ги на секои 10 минути).

2. Откако ќе омекнат, се оставаат да се оладат во самата смеса, потоа се процедуваат и остатокот од виното се става на тивок оган да се редуцира, додека се добие сируп за да се направи убав сос.

3. Во меѓувреме, се приготвува чоколадото така што се загрева слатката павлака и се додава чоколадото, кое се растопува со постојано мешање. Потоа се остава во фрижидер да се стегне, за да може да се обликува.

4. Бадемите се сечкаат покрупно, се потпекуваат малку, се додава шеќер, па постојано се меша додека се растопи шеќерот. Се оставаат да се оладат и стегнат, па се блендираат.

5. На крајот, се послужува така што како подлога се става чоколадото, па карамелизираните бадеми. Врз нив се става крушата и се полева со сосот од виното. Уживајте!

2. Мини-палачинки со чоколадни капки

Чоколадото содржи фенилетиламин и серотонин, невротрансмитери што го подобруваат расположението, ја стимулираат сексуалната желба и предизвикуваат еуфорија. Доволно причини за да ги пробате љубовните мини-палачинки на Мартина Трајковска (@martinas_healthy_kitchen)

Состојки:

  • 1 јајце
  • 50 г банана
  • 1/2 лажиче екстракт од ванила
  • 20 г протеин
  • 1/2 лажиче цимет
  • 1/2 лажиче прашок за печиво
  • 30 г овес
  • 60 г бадемово млеко
  • 10 г чоколадни капки
  • кокосов спреј

За декорација:

  • 10 г протеин од ванила
  • 10 г бадемово млеко
  • 20 г јаворов сируп
  • 30 г банана
  • 50 г јагоди
  • 10 г путер од кикиритки
  • 2 г чоколадни капки

Приготвување:

1. Сите состојки за палачинките се ставаат во еден сад, освен чоколадните капки, и се блендираат.

2. На тавче за палачинки се прска насекаде од спрејот и се додава по малку од смесата за да излезат мали палачинки. Во секоја од палачинките се додаваат по 4 чоколадни капки.

3. Се пржат околу 1 минута на средна температура, па се превртуваат. Кога ќе бидат готови, се ставаат во чинија.

4. Настрана, во длабок сад, се мешаат протеинот од ванила и млекото за да се добие пудинг.

5. Палачинките се полеваат со протеинот, јаворовиот сируп, бананата, јагодите (доколку имате калап во форма на срце, можете така да ги исечкате бананата и јагодите), путерот од кикиритки и чоколадните капки.

3. Печено сирење Caprice des Dieux

Романтично и секси е времето поминато за дотерување, додека јадењето е во рерна, цела куќа мириса магично, а виното се лади во фрижидер. Оваа закуска на Ивана Темелкоска (@madmona7) е полна со афродизијаци: „Сирењето Caprice des Dieux (каприц на боговите) е слично на камембер и бри, со расцутена кора, совршено за комбинирање со слатки овошни вкусови и вино или шампањ.“

Состојки:

  • 300 г замрзнато мешано шумско овошје
  • 50 г мешавина од јатки (бадеми, ореви, ф’стаци)
  • 2 лажици мед
  • 1 лажица маслиново масло
  • неколку гранчиња свеж рузмарин
  • тостирани парчиња леб или крекери по желба

Приготвување:

1. Загрејте ја рерната на 200˚Ц. Во тава широка околу 15 см, ставете мрсна хартија за печење, a на средината ставете го сирењето.

2. Околу сирењето ставете го шумското овошје (доколку е замрзнато, одмрзнете го претходно и исцедете го најголемиот дел од сокот).

3. Посипете ги сирењето и овошјето со масло и мед и на крајот поросете ги со исечканите јатки и рузмаринот.

4. Печете го сирењето десетина минути. Сирењето ќе биде растопено и врело однатре, па внимавајте да не се изгорите при сервирањето. Добар апетит!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Оброци за енергија: 5 одлични предлози што ќе ви дадат сила да се справите со сите предизвици!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.