5 митови и факти за глутенот

Во денешно време, постојат различни видови на диети, а се промовираат и трендови на водење на здрав живот со здрава исхрана. Ефикасноста на некои од тие диети е потврдена и поткрепена со факти, но ефикасноста на некои диети и воопшто не е.

Кога се работи за глутенот, како важен елемент во многу диети и “правилници” за водење на здрав живот, во последно време станува сè позбунувачки за тоа дали да се избере леб со или без глутен. Порано се знаеше, имавме да одбереме од два вида на леб, и тоа: бел, односно од бело брашно и црн, односно од интегрално брашно. Сега изборот на леб е далку поголем од порано, со тоа што има огромен избор на видови леб не само од бело или интегрално брашно туку и леб без глутен. Но, најпрво треба да разјасниме што е глутенот? Глутенот е всушност протеин кој се наоѓа во житарките како пченицата, овесот, јачменот и ‘ржта. Па така, глутенот е присутен и во се што е направено од овие житарки. Во продолжение ќе ви ги претставиме некои од митовите за глутенот кои можеби се наметнати, но се далеку од вистинити.

Мит 1: Глутенот дебелее

Глутенот не е ништо друго освен протеин кој се наоѓа во житарките, а со тоа и во поголемиот дел од храната што ја конзумираме. Тешко дека глутенот е тој што дебелее, повеќе би рекле дебелеат вишокот на калории што ги внесуваме. Има производи кои не содржат глутен, а дебелеат. Фактот што некои производи кои се безглутенски, а дебелеат, е тоа што во нив има повеќе шеќер, кој е всушност главниот виновник за добивањето на вишокот килограми, а не самиот глутен.

Мит 2: Глутенот е штетен за вашиот дигестивен систем

Да, може да биде штетен за дигестивниот систем но, само кај луѓето што имаат испитана и докажана интолеранција на глутен, луѓето кои боледуваат од автоимуното заболување „целијакија“, луѓето што се алергични или хиперсензитивни на глутен. Да разјасниме дека целијакијата е автоимуно заболување каде што организмот погрешно го препознава глутенот како „туѓо тело“ и го напаѓа во тенкото црево со што ги уништува цревните ресички кои пак се задолжени за апсорпција на хранливите материи од храната. Во сите други случаи ниту е докажано ниту е научно поткрепено дека глутенот е на било кој начин штетен за дигестивниот систем. Би рекле дека полоши за дигестивниот систем се шеќерите што храната ги содржи и нивното прекумерно конзумирање.

Мит 3: Глутенот влијае на вашата енергија

Глутенот воопшто не влијае на вашата енергија, побрзо би кажале дека нездравата храна, храната полна со шеќери е таа што ви ја исцрпува енергијата. Тврдењата како тоа дека на телото му е потребно повеќе енергија да го процесира глутенот во организмот не се воопшто научно поткрепени и со тоа не можеме да тврдиме дека се точни и дека тоа е причината за губењето на енергијата. Всушност храната што е од интегрално потекло е побрзо сварлива, на организмот не му треба многу енергија да ја процесира, a со тоа и вашата енергија во текот на денот нема да се намали.

Мит 4: Храната со глутен не се смета за здрава храна

Всушност храната која содржи глутен не можеме да ја сметаме за нездрава храна, затоа што според нутриционистите и експертите за здрава храна, храната која е преработена или конзервирана се смета за храна која навистина не е воопшто здрава. Затоа исклучувањето на глутенот од вашата диета нема да ви овозможи „добра диета“ или здрав режим на исхрана.

Мит 5: Луѓето со целијакија сепак може да јадат малку глутен

Дури и најмалата количина на глутен за луѓето што ја имаат оваа автоимуна болест може да им направи проблеми. Затоа препорачливо е луѓето кои боледуваат од целијакија да го одбегнуваат внесувањето на храна богата со глутен. Се надеваме дека ви помогнавме околу фактите и митовите околу глутенот, за неговите својства и за тоа како влијае врз организмот. Едуцирајте сè пред да планирате каков вид на храна ќе внесувате или од каква храна ќе се состои вашата диета. Ако немате здравствени проблеми тогаш наш совет е воопшто да не се грижите околу внесувањето на храна која содржи глутен.

 

 

 

 

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.